сабота, 26. септември 2020. Вести денес: 7
home Колумни

Фалична држава

Фалична држава

Поминаа месец дена од изборите. Поранешниот Премиер и лидер на владеачката СДС направи цела фама и притисок врз севкупната јавност за брз избори среде пандемија и сред лето. Сега ги гледаме последиците на тој негов камиказа чекор.

По скандалите во кои минатата година беа обелоденети низа скандали, по кои се распадна Специјалното јавно обвинителство, по бројните афери, по против уставното менување на името ан државата, имињата на институциите, загрозувањето на националниот идентитет, недовршувањето на еден куп инфраструктурни проекти и бог знае што ли уште не, по барање на опозицијата се одреди датум за избори. Истите беа одредени за 12 април, иако власта и тогашниот Премиер Заев настојуваа за избори во декември.

Како и секоја власт, кога истата ќе се фати во небрано, а се уште има и моќ и инфраструктура, на избори се оди веднаш и во таков термин во кој ќе има ниска излезеност. Сепак, тоа е само потврда дека никој во политика не е заради јавното добро, туку поради „фотељата“. Опозицијата, предводена од ВМРО ДПМНЕ бараше избори на пролет, и успеа да договори избори на 12 април, недела дена пред Велигден.

Самата пандемија на популарно наречениот коронавирус или Ковид19 предизвика хаос и паника низ цел свет, кај нас уште повеќе знаејќи во какво неорганизирано општество функционираме. Кога се виде дека истиот не е шега, а имајќи ја во предвид Техничката Влада во која имаше министри од редовите на ВМРО ДПМНЕ како контролен механизам за контрола на изборниот процес, а изборите се одложија, поранешниот Премиер Заев направи се што може тој процес за одржување на избори да се забрза, и самиот свесен дека колку подолго е вон владиниот кабинет толку повеќе ќе ослабнува и неговата и општествена и политичка моќ.

Изборите за кои напна да се одржат веднаш, среде лето, по пеколни горештини, апсолутно не донесоа ништо,  ни подобро, ни по функционално. Единствено ги оживеаја партиите кај албанскиот електорат и им донесоа 8-9 мандати плус. Заев извојува Пирова победа, на избори на кои како никогаш до сега беа евидентни неправилности, избори со мал и безначаен странски мониторинг, избори кога луѓето беа исполнети со страв и паника, гласаа среде јули, со маски на лицата, каде се ветуваше посебно пенкало за секого, а го немаше. Избори на кои имаше висока излезеност во села каде барем пола население е во странство,а сепак многумина гласаа, и ко за чудо вечерта, во оној матен период од 19 до 21 часот.

Согледувајќи што се случи, предлогот на ВМРО ДПМНЕ за избори кон крај на август или почеток на септември, ќе беше совршено решение. Ќе ги немавме и сите овие глупости, ќе имаше повеќе излезеност, вирусот ќе го изменаџиравме подобро. Ако се сакаше, се беше изводливо, ама пуста борба за власт, страв од пораз, од дебакл.

Резултатите се тие. Ги призна ДИК, Управниот суд, Западните земји, на крајот и партиите. Што добивме и истите?

Иако помина еден месец, Влада нема. Нема ни конституирано Собрание. Има само доделување на мандатите на пратениците. Собранието го води се уште Талат Џафери, иако токму тој и многумина се жалеа зошто пред три и пол години продолжи неколку месеци тоа исто Собрание да го води Трајко Вељановски.  И да нема избрана Влада, доколку нема договор за избор на Претседател на Собранието, истото треба да го води најстариот пратеник и да се пристапи кон избор на нов собраниски Претседател. Нели токму Заев зборуваше за држава со функционален Парламент? Се бира Претседател, Потпретседатели, собраниски тела и комисии. Дури и да нема нова Влада, и преговорите да се закочени, дури и да се предава палката за тоа кој ќе стигне до мнозинство за Влада, Собранието треба и мора да функционира. На крајот на краиштата, може да договори и состави времена и техничка Влада која за 6 месеци или за една година ќе оди на нови предвремени избори.

Вака ние ја имаме се уште дефектната Влада на Оливер Спасовски, но без техничките министри на ВМРО ДПМНЕ во неа, па во овој вакум период банки се распаѓаат, струјата се поскапува, се носи акт за двојазични полициски униформи, се покачуваат селективно плати, се носат секакви акти… едноставно, хаос!

Тоа е само доказ и потврда дека Законоднавната власт не постои. Дека се е во рацете на врхушките на партиите, и во концентрираната моќ која се напластила во самата Извршна власт. Сите постојано зборуваат за некакви бенефиции на пратениците и колкави плати имаат, дели наплаќале за бензин и сместување, а се заборава дека милионери стануваат министрите и директорите, онака, преку ноќ.

Партиите контролирајќи ја Извршната власт, ги имаат целосно под свое ставено Законодавната и Судската власт, и токму затоа сме тука каде што сме. Ги имаме изгубено сите заштитни и контролни механизми, дозволивме како нација, ставајќи ги во преден план личните пред државните интереси, да бидеме општество во кое место редот и закон, ќе биде пресудно дали Заев ќе биде пак Премиер, или дали Али ќе успее да преживее на власт, а евентуално да го оствари она со што нереално настапи на избори.

Драги мои, не може да бидете држава ако сте заложник на кариерите и амбициите на поединци, кои сака и да се. Никој не е, и не смее да е побитен од народот, од системот.

Заев колку и да се бори, според мене ја има завршено политичката кариера. Истото се однесува и на еден куп ликови и од власта и од опозицијата. Понекогаш е големина да се тргнеш со време, или пак времено повлечеш, па ако те бива да се вратиш на голема врата. Вака само се држи народот како заложник, а тој е работ со нервите и нема намера да прости никому.

 

Александар Ристевски

 

П.С. Гледам денешната седница на Собранието се одложила. Талат Џафери добил внук. Нека му е жив и здрав. Тоа е силен аргумент да државата не функционира, лична семејна веселба. Народе, извинете ама човекот слави.

П.П.С. Пендаровски цел месец после изборите, денес му дава на Заев уште 20 дена за да направел Влада. Самиот Пендаровски рече мандат ќе добие тој кој ќе дојде со список од 61 пратеник. Поштено. Човекот кој го нарекуваше народот стока, така сега и го третира. Тоа е. Мора да си одработи. Самиот знае како беше избран. Благодарам Претседателе.

Коронавирус