четврток, 17. октомври 2019. Вести денес: 0
home Колумни

Готово е! Не, тукушто почнува

Готово е! Не, тукушто почнува

Што се случува со аферата Рекет и уривањето на СЈО, зошто дојде до ова и кои се последиците кои можат да се очекуваат?

Секако, со одобрение на најбитната Амбасада и акција во која учествуваат европски органи на гонење фатени се во рекет Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Зоки Кичеец. Според досега познатите податоци од јавното обвинителство за организиран криминал (ЈО) се работи за рекет од 1,5 милиони евра земени од Орце Камчев, а барани му се 8 милиони вкупно, но според податоци од терен досега се земени најмалку 5 милиони евра од повеќе богати бизнисмени.

Основ за рекет се информации, снимки и документи со кои располага СЈО и со кои бизнисмените се уценувани дека ако платат ќе се спасат од прогон, ако не за нив следи истрага и судење. Во време кога СЈО е кренато над уставот, страв и трепет во јавноста и кога се знае дека нивното обвинение автоматски значи и пресуда, а судење и нема,  ваквата моќ и закана за бизнисмените имала и тежина. Кога бара рекет некој кој секој ден седи и се слика со премиер, министри, шефица на СЈО… нема многу место за размислување.

Секако дека никој, а особено не итриот Орце Камчев не би дал 1,5 милиони евра на збор од Боки 13. За да се има гаранција за тие пари треба да гарантира некој силен и моќен од СЈО, а никој таму не одлучува и нема моќ да запре или нареди истрага освен Катица Јанева.

Во јавноста се прошири шпекулација дека сомнителна е и обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот Империја во кој е опфатен и Орце Камчев но, лично сум убеден дека таа не е дел од рекетот. Како што сум убеден дека пари се дадени за една друга обвинителка и обвинител за рекет на сопственик на фирма од Гевгелија. Да повторам, моќ да нареди и запре истрага од СЈО има само Катица Јанева. Лиле Стефанова не е во кругот на нејзините блиски и омилени соработници па, и тоа е само една од причините зошто не би ја вклучила во рекетот, а има и други. За разлика од Лиле Стефанова, другата обвинителка е нејзин омилен лик, и за муабет, и за забава и за се друго.

Дали случајно, но се деси Фатиме Фетаи на телевизијата на Боки 13 да изјави дека со ослободувањето на Орце Камчев од притвор и враќањето на пасошот СЈО заштедило осум милиони евра. Баш осум, и никако не е јасно како тоа се заштедиле тие пари.

Зошто Орце Камчев дал 1,5 милиони евра, а не ги дал другите 6,5. Затоа што чекал момент да излезе од притвор и почне контакти со свои моќни пријатели во Бугарија а, преку нив, со специјализирани европски институции за борба против организиран криминал кои се запознаени со случајот и отвараат предмет со наредба до Заев да не се меша и да обезбеди целосна дискреција на целата акција, особено затоа што во користење на парите од рекети има двајца негови пратеници . Сега, кога акцијата е јавна, Зеав денес се обидува да се спаси од последиците изјавувајќи дека тој знаел и порано за рекетот, па дури и дека го пријавил! Нормално, никој не му верува.

Акцијата е одобрена и од Амбасадата чиј проект е всушност СЈО, и која беше заштитник на СЈО и Катица Јанева. Соочени со корупцијата и рекетот Амбасадата заклучува дека нивната идеја и проект се претвориле во сопствена спротивност, во организиран криминал и решаваат да се стави крај на тоа. И крај на Катица Јанева.

По апсењето на Боки 13 и Зоки Кичеец гледаме дека во ОЈО се обидуваат да го задржат случајот на обвинение само за уапсените двајца, а никако накај СЈО и накај пратениците од СДСМ. Имајте на ум дека првиот човек на Јавното обвинителство е избран по предлог на СДСМ и има обврски кон нив, но тоа нема да помине. Амбасадата и европските специјализирани институции бараат акција до крај, или акција против оние кои се обидуваат да ги заташкаат главните учесници.

СДСМ е заглавен во криминал повеќе од било која влада досега, повеќе и од ТАТ кој му се случи на Бранко Црвенковски. Целиот нивни систем се темели на корупција и рекет, а СЈО им служеше за апсења на противниците, замолчување на критичарите и вртење на вниманието на јавноста од нивната корупција. Токму затоа Зоран Заев и СДСМ со сите сили се борат да се задржи сегашното СЈО со Катица Јанева на чело. Тоа е нивна проверена добитна комбинација. Така и беше, се до деновиве кога и СДСМ пере раце од Катица Јанева. На страна паразитите, за мене се впечатливи пишувањата на нивните што разбираат како Гордан Георгиев, Софија Куновска или Атанас Кировски.

Практично, смената на Катица Јанева и уривањето на СЈО е започнато со формирањето нова Антикорупциска комисија и префрлање на очекувањата од СЈО на нив и на Јавното обвинителство но, Катица Јанева и нејзините соработници не го забележаа тоа. Имаа друга работа.

Дали се знаеше дека Боки 13 рекетира и заработува милиони. Да, Зоран Заев и СДСМ го знаеа тоа со години, како и Финансиската полиција, и молчеле затоа што имале и лични финансиски интереси. Боки 13 има хрватски пасош и нерезидентна сметка во една наша банка, на таа сметка примал и по 2,5 милиони евра годишно од странство и никој не сакал да утврди од каде се тие пари. Со кредитни картички во Монако, Милано… плаќал дневно по 20.000 евра и повеќе за гардероби, златни саати, накити, и никој не реагирал. Добро знаеле дека парите ги врти со извесен Марко Мачак од Хрватска кој и самиот е предмет на сомневање заради перење пари. Дел од тие пари за перење потекнуваат и од семејството на Гадафи кое претходно имало обид за соработка и со еден наш ски центар, но понудата е експресно одбиена, а за истата е известена полицијата.

Кога некој без бизнис и професија има на сметка непоткрепени приходи во вакви износи, и вакви трошоци, цел град го знае тоа освен ако Финансиска полиција и власта на СДСМ не сакаат намерно да ги затворат очите. А Боки 13 е финансиер на СДСМ на последните парламентарни избори, како и на локалните во Карпош.

Во февруари годинава, лично разговарав за овие теми со обвинителка од СЈО но, немаше атмосфера за разговор. Мицкоски во март на ТВ гостување објави сознание за рекет во кој се вмешани СЈО со Боки 13 и пратеници, но никој не реагираше.

Дали е ова единствено сомевање за корупција и проневера на пари од страна на СЈО. Не, има цела листа за вакви дела. Еве, од мене, еден детал: плаќање на адвокат од Англија со износ од околу 250.000 евра без основ. А каде се парите, милиони евра, добиени како донација од амбасадите, од холандската и шведската на пример. Бившиот дипломат Арсим Зеколи денес лично го прозва холанскиот амбасадор да каже нешто за ова. Процесот тукушто почна, ВМРО има многу повеќе факти за десетина вакви дела и верувам ќе ги видиме на есен.

Дали е СЈО готово. Да, тоа е завршена работа и од септември вакво СЈО нема да постои, а од Катица Јанева раце испраа на прес конференција и нејзините колешки. Ленче Ристеска рече дека СЈО не е поединец, и тие продолжуваат со работа и авторитет кој го имале. Не, готово е. Без моќ да се закануваат на судии, на политичари, на новинари… СЈО е без основните алатки. Освен тоа, Катица Јанева не е само еден од обвинителите на СЈО, таа е нивни шеф и, за разлика од нив бирани од Советот на обвинители, таа е бирана во Собрание, како што се избира премиер па и построго од тоа, гласана со две третини гласови. А кога премеир ќе падне заради корупција, паѓа цела влада.

Дали Јавното обвинителство ќе спроведе детална и целосна истрага, па макар и да бидат апсени Катица Јанева и најмалку двајца пратеници од СДСМ. Сакам да верувам, иако не сум баш сигурен. Вилма Рускоска е писмен обвинител, за разлика од Катица Јанева, но тоа е само индивидуална претпоставка, таа не работи сама. Во Јавното обвинителство веќе се забележуваат ароганција, демонстрација на моќ и нагон за заплашување на другите кои беа карактеристични за СЈО, и покажаа неуспех. Нема потреба од ново СЈО од кое сите се плашат но, не му веруваат, и барање притвори за секоја своја истрага и напаѓање судии на прес конференции.

Последниот напад врз судија го направи државниот обвинител Љубомир Јовевски и тоа е опасен синдром, иако Јовевски ќе биде сменет по донесување на новиот закон за обвинителство во септемеври. Ја нападна судијката која донела ослободителна пресуда против мене по обвинение на СЈО за дивоградба, па дури се закани со судскиот совет покажувајќи јасна намера да биде и обвинител и судија, формула за дикактура и деспотизам.

Јас, во оваа прилика, му нудам спогодба на Јовевски: Ако најде еден, само еден случај некој во Македонија да е осуден за дивоградба ако дивоградбата не ја констатирал надлежен инспектор, и ако градителот патем има дозвола за градба и имотен лист, јас пред Апелација ќе признаам вина и ќе прифатам пресуда. Но, ако јас најдам најмалку три Решенија на обвинителство дека за ова не се покренува истрага по службена должност туку само по Решение на надлежен инспектор, тој да даде оставка и да не чека смена на есен. И додека добијам одговор чекам што ќе преземе обвинителството по допрен глас, кога советникот Усеини гради и отвара пицерија во Охрид, дивоградба на државно земјиште и во заштитена зона на УНЕСКО. За жал, јас немам ни милион евра ни функција во ДУИ или СДСМ.

За крај ја апострофирам изјавата на обвинителката Ленче Ристовска дека во нивниот случај Рекет морало да се почитува презумција на невиност, да се штити ликот и делото на осомничените. Па, како тоа не го знаела порано, лично беше на сите прес конференции на Фатиме Фетаи на кои се изнесуваа детали за истрагите и осомничените, како и измислени конструкции што се раскажуваа на одбрани новинари за потоа по портали да се понижуваат осомничените и да им суди улица наместо суд.

Но, ако, и накнадна памет е памет. Подобро задоцнето, отколку никогаш.

Колумна на Драган Павловиќ- Латас за  порталот Весник