понеделник, 9. декември 2019. Вести денес: 39
home Колумни

Еурека

Еурека

Еурека, се провикна Заев на прес конференцијата, полн со радост дека осознал како во сајбер просторот се шират лажни вести.

Ова епохално откритие има за цел сите нас да не фрли во „црната дупка“ на кратко паметење и да заборавиме како во 2015 и 2016 година, токму Заев лансираше лажни вести и информации во рамките на цела една акција наречена „Вистината за Македонија“ во која пушташе некакви „бомби“ при тоа алудирајќи на нивната автентичност, а се со цел: „да наштети на една влада, луѓе, семејства, бизнис релации“ (зборови на Заев од прес конференцијата), а јас ќе додадам и на државата. Доколку сме заборавиле да Ве потсетам да ја преслушате „бомбата“ за Мартин Нешковски (Бог да го прости) која ја пушти во јавноста Заев во 2015 година (онака сечена, лепена и монтирана) и истата „бомба“ која во 2019 година ја пушти во јавноста Ел Чека (изворна и немонтирана, сечена и лепена). Веројатно во овој момент Заев оддалеку се брани од нови вистинити „бомби“ од некој Ел Чека, Громовник и незнам кој уште што ги поседува нелегално снимените материјали стари или нови, нема значение.

Очигледно дека тогаш сигурноста на граѓаните не беше загрозувана според перцепциите на Заев, а денес е загрозена и всушност е загрозен неговиот политички опстанок, иако мислам дека воопшто не знае што е тоа сигурност на граѓаните, бидејќи доколку би знаел со сигурност би знаел дека базичен извор на загрозување на сигурноста на граѓаните е токму самиот Заев со неговиот „тим“. Токму самиот тој може да биде идентификуван како извор на загрозување на националната безбедност, сигурноста на граѓаните и напад врз демократијата (иако самиот Заев како во бунило го употребуваше терминот „напад на демократијата“), но за правописот и употребата на литературниот Македонски јазик во официјалните обраќања на Заев во некоја друга прилика и се надевам од некој македонист.

Во контекст на расфрлањето со поими, би сакал на колегите универзитетски професори кои се блиски до Заев и молчаливо и понизно го советуваат, да им посоветувам да се обидат барем заради угледот на Македонија да го запознаат со некои основни поими во безбедноста и безбедносната политика. Терминот red alert претставува последно предупредување за неизбежна опасност и како термин во безбедносната политика на институциите на Европската унија не се употребува, бидејќи е наменет за употреба во пооделни воени формации при изведување на борбени дејствија. Не постои ниту систем за red alert.

Во пракса во ЕУ постои и функционира „early warning and risk assessment system“ или „рано предупредување и проценка на ризици“, а се темели врз повеќе од 120 индикатори за рано предупредување од појава на ризици и закани врз безбедноста од кои дел се однесуваат и на загрозување на сигурноста на граѓаните, а се со влијание врз функцијата на институциите на државата со што самата држава ја детерминираат во групата на држави во ризик или држави во пад. Оваа алатка во ЕУ се користи за креирање на безбедносни политики во процесот на донесување на одлуки и секако дека дел од нејзините индикатори се однесуваат и на ризиците и заканите кои доаѓаат од сајбер просторот. Ваквото незнаење покажано од еден премиер, а низ него како призма на незнаење и слаб капацитет на целиот негов тим е индикатор за ЕУ со колкав ризик се соочува во Македонија, но исто така е доволно силен индикатор за сите нас да видиме со колкав ризик сме соочени кога Заев со неговиот тим ја водат државата.

Толку во врска со прашањето за стручноста, знаењето и капацитетот на премиерот и неговиот кабинет (неговите советници) се идентификуваат голем број на ризици и закани врз националната безбедност и сигурноста на граѓаните меѓу кои и демократскиот капацитет на оваа влада. Поризична е намерата зошто сега Заев се сети дека треба на суптилен начин (да не се сети опозицијата и граѓаните) да ги стави под контрола порталите како медиуми, отколку пишувањето на некој портал за некоја лажна вест. Во следна фаза на воспоставување на потполна контрола врз сајбер просторот тоа ќе бидат и социјалните мрежи, сето тоа оди чекор по чекор.

Се наметнува едно друго прашање, повторно врзано со нашата колективна меморија. Имено, зошто во 2015 и 2016 година во екот на објавувањето на разно-разни „бомби“ и лажни информации на секакви портали, Заев кој бараше нов Закон за медиуми со сите сили се бореше од овој закон да се исклучат порталите кои информираат преку сајбер зоната. Спротивно од ова денес, само три години подоцна, Заев на највисоко Владино ниво инсистира на акционен план, колективистичка приказна за општа борба против лажните вести завиткана во обланда со цел да се стават под контрола порталите и целиот сајбер простор, бидејќи пласирале лажни вести. При оваа владина операција постојат неколку „проблематични“ работи.

Прво, „дали се лажни вести следните случувања на кои никогаш не добивме конкретен одговор или правна завршница: заканите и малтретирањата на граѓанин од страна на Курто Дудуш, аферата на Рашковски со М-НАВ, пранкерите со кои премиерот Заев си разменувал сликички, испадите на Пендаровски-љубави, рекетот на Боки 13 и Кичеец, вмешаноста на фамозните Кики и Фрики, спасувањето на војникот-обвинителот Катица и препукувањето на Заев со Геровски“?

Второ, дали можеби Заев се обидува на подмолен начин да воспостави контрола врз сајбер просторот под изговор дека дејствува против напад на демократија, веројатно мислејќи и алудирајќи дека дејствува против напад врз демократијата. Но, при тоа заборава дека најголема придобивка на демократијата е слободата на изразување (пишан и говорен начин на изразување).

Трето, контролата на сајбер просторот и рангирањето, односно сместувањето на порталите во соодветна група е утврдено правило, односно постојат, научни, стручни, аналитички, забавни и друг вид портали, меѓу кои секако и таканаречениот „жолт печат“. Согласно оваа градација и вреднување, граѓаните ќе одлучат за тоа на кого ќе му веруваат и дали вестите на поедини портали од рангот на жолт печат и трач рубрики ќе имаат вредност на читање, а уште помалку веродостојност.

Согледувајќи ги сите овие аргументи, може да заклучиме дека Заев со неговиот „тим“ нема капацитет не само за водење на државата во стручно-административен аспект, туку нема ниту демократски капацитет за управување со државата, напредок на општеството и обезбедување на национална сигурност на сите граѓани во Македонија. Затоа и се обидува да не врати наназад во времето, обидивајќи се да го прескокне неговото делување, да имаме црна дупка во меморијата.

При тоа воскликнувајќи „Еурека“ вели: „општеството, граѓаните и институциите се организираат во борба против дезинформациите“, не разбирајќи (или никој не му кажал) дека државата е таа која води организирана „борба“ против сите ризици и закани врз општеството и таа со закони и уредби ги организира граѓаните уредувајќи ги мерките и активностите. Очигледно е дека Заев во својата изгубеност и исплакната матрица на политичко и граѓанско однесување, не враќа во времето на СВОЗ (Сите во одбрана и заштита). Убеден сум дека тоа го прави намерно, а со цел да своите тривијални планови за намалување на демократските слободи и права во иднина ги оправда со колективна одговорност, а не со негова лична. Токму тоа е дефектот на матрицата која ја носи и во која сака сите да не заплетка.

Е друже Заеве, тоа нема да помине, одговорноста за се што направи и што правиш е само твоја и на твојот тим, а за вашата не капацитетност неможе да имаме колективна одговорност и затоа ги замолувам неговите советници да го разбудат од сонот и да го вратат во реланоста, бидејќи одговорност мора да има.
Обидите да се „исплакне“ преку манипулација дека откриените афери се лажни се напразно трошење на време, но затоа пак доказателствата дека се случиле вакви крупни афери кои влијаат и врз сигурноста на граѓаните и националната безбедност како и врз угледот на Македонија и довербата на граѓаните во институциите на системот, се видливи и очејбијни не само за сите нас тука, туку и за нашите партнери надвор.
На крајот од се, сите овие индикатори кои ни се пред очи ни даваат насока како треба да се ослободиме од некапацитетни луѓе на власт, за да некој не се замислува Цезар, а веќе видовме дека „царот е гол“, сега останува уште да му го упатиме последниот поздрав.

Вонреден професор д-р Оливер Андонов