Живееме во време кога се врши најагресивен напад врз целокупното човештво и неговите милениумски цивилизациски вредности, во време кога наметнатиот и од никого посакуван судир на цивилизации се заканува да уништи се’ пред себе, во време кога се’ поотворено се заговара депопулација на човештвото.
Живееме во време кога најагресивно се напаѓа детето, за да уште од предучилишна возраст биде уништено со “можноста“ да избира дали е машко или женско, дали е маче или куче; кога најагресивно се напаѓа единственото природно семејство меѓу маж и жена со форсирање неприродни истополови бракови; кога најагресивно се напаѓа верата, која и да е, заради нејзината моќ на агресијата да одговори со разбирање, мир и спасение; во време кога најагресивно се работи на уништување на националните идентитети, заради создавање наднационален свет управуван од еден центар, од никого избран и за никого познат.
Со еден збор, живееме во време кога најагресивно се напаѓа секоја човекова припадност – полова, семејна, верска и национална, заради обликување поединец без чувство на каква и да е припадност и, лесно управување со него како со несвесно битие.
МОРАМЕ ДА ОДГОВОРИМЕ НА АГРЕСИЈАТА
Токму затоа, нормалното мнозинство од човештвото мора смирено и без омраза да и се спротивстави на ваквата агресија доколку сака да се сочува себе си. Единствен начин да се победи агресивното лудило насочено кон уништување на милениумските цивилизациски вредности, е насочувањето на човештвото кон духовноста – тоа е борба на целото човештво за сопствен опстанок, но и поединечна битка на секој нормален поединец, на секое семејство, на секој народ, на секоја нација, на секоја вера и религија воспоставена според Божјите заповеди…
Значи, насочувањето на македонската нација кон духовноста е единствен начин да се сочува нацијата и националниот идентитет, во време кога ударот врз целото човештво ќе биде најжесток токму кон малите нации и, со голема веројатност да предизвика нивно исчезнување. Насочувањето на македонската нација кон духовноста, пред се’, значи опфат на секој еден припадник на македонската нација без разлика на тоа на која етничка целина, на која религиозна заедница, на која политичка ориентација припаѓа, зашто само со внесување на целата нација во духовноста, ќе имаме заедничка борба за успех и заедничко спротивставување на лудилото кое на сите нас подеднакво ни се заканува.
НАСОЧУВАЊЕ НА НАЦИЈАТА ВО ДУХОВНОСТА ПОДРАЗБИРА
- Враќање кон верата и основните Божји заповеди кои се еднакви за сите луѓе и сите вери и религии – почитувај ги татка си и мајка си… не убивај, не врши прељуба, не кради, не сведочи лажно против својот ближен, не пожелувај ништо што е туѓо!
- Враќање кон традицијата која низ вековите не одржала нас и нашиот идентитет
- Почитување на семејството како заедница на маж и жена и нивните машки и женски деца – синови и ќерки
- Враќање на воспитната компонента во сега оголениот образовен процес и воспоставување воспитно-образовен процес
- Враќање на воениот рок за да од момчињата создадеме мажи кои секое утро ќе го креваат националното знаме и ќе ја слушаат македонската химна
- Враќање кон патриотизмот како гарант за постоење на државата (патријата, а не партијата) и, извлекување на нацијата од замките на хедонизмот кој создава ненаситност од материјални богатства
- Создавање творечко општество, општество што создава нови материјални и духовни вредности, на местото на голото потрошувачко општество
- Враќање кон културата на умот која создава нови и трајни културни вредности, наместо наметнатата култура на телото – празни физички “перформанси“ после кои не останува ништо трајно и вредно
- Вистинска емпатија кон животните наместо создавање празен култ, како пред распадот на римското царство и поставување коњи за сенатори и, ставање на вистинската емпатија кон секое човечко суштество на прво место
- Борба за чиста еколошка средина, предизвикана од прочистен ум свесен за предизвиците пред кои е исправена планетата
- Враќање кон правдата како категорија што овозможува рамноправен живот на богатиот и сиромавиот, на функционерот и “обичниот“ граѓанин, правда подеднаква за секого, наместо голото право како“неправда“ во нејзина замена
- Конзистентни ставови зад кои како сопствено “вјерују“ ќе можеме секогаш цврсто да стоиме, наместо двојните стандарди кои ги разјадуваат општествата и се закануваат да го уништат светот
- Искрени заложби за мир, како заедничка сопственост на секој поединец на планетава, наместо војна, како сопственост на малкумина “самоизбрани“ да владеат со светот
- Труд и посветеност, наместо “снаодливост“ како, за жал, единствено прифатен, а лажен пат кон успехот
- И уште многу, многу нешта кои мораме да ги промениме, најпрво во себе, во општеството, во светот…
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК