четврток, 24. септември 2020. Вести денес: 0
home Колумни

Години на антинационално лудило, години за заборав…

Наравоучение од басната „Двете жаби“ на Езоп, 4. век п.н.е. : „Ништо во животот не треба да правиме, без притоа да ги имаме предвид последиците“...
Години на антинационално лудило, години за заборав…

Мина уште една година вредна за заборав. Реално, од хигиенски причини, не само 2019-ката, туку целиот период меѓу 1. јуни 2017. година и 12. април 2020-та ќе треба да го ставиме на некаков умствен стенд-бај, да го избришеме. Скроз…

Сосема случајно, нели, овој период се поклопува со стартот на неуставното оформување на Заевата демек влада, а завршува со денот кој треба да го означи збогувањето со истата таа антинационална направија.

Фер, убавите работи ги имаше и во меѓувреме, но само на приватен план, во и со семејството и пријателите.

Национално, сотреа се’ што допреа. Затоа што бескруплозната биљмеска констелација насила сместена на „Илинденска“ бр. 2, која орно се пресели од удбашкото гнездо на екс Бихаќка, не ни знае поинаку. Оти, од дилајли политичар не бива, а срцките толку многу сакат да бидат владетели, ама од „роѓење“…

Ако не верувате, прашајте го Зокија, Катица, Фросе, Кирацот, Рашко, Шилежето, Паки и остала банда. Небаре, прв впечаток ви е дека се работи за некоја екипа циркузанти или лоши комедијанти. Еден тресе зелени без усул, друг краде, трет фолира, четврт фризира, петти продава мадиња за бубрези, шести пие ко смук, седми шмрка итн. итн. итн.

Ако се прашувате – што сторивме за да заслужиме вакви дилајли, одговорот е – не сторивме, ама баш ништо. Но не позитивно, да не се разбереме погрешно. Ништо не сторивме, барем многумина, за да не бидат таму кај што се. А со мрчење и продавање пуфки, нема да биде подобро, дефинитивно.

Епа, ај да ја смениме прикаската и лентата, затоа што Спасовски и Царовска веќе почнаа да глумат Македонци и добија силен патриотски набој. Да не паднат на овие евтини марктиншки финти повторно дел од чедата „неопределни“ и да бидат дел од новата екипа „разоШарани“.

Како малечок, го сакав Езоп и неговите басни. Камо и дел од дилајлите да не застанеа на „Зоки Поки“ во наобразбата им, да се помачеа вклучувајќи ги мозочињата и да сфатеа барем дел од наравоученијата пренесени од „животинчињата“ Езопови.

Урбаната, македонска верзија на Езопова басна би била во оваа форма:

„Еднаш, во една шума си живееле многу животинки. Најразлични, од мечки до ежиња, од лисица до елен. Ко и во секоја шума и тие не се сложувале за се’, ама сепак си коегзистирале и колку-толку се почитувале.

Да, живееле на едно исто место, со векови почвата и судбината ја делеле. Го делеле и чувството на припадност. Имале и лоши и убави денови и периоди, не течело баш мед и млеко, ама тоа било нормално. Не биле ни пребогати, ни пресиромашни, ама биле свои на своето. Соседните шуми и полиња биле поголеми и секогаш настрвени кон нивната шума, но успевале да се одбранат и да останат свои. Не била идила прикаската, ама се си течело по природниот тек на нештата.

Арно ама, еден ден се’ се сменило. Се појавил еден безобразен зајак, кому некој однадвор му дал изим да прави бељи и владее.

„Ууууууу“, вознемирено викнале домородците, уплашени од апашот зајак кој во шумата бил познат по бескруполозноста, селската итроштина и тресењето зелени.

Силен вознемир внел безобразникот кој харал и плашел со бомби в ранчето, а дополнителен страв в коски им донела змијата, глуп смок кој сега со странска генетска модификација станал отровница, која беспоговорно го следела ушкото и постојано на сите што макар и ги погледнеле им пискала „Сдссссссссссссссссссссссссссссссссссс!“
И така, благодарение на бомбите в раце и змијата отровна, зајакот завладеал со шумата.

Тормозел, гњавел, фолирал, досадувал, умувал, унишувал, но и натаму зелени без престан тресел. Бил и многу самобедисан. Се правел дека знае да зборува мечешки, па јазовечки, следниот ден полиглотот со уши големи демек знаел и орловски… Затекнатите живи суштества на овие глупоштини си се потсмевале под мустаќ ил скришно, но стравот од заштитникот на долгоушестата досада ги спречувал да сторат што било.

Јес, од патот на љубителот на моркови се тргале мечките, лисиците, јазовците, а бегале и елените и ласиците. Волци никогаш не ни имало во шумата, можеби и затоа дошле на тоа дереџе со зајакот… Гавази, пак, му станале мисирките и кртовите, а најдобар поддржувач и партнер нашол во кукавиците.

Трагикомичната бурлеска шумска траела со години, тмурни времиња во кои зајакот успејал да внесе страшни поделби меѓу жителите и да урниса еден куп вредности кои биле свети за нив.

Го трпеле, трпеле и трпеле, само и само поради наметнатиот страв, кој деспотот долгоушест им го донабил со затворање на непослушниците.

Арно ама, еден ден зајакот почнал да приметува дека бомбата во неговото ранче одвреме-навреме престанува да отчукува, а змијата увидела дека нејзиниот отров слабее, па кого и да каснела, тој само со угриз од заби минувал.

Страшна паника ги фатила, дерман немале, па почнале да се молат под истото дрво кај ридот за нова помош. Сфатиле, пустите, дека вака нема да можат да владеат, силен страв ги фатил, око не можеле да склопат. Ама одговор немало, заштитникот ридски заминал…

Мислеле, мислеле и сковале нов план. Скришно, под закрила на ноќта со своите гавази ќе ископаат огромна јама, па еден по еден во неа ќе ги носат своите противници од шумата, ќе ги закопаат и во апс скришно чуваат. Планот на зајакот многу и се допаднал и на змијата, а кукавиците пукнале од среќа.
И копале, копале, а наутро со камуфлажа од лисја ја криеле јамата. Другите, кои ќе приметеле дека нешто муљаат, ги лажеле дека нашле рудник со злато и начин како да ја подобрат економијата на шумата и да ги дигнат пензиите и платите на жителите.

Завршиле со се’, а зајко бил најсреќен, страшен товар од плеќи му паднал. Ушите од милина му пораснале. Пукнал од убаини, па така во силен занес се залетал, ја гушнал змијата и со неа, така улетан, се сопнал и траснал во дупката, која сега била стапица и зандана без излез.

Тој почнал да писка, а змијата викала сдссссссссссссссссссссс, но биле претешки за да гавазите ги извадат. Така, соочени со реалноста, довчерашните им верни поданици итно си заминале по дома, без збор. Кукавиците, пак, во свој стил одлетале кај мечките и јазовците и издале што им спремале зајко и змијата.

Не ги извадиле никогаш, туку ги хранеле и чувале во новокомпоновата ќорка, а во нивна чест над нив изградиле јавни тоалети. Нивните имиња сега ја краселе новата јавна „установа“.

Оттогаш, никој во шумата немал проблем со празнење и стомачни тегоби од овој тип, со ќеф оделе во вецето и со милина си ја вршеле работата, токму над главите на довчерашните тирани.

И мир, повторно завладеал во шумата. Набргу, сите ги заборавиле зајакот и змијата…“

Наравоучениево е од басната „Двете жаби“, оригинал Езопова, од 4. век п.н.е. и гласи: „Ништо во животот не треба да правиме, без притоа да ги имаме предвид последиците.“

Фер, нели…

Коронавирус