четврток, 12. декември 2019. Вести денес: 0
home Колумни

Игра на кратко паметење

Игра на кратко паметење

Бидејќи играта „All In” коцкањето со својот народ, за најзначајните национални интереси, поради влез, или датум за преговори со ЕУ е изгубена, иако со тоа никој не треба да се коцка, економијата на државата е целосно уништена, а сега се повлекува и политичарот кој беше задолжен за неа- Кочо Анѓушев. Наместо владеење на правото и правна држава имаме највисок степен на корупција на Балканот и пошироко, сега треба да го заборавиме тоа и да поминеме на некој нов план. Важно е да да завршат изборите и да се добие што е можно подобар резултат. Таа игра во политичката теорија се вика „кратко паметење“. Тоа значи дека споменатите работи не треба да се потенцираат, дека други се виновни за тоа што не сме добиле датум, дека се покренати истражни или кривични постапки против скоро сите високи функционери во власта, освен против „Светите крави“ кои вешто ги менаџираат тие процеси, со правосудството кое е “отворено како пупка”, дури и се прислушува за секој случај.

Како да не беше ветено дека просечната плата ќе биде во висина на 500 евра, што после сите поскапувања и не е нешто посебно, дека плата на лекарите специјалисти, кои најмасовно си заминуваат од државата ќе биде 1500 евра, а здравството е целосно руинирано,  субвенциите на земјоделците се веќе минато, пензиите не се покачени три години. Странски инвестиции скоро да нема, а тој тренд сеуште оди во надолна линија. Ако се набројуваат сите ветувања на власта нема да може да се заврши овој текст. Има и такви кои се ветени, исполнети па укинати, како што е рамниот данок. Во услови кога сите земји во регионот имаат рамен данок, нашата власт го укинува, поради што државата до сега изгуби дванаесет милиони евра и никој не одговара за тоа. Слоганот “За живот” се избегнува за да се заборави што е можно побрзо.

Но она што најмногу боли е потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој се смени името, историјата, културата, образованието, идентитетот, се избриша македонската националност, се погази националното достоинство и сето тоа спротивно на волјата на народот изразена на 30-ти септември 2018 година. Сеуште боли и насилната промена на уставот со цел да се смени уставното име, за чија цел се користени државни институции да се закануваат и уценуваат пратеници и други граѓани, да конструираат монтирани процеси, со цел по секоја цена противуставно и противзаконски да се смени “на балкански начин”.

Затоа, 12 Април 2020 нема да бидат предвремени парламентарни избори за избор на пратеници во Собранието на република Македонија, тоа ќе биде референдум на кој народот ќе ги казни сите погубни политики на оваа власт, која поради сериозна корупција, недоволни реформи и неуспешно имплементирање на постоечките не доби ни датум за преговори со ЕУ иако тоа беше на прво место во референдумското прашање.

Бојкот не може да помине на парламентарни избори. Такво нешто не се случило од осамостојувањето на Македонија. Народот не е толку наивен, тој знае дека на тие избори може да ја промени судбината во своја корист или целосно да ја погреба државата. Задолжувањата одамна поминаа 50 % од GDP, а Заев најавува задолжувања над 65 % од Бруто домашниот производ. Над милијарда евра се предвидени за јавната администрација од досега најголемиот буџет во историјата на државата кој е 3,9 милијарди евра што ќе значи  банкрот во блиска иднина. Средствата кои се предвидени пред се за плати и пензии како политички маркетинг пред изборите, немаат покритие, пред се во развојот на економијата, за кој се предвидени минимални 3 %. Просветните работници нема да го сменат своето мислење за 2000 денари месечно, ниту пак пензионерите за 700 денари, а во минатите три години изгубија 1800 денари секој месец, дотолку повеќе што после изборите приходите нема да им се зголемат со години, поради презадолженоста на државата. Не, тоа не поткупување туку понижување на овие таргетни групи во општеството кое дефинитивно не е еднакво за сите.

Да не биде погрешно сфатено, но малите партии нема да направат резултат на следните избори. Тоа е повеќегодишна пракса во Македонија. Секогаш тие само одземале дел од гласовите на десната или левата опција, но гласачот  се водел од мислата дека е подобро гласот да го даде на некоја од големите партии отколку тој да му пропадне. Секако СДСМ не може никако да се надева на гласовите од албанскиот кампус, бидејќи тие се понезадоволни од македонските гласачи поради неисполнетите ветувања и помасовно ја напуштаат земјата од другите етнички групи, а на минатите парламентарни избори им испорачаа солидна бројка.

Од друга страна ВМРО ДПМНЕ ќе настапи со нов, неизвалкан и способен тим. Претседателот Христијан Мицковски е човек со рекорден раст на рејтингот, за неполни две години од неговиот избор. Зад себе го има челичниот и целосно посветен Генерален секретар Игор Јанушев, еден од најдобрите кадри во партијата на сите времиња. Зад нив стои еден млад тим како што е Владимир Неловски лидерски докажан како претседател на УМС во два Мандати, понатаму, Секретарот за меѓународна соработка, врвен интелектуалец и полиглот Тимчо Муцунски, неуморниот Орце Ѓорѓиевски кој е подготвен дваесет и четири часа да помине на терен и портпаролот Димче Арсовски, кој на пресови, во колумни, а богами и во дуели ги вади документите за криминалите на неговите противници. Тука е и актуелната Дафина Стојановска која може да се справи со секој противник и да му докаже дека води лоши политики, понатаму стабилната претседателка на Унија на жени Благица Ласовска и една плејада на врвни интелектуалци, кои кога ќе се појават на листите ќе им ја олеснат работата на гласачите.

Сепак мора да се внимава внимава другата страна да не ги намести изборите, за што покажа неверојатна умешност на минатите локални избори, а сега гледаме дека сака да ги укине алфите, да ги смени внатрешните акти на МВР и други активности во таа насока.

Александар Даштевски