среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 6
home Колумни

Дрво без длабок корен и здрави гранки не бива

Дрво без длабок корен и здрави гранки не бива

Се потсетив утрово како 19 дена баравме сенки да се сокриеме од топлото сонце. Се потсетив на огромните крошни на дрвјата кај „Два бреста“ во Тетово, во големиот парк во „Дутлок“ во Гостивар, она во Лешок, позади споменикот на Ѓоко (чија годишнина од трагичното загинување е токму денес… Вечна му слава), она во дворот на црквата „Пресвета Богородица“ во Галате и уште многу други.

Се подзамислив утрово и колку време, колку децении или векови овие дрвја постојат? Кога биле млади фидани? Како се престориле во вакви зелени раскошни чувари од летната жега?Дали е жив оној што ги засадил? – Сигурно не. Но, живо е неговото дело. Поминале генерации после него и денес сигурно негови правнуци или праправнуци седат под дебелата сенка на дрвото што нивниот предок го засадил. Денес некои млади генерации уживаат во она што нивните предци го започнале. А, генерациите помеѓу нив биле тие кои се грижеле посеаното да живее, да се наводнува, да расте, да ги развива своите гранки и да не изумре влогот во една убавина.

Така и ние денес… После скоро завршените избори или, воопшто, после тридецениското постоење на нашата самостојна Македонија, може само да се запрашаме дали и колку сме придонесле во негувањето на она што нашите предци го создале или го чувале и негувале? Дали мислиме дека нашата генерација е пресудна и таа ќе реши се‘? Или мислиме дека сме единствените, први и последни? Без нас и после нас – потоп. Да било така едноставно, сигурно немаше да имаме толку богата и вековна историја, ниту ќе имавме толку премрежја, пред кои некој постапил вака – некој онака.

Како денешна генерација, водиме брзо темпо на живот, со многу стресови, неможност за реализација на многу планирани или посакувани нешта, трка на сите страни, хаос околу нас, во кој, ако не се вклопиш – остануваш вон него, ама и вон случувањата. Затоа и неизбежни се нервози и разочарувања, но истите мора да се избалансираат со разум, анализа и самокритичност. Да не дозволиме да прифатиме дека брзите пари се вистинското нешто, дека брзата слава е успех, дека пократкиот пат е оној вистинскиот, дека интригите се способност, дека  носењето брзи и непромислени одлуки е морално, зашто друго нема. Има, и мора да има. Секогаш и имало. Но, за се‘ е потребно време. За се‘ е потребно трпение. За се‘ е потребна ладна глава и силна желба.

И можеби, како генерација, сме наследиле работи кои сакаме да ги измениме или за кои сметаме дека треба или мора да се изменат. Ама, и тоа е процес кој треба да созрее, да се прифати, да се изанализира, да се испланира, па да се проба да се спроведе. Некогаш домашниот есап не се совпаѓа со пазарот. Секогаш има можност за непланирани работи, но секогаш и од доброто – може подобро. Битна е идејата, битна е желбата за нејзината реализација и желбата да не се дозволи таа да изумре. Но, секако, многу битно е и секој во своето време да си ја искористи својата можност. Впрочем, не случајно се вели дека целиот живот е борба.

Врват генерации… Борбата продолжува и трае… Останува само делата да зборуваат за сечија битка низ времепловот наречен Македонија. Дали некој од нас ќе стане јунак или не, тоа ќе се знае многу подоцна. И не секој може да биде првиот или најголемиот јунак. За тоа нема мерка. Само еден можел да го засади повеќевековното дрво и тој би бил првиот, но доколку оние после него не го наводнувале коренот и не го чистеле од околни мовови и паразити, тогаш првиот јунак ќе се изгубел низ заборавот. Кој е најголем или кој е поголем јунак од некого, тоа воопшто не би било битно, ако дрвото не останело до ден денешен. Битно е секој да си ја прифати својата улога и задача, да ја исполнува со верба дека дрвото ќе остане живо и да остави желба кај помладите да се грижат за „сенката“ на своите предци. Ова е процес кој еднаш започнал, но трае со генерации и генерации…

Нашата генерација има обврска да продолжи да ги наводнува корените, да не дозволи тие да се исушат или згнијат. Нашата генерација нема да се откаже од идејата, заради која дрвото е со толку дебело стебло и огромна крошна. Ќе ги искастриме гранките кои накриво никнале, на нивното место ќе никнат нови и здрави, но дрвото мора да остане силно врзано за земјата, гордо исправено кон небото и храбро да ги чува своите чеда под закрила од „пеколот“ кој е околу него.

Да засадиш дрво е многу благородна и убава работа, но дрвото треба да пушти длабоки и цврсти корени, како и здрави и прави гранки. Само така неговото стебло останува исправено и пркосно опстојува во било кое време или невреме.

Дафина Стојаноска – пратеничка

Коронавирус