петок, 26. ноември 2021. Вести денес: 152
home Колумни

Доктор Џекил и мистер Заев

Доктор Џекил и мистер Заев

Велат дека дечките од „Глупавиот и поглупавиот“ во средата (20 октомври, лето Господово 2021-во) многу се засрамиле од перформансот на Зоче. Да, ниту на Џим Кери и Џеф Дениелс не им се верувало дека постои ваков талент. На сценаристите уште помалку. Неофицијално, прес-конференцијата на Заев ја земале ко урнек за старт на новото, четврто продолжение на “Dumb & Dumber”.

Ок, тие не знаеле дека дотичниот е црпнат, башка од нива, фер. Ние си знаеме, така што ништо од ЗЗ не не’ изненадува. Јок. Изненадување е да каже нешто нормално, поголемо да не тресне зелена, најголемо да каже нешто умно. Ама, СДСС „нису те среќе“, што би рекле северните соседи на насила северизираната Македонија…

Она, кога премиер и претседател на партија со гестикулации на збунет телевизиски спикер без срам и перде чита пред цела нација „ОДГОВОР“ на нарачано „новинарско“ прашање. На страна, што портпаролката му прва ја „избра“ журналистката со подметачината, башка што Заев веднаш по „одговорот“ ги симна очилата. Оти, повеќе немаше потреба да чита пустиот. РЕЗИЛ  е вистинскиот збор, нели. За Македонците, Заевци се оперирани од тоа, за нив, тоа е одвишна емоција и чувство што само им пречи во кариерите. Фројд, пак, вели дека недостигот на срам е прв симптом дека си имате работа со глупав човек. Но тоа е Фројд, а ЗЗ застанал на Зоки Поки. Оригиналот на Николова, не оној на северниот перач Кокаланов…

Велат дека одамна, Монти Пајтон се воодушевени од случувањата во Македонија. Таква пародија на влада и држава ко нашава, не видел никој, никогаш и никаде. Признавале дека немаат шанси со Заевци.

82-годишниот Макс Бункер (Лучиано Сеци), пак, авторот на стрипот „Алан Форд“, ликот на изумителот  Грунф го пронашол и препознал токму во Македонија. Знаете, она ретро човече со летачка кацига од првата светска војна, кое во секое време за 20 центи ќе ви направи хеликоптер или авион, ама не знае колку секунди ќе лета, 15 или 20. Ко модуларните „болници“ во МКД. Дилемата, тешка, му била дали македонскиот Грунф е Венко или Кочо? Само што тие наплаќале милиони, не центи ко Грунф. Ама, квалитетот бил тој, никаков. Најблиску до ликот на Заев, пак, им бил Сир Оливер, ама и тој пустиот не бил толку голем измамник и лажго ко црпнатиот шампион. А дефинитивно, недоветниот убавец Алан Форд бил Димитров, кој, пак, како стареел се’ повеќе сакал да потпишува, но губел на „лепота“, веројатно од дедовата клетва. Боб Рок испаднал сигурна копија на Љупче Николовски, ама „скроз“. Сите знаат дека е шапшал, никој не знае што му се квалитетите и дали, воопшто, ги има, ама тој е постојано на врвот во СДССС. Суперхик е резервиран за Шилегов, тој без конкуренција е антихеројот кој ги „неутрализира“ противниците со супер-здивот кој труе на алкохол. Шефот е Маричиќ, така замашен и непрепознатлив по ништо, а шефува. Вечно болниот Еремија е кој друг ако не вечно „болната“ по власт и моќ Шеќерка. Конкурент број еден за ликот на Еремија и бил Оливер, кој гарант е и хипохондрик ко патетичниот, смотан болежливко. Толку немил лик ко Царовска, пак, не постоел во Алан Форд. А старецот, „Бројот 1“ и главниот кој знае се’ за сите, е тој, живел не еден рид. Ви текнува…

И додека госпожите од амстердамскиот „Ред лајт дистрикт“ оделе на бајачка, истрауматизирани од ниското морално ниво на претставниците на актуелната Заева влада, уште еден лик упатил протестна нота на „Илинденска“ бр. 2. А тоа не бил лажниот црногорски принц кој токму таму го одликуваше Заев, ниту руските пранкери кои го наместија дека се Порошенко и Столтенберг, не беше ни Курц кому Зоче му го утна знамето, ниту Франција и Германија со чии фотки Зочевци тераа кампања „Дома си е дома“, ни Хрватите на кои Заевци претседателство со ЕУ им честитаа со поштенска марка со фашистичка, Павелиќева Хрватска, ниту Грците на кои им даде Божји дар со преспанската капитулација или Бугарите кои го благосиљаат за фантастичниот им договор од 2017-та.

Јок. Револтиран се јавил наследникот на писателот Роберт Луис Стивенсон, авторот на „Доктор Џекил и мистер Хајд“ лут на бледата, лоша копија на „Д-р Џекил и мистер Заев“ или „Д-р Филипче и мистер Заев“, крш копија на дедовиот му оригинал за црпнатиот премиер кој сакал од антинационален сатрап да се трансформира во добричина и обратно, па муљал дека откако сфатил дека граѓаните му дале жолт картон на избори ќе се сменел, ама 100%. Човекот го тужел, затоа што, иако живеел во Шкотска, и тој добро знаел дека Заев, ултра превртливко и лажго, најголема конкуренција на германскиот барон Карл Фридрих Хијероним  Минхаузен, не може да се смени, ни на сон…

Она, кога ќе те растурат на избори, па намалуваш корона мерки, ветуваш скратено работно време, зголемени плати, муљаш дека ќе се смениш 100%, кандидатот за градоначалник ти „обеќава“ дека веќе нема да пие (жими Скопје), па делиш га-га кафе по плоштади, вработувања, нудиш ридови и планини. На страна што никој, од искуство, не ти верува, но сето тоа да ти било затоа што имаш еден гоооолем проблем, народот ти се разбудил и бара наплата за глупоштиите. Да, можеби имаме „касно палење“, ама подобро НЕКОГАШ отколку НИКОГАШ. Аирлија…

Коронавирус