После речиси 30 години спор со Грција, од кој не излеговме, туку само времено капитулиравме, и делумно ги задоволивме желбите на Грција, за возврат влегување во еден воен сојуз, на дневен ред дојде и источниот сосед Бугарија, кој не е толку заинтересиран за нашата генеза и длабоко минато, туку изјаснувањето за етничка определба на нашите дедовци и прадедовци, како и за негирање на нашето севкупно постоење и јазик.
Фарса е да некому наметнуваш и негираш постоење. Лудо е, и шизофрено. Плус, тука имате мешање на национална припадност и етничка припадност, не правењето разлика помеѓу едното и другото. Македонецот кој над 500 години живеел изолирано и загрозено по Османска власт, кога имал можност верски и образовно да се изрази, својата наклоност ја дал прво верски (кон Грците и грчката црква во југот, во добар дел од Егејот, плус Битола, Охрид и околината), а подоцна и верски и јазично преку образовниот систем на Бугарија, преку Егзархијата. Делумно и многу мал дел имало влијание од страна на Србија (тетовско, скопско, кумановско, паланечко, мијачијата, поречијето).
Цел тој притисок, но и своевидна либерализација за определба и наклонување кон соседните создадени држави со православно христијанско уредување, за разлика од дотогашното исламско влијание на Отоманската имеприја, направил да дел од народот се пише, декларира, наклони и претопи со дел од соседните народи, што е сосема и разбирливо. Нај јасно се гледа кои сме и што сме, во книгите на островот Елис (Ellis Island) и другите пристаништа во Америка, каде Македонците доаѓале на крајот на 19 и почетокот на 20 век, од Отоманската империја, од Грција, од Бугарија, и се изјаснувале како Македонци. Се друго останува како форма на фалц пропаганда, базирана врз репресија промовирана од тогашните сосила направени национални и лажно етничко чисти држави. Таму каде имало поголем број на население со друг етникум или вера, се правеле размени на население, во неколку наврати.
Да се вратиме на сегашноста! Почитта, правата и обврските на едни кон други, треба и мора да бидат взаемни. Да, ние сме помали, во по подредена улога, надвор сме од ЕУ, а плативме скапо за НАТО, но тоа не значи дека треба да бидеме газени и понижувани.
Дека односите со Грција се релаксирани, тоа е далеку од вистината. Само се привремено замрзнати, на хартија, затоа што 90 отсто од обврските ние ги исполнивме, а тие дури и не ни се обраќаат со новото име, туку се уште не викаат Скопиа, Фиром или северниот сосед. За нив сме скопјани, славолофони, славомакедонци, ендопија итн. Дури и патоказите не се сменети, а камо ли нешто друго, а војната која ја водат пред се на фејсбук и тикток е уште по засилена од претходно, ботовите се размножуваат и навредуваат, спинуваат, пласираат нивна историска вистина.
Среќа што барем од едни други времиња инфраструктурата кон нив е од време солидна, иако се уште не сфаќам зошто се уште не е пуштен преминот Маркова Нога кај Преспа, за да се развие тој крај, како и реконструираната пруга Битола Лерин.
Со Бугарија состојбата е по загрижувачка. Се има впечаток како да двете држави над 30 години, и претходно 50 години, ја спречуваат комуникацијата, а и го закрвеа народот. Лично сметам дека многу повеќе Бугарија не сака добри односи, отколку што тоа е така од наша страна. Посебно за премините кај Делчево и Ново Село. Впечатокот е дека секогаш се форсирал Деве Баир. Еве, ние покажавме дека сакаме забрзан развој и зближување. Експресниот пат до нова година ќе направи да се има брз проток на возила и транспорт кон Бугарија и Софија. Кога е железницата во прашање, за мене многу нејасности.
Пругата од Куманово почна да се гради во 90тите. Цели 30 години, едно големо ништо. Од бугарска пак страна, шајка не заковаа.
Одлично е што и пруга се прави за Крива Паланка. Но, не ми е јасно зошто, кога веќе не вели дека само дваесетина километри треба да чинат над пола милијарда евра, и да завршат среде планина во тунел, не се ревитализира пругата Велес Кочани, или се изгради целосно нов крак од Илинден за Свети Никола и Штип, а се направи пруга Кочани, Македонска Каменица, Делчево, граница со Бугарија, па до Благоевград. Ем поевтино ќе чини, ем ќе ја раздвижи цела источна Македонија, а и поврзувањето на Македонија со Благоевград е по битно, околу она со Ќустендил, кој и онака има конекција преку експресен пат. Ем поевтино ќе чини, ем по голем ефект ќе има, ем ќе го развие истокот кај нас, а и по брза туристичка комуникација кон Банско. Да не зборуваме и за културната размена.
Пруга кон Бугарија треба и мора да има. И не мора една линија, може и две, и три. Ама да влегуваме во маѓепсан круг на фиктивни проекти, кои само едната страна ги тера, за мене е лудо. Слично ко градскиот трамвај на Шилегов, Бас рапид транзит. Ќе го забрзал превозот по партизанска и по Јане Сандански, таму каде застој нема. Чаир и Бутел заглавени, периферијата и работниците патуваат со саати со скапани „бусеви“, нема конекција помеѓу населбите и се оди преку блокираниот центар, ама битно за 100 милиони евра Аеродром и Карпош да ги забрзаме. Фарса.
Да се навратам на реципроцитетот. Македонија треба и мора да влезе во ЕУ. Само така Македонците ќе се обединат како народ и ќе бидат еднакви, иако со различен пасош. Ќе не има и во Европскиот парламент, а тогаш ќе може да се избориме и за Македонец евро пратеник и од Грција, и од Бугарија, па и од некоја друга земја членка. Ама Бугарија ќе мора да признае Македонци, и да им дозволи здружување макар и во организации. Ќе мора! Нема друго. Тоа што Грција повторно носи одлуки за поништување на македонски здруженија, само покажува дека Европската унија за почеток треба да почне од себе, па нам да ни соли ум.
Не оди вака другари. Ние не чиниме по многу аспекти, но ни вие не сте сонот кој сме го сонувале, а ни го продавате. Дајте ни пример за да може да ве следиме. Македонците се како пиреј. Ништете не’, пак ќе никнеме, ќе изртиме. Македонија вечна!
Александар Ристевски