четврток, 20. септември 2018. Вести денес: 116
home Колумни

Генерација 2000-та (втор дел)

Генерација 2000-та (втор дел)

Претходната моја колумна за „Независен весник“ посветена на генерацијата што доаѓа и кои оваа година полнат 18 години, родени на почетокот на новиот милениум во 2000 година, предизвика големо внимание. Да бидам искрен далеку поголемо од тоа што очекував. Споделив само дел од визиите за тоа каде новата генерација оди и што може да се направи за да им се помогне своите соништа побрзо да ги реализираат, а Македонија ден поскоро да фати чекор со најмодерните светски трендови. За жал, изостана поголем интерес од Владата за спроведување на тие препораки или подготовка на посериозен план како одговор на новите предизвици. Да бидам искрен, не сум изненаден, можеби наивно се понадевав дека владата на Заев и СДСМ ќе се фрлат на работа барем во овој дел, но нивните карактеристики на некомпетентност, неработливиот и гледање само на најтесниот личен интерес се покажаа и во овој дел. Животот ниту почнал ниту ќе заврши со оваа влада. Јас во оваа колумна би сакал да споделам уште неколку видувања кои мислам дека може да се од голема корист на младите во Македонија. Согледувања кои кога ќе добиеме можност да ја водиме Македонија ќе направиме сè да ги реализираме.

Една од основните работи што се најбитни за генерацијата 2000 да може успешно да се натпреварува на светскиот пазар на фриленсери од сите области е добриот квалитет кој се добива исклучиво и само со силна наобразба и интензивно следење на светските трендови. Тука, покрај формалното образование, кое се стекнува на факултет, потребна е и континуирана наобразба и континуирано следење на новите трендови. Сè попознати се онлајн платформите за неформално образование на кои може да добивате часови по предмети што сами ќе ги изберете и да ги искомбинирате на начин кој вам ви одговара. Нивната голема предност е што се во тек со последните откритија на науката и технологијата, а предметите може да ги комбинирате по свој избор. На пример, експерт по ИТ-технологии може да направи комбинација на ИТ-предмети и предмети по биологија, за да најде примена на своите знаења кон развивање на софтвер кој може да се примени во проучувањето на живиот свет на планетата. Вакви примери има безброј.

Следна предност на овие платформи е што се многу флексибилни и за да ги следите ви треба само компјутер, значи традиционалниот начин на учење каде физички мора да сте на едно место се напушта. Тоа ги прави подостапни и секако полесни за следење. Иако дел од нив се бесплатни, најквалитетните треба да бидат платени. Тука доаѓа улогата на државата која треба да го промени класичниот начин на стипендирање поврзан исклучиво со формално образование на факултет и да почне да го стипендира и овој начин на образование, со јасни критериуми кој и за што може да добие стипендија.

Следен силен предизвик е следењето на технологиите во делот на новостите што доаѓаат. На пример, светот на телефонски апликации главно е поделен на платформата која ја користи „Епл“, понатаму андроид-платформата и обидите на „Гугл“ и „Мајкрософт“ да создадат свои платформи. Сите оние што ја познаваат оваа материја знаат дека ако сте експерт за едно не можете да работите на друго, зашто се работи за платформи независни една од друга.

Но она што, исто така, сите ќе ви го кажат, е дека покрај талент и многу учење потребно е и да го имате најновиот „ајфон“, на пример, за да може да тестирате нови технологии или апликации. Сите знаеме дека тоа е скапо. Тука може повторно да помогне државата најмалку на три начини – за поединци да дава донации низ јасна и транспарента процедура, која ќе е поврзана со конкретни резултати кои ќе треба да ги покаже тој што ја добил донацијата, понатаму, принцип на т.н. „бизнис-ангели“, односно помош на мали нови фирми и стартапи кои би добиле техничка помош од државата во вид на најнова технологија, исто така, со јасни и транспаренти критериуми. И третата, за најголемите компании кои би добиле даночни олеснувања под услов да развиваат нови технологии.

Последната работа што сакам да ја споделам во оваа колумна е како да ги натераме младите да останат во Македонија или многу често да се враќаат, а и други млади да доаѓаат во државата. За ова веќе пишував во претходната колумна. Би сакал да споделам три искуства од три најнапредни места во Европа за ИТ и фриленс – Естонија, Берлин и Амстердам.

Кога ќе се регистрирате за естонската е-residency, добивате дигитална лична карта издадена од владата која обезбедува дигитална идентификација и овластување. На тој начин можете дигитално да потпишете важни документи, да пристапите до безбедни услуги и да направите трансакции – дури и ако не живеете во Естонија. На пример, е-residency ќе му дозволи на индискиот претприемач да основа естонска компанија со која управува од Сингапур за да им служи на клиентите со седиште во Германија. Тој, исто така, ќе може да го искористи својот дигитален потпис да потпишува договори со клиенти низ целата Европска Унија. Сето тоа ќе се направи онлајн, оддалеку, и целосно без проблеми.

Естонија е светски лидер во дигиталното управување и е основач на Digital 5 (D5), глобална мрежа на водечки дигитални влади. Во декември 2014 година, Естонија стана првата земја во светот која го воведе концептот на е-престој.

Како е-жител, ќе можете онлајн да управувате со компанијата. На пример, да направите електронски банкарски трансфер, дигитално да потпишувате документи (годишни извештаи, договори) во рамките на компанијата, како и со надворешни партнери. Можете да пријавувате даноци онлајн

Доколку некој сака да биде фриленсер во Германија, најпрво мора да најде престој таа земја. На пример, ова би можело да биде стан, соба. Навистина, не е важно каде сте. Сепак, она што е важно, е дека имате писмен договор за изнајмување. Ова помага ѝ на останатата локална економија. Добар пример кој Македонија може да го следи.

Фриленсерите во Германија плаќаат понизок данок од останатите. Исто така добар пример да се следи.

Нешто слично во Амстердам врз основа на тоа што го работите данокот може да биде 6 отсто или 21 отсто. Зашто во Македонија да не биде барем 8 проценти, како што предложив во претходната колумна.

Исто така, мора да се запази дека регистрираните фриленсери се очекува да имаат минимум три работодавачи (клиенти) годишно. Исто така, не е препорачливо да добивате повеќе од 70 отсто од приходот на од еден клиент – надминувајќи го тоа може да резултира во тоа даночните власти да ја гледаат како традиционална форма на вработување и да бидат предмет на даноци и социјално осигурување платени од работодавачот. Добар начин за разгранување и ширење на пазарот.

Има и многу добри примери кои немам место да ги наведам овде. Останувам отворен за контакт на овие теми со сите што имаат интерес или нова идеја да се сподели како и начините да се реализираат. Се надевам за многу брзо ќе работиме заедно со генерацијата 2000-та кон реализација на овие проекти овде во Македонија.

Колумна на Александар Николоски за „Независен

(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)