недела, 17. октомври 2021. Вести денес: 247
home Колумни

Храбри кукавици

Храбри кукавици

Си биле еднаш едни кукавици. Најчесто го правеле она што најдобро знаат – кукале (во опозиција), ама одвреме-навреме преку продажба на национални светии добивале шанса да бидат и „храбри.“ Ко Кире Бананамен ко ќе лапне бананче, или Астерикс напитокот на друидот, нашите храбри кукавици ќарувале власт и оп – за секунда од плачковци се трансформирале во демек јунаци. Имале и десет заповеди, ѕвезди водилки во злодејанијата. Омраза, репресии, затвори, притвори, судења, притисок, заплашување, уцени, поделби и корупција. Да, ова се десетте северџански заповеди, проверено и цврсто докажано минативе четири години. Оти, поинаку и не знаат чедата неспособни, возљубени во парата и моќта, „храбри“ кукавици кои се крстеле во запад, чесни крадци, искрени лажговци. Оксиморони на куб, но и на две нозе, честопати и на четири, ко еден од врхушката им, Таполегов ли беше…

Сепак, сакале или не, но кукавичлукот постојано им излегувал на виделина, премногу доминантен бил за да го сокријат. Затоа, пак, најмиле една орда искомплексирани, лукративни судии и обвинители и станале инстант-мајстори во делење неправда, со која постојано, 24/7 народ плашеле и дисциплинирале.

Првиот опит им бил со уставобранителите од 27-ми април. И, им успејала финтата, колку и да била нечовечна, комуњарска, мизантропска, антимакедонска и забегана, ама стравот од судбината на несреќните македонски патриоти им ја чувал куќата (читај владата) на Заевци. И тоа траело и траело…

А некој на ова гледал со смешка, не само северџаните. Ја заборавиле соседите онаа старата која вели дека не треба да се радуваш кога мечката игра во дворот на комшијата. А таа, само чекала да заигра и во нивниот. И заиграла, набргу. Оти нечовеците Заеви се навикнале да сејат страв, превенирајќи рушење на нивната влада на стаклени нозе. Па, така, соочени со гневот и револтот на граѓаните од хоророт во пеколната модуларна стапица „склепана“ од  Коче и аминосана од Филипче, Стојанче и Заевче, удрија онака како што единствено и знаат. Со „стапот“ преку нивните наместени човечиња во полицијата, обвинителството и судот, Спасовчиња, Кацарски, Јовевчиња, Русковчиња и остала непресушна „ѓон-образ“ банда.

И едно прашање логично се поставува – дали 17 септември 2021 за Албанците е она што беше 27 април 2017-та за Македонците? Не од аспект на тежината и значењето на настаните, кои се со сосема раличен карактер за едниот и другиот народ, кој пак има иста несреќа да живее во држава со влада на чело со Заев и Ахмети, туку од аспект на примерот – што ќе ти се случи ако си против глупоштиите и неделата на Северна, т.е на Заевци?! Моментот на вистината за макијавелистичките, бескруполозни и хунташки владетели? А од другата страна на наместениот тас на „правдата“ се Бокиевци, Катици, Кичевци, Рашковци, Дончевци, Боромалборовци, Куртодудушовци, Шилеговци и многу други верни бандити северни…

Сепак, крајно време ли е сите да сфатат со каква забегана гарнитура си имаат работа во Македонија? Не ли им е јасно на сите жители на оваа напатена земја дека ова ќе биде наш „добар ден“, иднина и секојдневие се’ додека овие дилетанти и неспособњаковиќи се на власт? Не ли му е секому јасно дека Заевци се во паника од демистификацијата на нивната тотална неспособност и аматеризам, на страна и инфантилност филувана со Данинг-Кругероф ефект? Сфаќаат ли дека модуларните болници ја ремодулираа и целосно разголија бедната и грда бизнис-логиката на оваа далтонова банда? И сега, уплашени од пораз на локални избори кој ќе означи сериозен почеток на нивниот пад кој нема да заврши со меко атерирање, храбрите кукавици ќе гребат, касаат, плукаат и ќе направат се’, ама се’, за да не останат без власт, чин кој ќе ги направи глинени гулаби за органите на прогонот, „органи“ кои тогаш нема да бидат дел од наштиманиот, ненаситен организам на канибалските, аврамејски северџани…

Се сеќавате како паламудеа комуњарските волци скриени во шарено овчешко руво, дека промените почнувале од Центар? Епа сега, пак почнаа од центар, само не скопски туку тетовски, овојпат и нечиј Рубикон. А нашата коцка, е таа одамна е фрлена и се „тркала“ веќе 4 години, а со неа и ние – ни ваму ни таму, во некој грд, апатичен, рамнодушен и антимакедонски полусон. Да, време е за будење, крајно, а и најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Знаете, храбриот умира еднаш, а кукавицата илјада пати…

Локални избори 2021