среда, 20. јануари 2021. Вести денес: 159
home Колумни

FAKE демократија, FAKE секојдневие

FAKE демократија, FAKE секојдневие

Lex malla, lex nulla!
(Лош закон ко без закон)

Не многу одамна, бевме сведоци на налудничави крици на некои политичари од првиот ред на оваа држава, кои секојдневно зборуваа за некаков режим, за медиумски мрак, а нивното безобразие отиде до таа мера, што вреѓаа и монтираа телефонски разговори се со цел, некои брилијантни умови да бидат прикажани како потпросечни. И ќе речеш, ајде, политиката е немилосрдна, но ако тоа тогаш беше режим и медиумски мрак, што е овој таканаречен план „ Акција 21?“

Научно-истражувачки проект каде се вклучени сите доктори на науки по новинарство, односи со јавност па и маркетинг… или пак, долгогодишно истражување на македонскиот медиумски простор каде се вклучени здруженија на новинари, институти за медиуми, па и професорска фела??

Одговорот е едноставен- НЕ! Ова е само партиски план за труло секојдневие на нетранспарентни политичари кои нема да даваат изјави, нема да се појавуваат во медиуми кои критички ја опсервираат нивната секојдневна работа. Што значи, граѓанинот „вистината“ ќе ја дознава само од едната страна, а втора страна во приказната нема да ја има. Партиските ботови, исто така, ќе имаат полни раце работа да истураат омраза и фекалии по социјални мрежи врз медиумите кои не се подобни за власта, да вреѓаат и омаловажуваат новинари, иако тие истите не напишале никогаш ниту една просто-проширена реченица во својот живот.

Сигурно се сеќавате како нашиот премиер не почести со една сочна изјава каде рече дека „неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер нема да ја турнат владата“ тогаш веројатно, алудирајќи на новинарот Бранко Героски, одлично новинарско перо, од кое сум имала чест многу да научам за пишаните медиуми. Иако тогаш, можеби, трагикомична изјава но од денешна перпектива веројатно после Акција 21 и сурова реалност.

Можеби и сте заборавиле на случаите на апсење на новинари кои само си ја работат својата работа, на притисоци врз медиуми, на поткуп на цели уредништва па и цензура на опозициски лидери. Се со цел, да не случајно кажат нешто што власта не сака да го знае неговиот народ.

Сето тоа е FAKE демократија, FAKE секојдневие! Како никогаш досега, стегнат е обрачот околу медиумите во државата, во страв и неизвесност па и со директни закани за „животот“ во „ новата реалност“. Во САД, на пример, според Врховниот Суд, секој говор вклучително и говорот на омраза е заштитен со Првиот Амандман кој е донесен уште во 1787 година за слобода на говорот. Никој, ама баш никој, не може да биде казнет за тоа што кажал и како кажал, каков речник употребил, нема да биде суден за тоа. Слободата на говорот е слобода и за оној говор кој ние како единки го мразиме или не ни се допаѓа.

Ама, што да зборуваме за една демократија на која треба да се восхитуваме, кога ние живееме во една лажна демократија, каде се апсат луѓе за статус на Фејсбук, за пцовка во момент на афект под некој статус на социјална мрежа или пак  за кажувањето на вистината пред лицето на некој суетен властодржач кој мисли дека е Бог?!

Страно тело во македонското труло ткиво има и ако тоа што побргу не се отстрани, ќе почне да скапува. Лажни биографии, лажни потпросечни политичари на власт, лажни суети, аналфабет историчари, евро по евро ктитор, лажен нобеловец, партал дружина… Тоа е нашето fake секојдневие. „Блескави вести“ на „подобни медиуми“- fake секојдневие!

Ние Македонците сме имале секакви, но вакви никогаш. Барем не во поновата историја. Ова труло ткиво или хирушки ќе го отстраниме или ќе се задоволиме со никакви критериуми за образование, медицина, технологија итн. На крај, препорачајте им соодветна литература за односи со јавноста, пропаганда или новинарство, на скапо платените советници за медиуми чиј список
секојдневно ви се зголемува. 55.000 денари плата а ниту една прочитана книга за комуникологија? Недозволливо! Читајќи некаде низ таа литература, ќе најдете и една мисла која доста ќе ве замисли а вели: „Нема од што да се плашите, ако
нема што да скриете!“.

Само така може да биде оправдан овој потег кој, во време на светска пандемија, со огромен број на починати и заболени а колабирано здравство, вие сте седнале да размислувате за цензура на медиумите.

Викторија Трајков
д-р на економски науки

Коронавирус