недела, 31. мај 2020. Вести денес: 16
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Колумни

Дилајли со северна тапија

Дилајли со северна тапија

„Е, од ова подолу не може!“, вели македонскиот песимист.

„Може, можеее, и те како можеее“, му одговара оптимистот и „онадувач“ Заев…

Ова е грдата вистина за сегашна, жална Македонија, која благодарение на владејачите од СДССС никако да го допре дното. Барем да си знаеме. Ама, кога и да помислите дека сме го допреле, пустите таленти секогаш успеваат да ве демантираат. Веќе во следната секунда. Можеби е и до сидрото прецедничко кое не влече напред? Дерман да се немало од глупоштии и идиотизми. Ама скроз…

Честопати, генијалците тоа го прават и во серија. Навежбани се, оти талент си е талент. Докажан, ама и тој еволуираше. Во последно време, успеваат да поентираат и со симултан напад врз сите сетила. Рокаат од сите страни, рафално со лапсузи, небулози, црни бисери и киксови. Вистинска канонада. Како последниот атак на поштата која некогаш беше македонска, дофилуван со јаготката наречена Заев. ЗнАЕВ дена Заев нема да омане, си го бива човечето…

Она, седиш дома, сабота, 9-ти мај, па уште ден на победата врз фашизмот, а некоја северна дилајла поштенска пушта фашистичка карта со северни орнаменти. Неверојатно, нели. До каде може да оди умот на некој што го нема. Еве до каде. Од една страна толку лудо, а од друга, пак, колку добро им прилега, ко саливено. Фашистичка Павелиќева Хрватска до хунташка Заева Македoнија, „свака част“. Толку северњачки, нели…

Чинот со фашистичката карта на Павелиќева Хрватска на поштенска марка со која сакаа да им се упикаат на претседавачите на ЕУ, испадна скандал, крајна глупост, абе Монти Пајтон вода да им носи, со цистерни. Иако, фашистичката марка лиферувана на Денот на победата е само слика за биљмезите, инвентивните автори на „австриското“ знаме на Латвија со кое го пречекаа Курц, превртениот орел на црногорското знаме за Ѓукановиќ, „македонското“ знаме од Аризона на авионот на Шеќеринска, црнгорскиот приц кој среде влада на Илиндеска бр.2 му даде медал на Зокија, разговорите на мултиталентот муртински со Порошенко, па Столтенберг и неговите црни црпнати бисери за кои ако ги набројуваме писаниево ќе добие форма на „Војна и мир“, или подолга де… Таленти невидени, дилајли до „коска“, крај на прикаската, срам до срам. Новиот синоним за ваквите дејанија се вика БЛЕСОК. Нешто ко блесоците на Кјубрик, малку и потемно…

За да не остане покус, пак, за да не го засенат, на фашистичката марка за Денот на победата над фашизмот и се приклучи и црпнатото чедо возљубено во власта, моќта и парите. Добро, не баш по своја волја се дозна за фактот, ама по сопствен ниет го онадуваше народот, нели…

Нејсе што психолозите велат дека човек најчесто и најмногу се фали со одредени афинитети токму кога најмалку го бива за истото…

Арно ама, Барон Муртинхаузен најпрво го онаквуваше името, па го смени. Ве тера да се запрашате, дали по навика ќе го смени и народот? Логика…

Поверојатно, неродот ќе го смени него. А и време му е. Докажан факт е е дека рокот на употреба на корисните идиоти е кус. А нашиве репрезенти на фелата „корисна“, пак, одамна немаат употребна ниту корисна вредност, исполнија се што може. И не може…

А ако владата се споредува со дигестивен систем, кој кога работи добро, никој не го приметува, времето за промена на пелените е повеќе од критична. Во Македонија одамна труе, абе копа, корне…

Вакви природни дилајли ретко се неоѓаат во светот. А ние си ги имаме на претек. За жал. И за извоз.

Башка, доколку до неодамна и беа дилајли „на диво“, веќе не се на црно, пред некое време си добија и тапија за алармантно високото ниво на дилајлизам. Влегоа во Регистарот на докажани дилајли. Документот црн, тапијата дека се дилајли невидени има и датум. 17. Јуни 2018-та. Башка тапија, башка капитулација…

Да, со преспанската капитулација добија северна тапија и се озваничија дека се неприкосновени, совршени дилајли. За да нема никаков сомнеж, ни трунка, за нивното недело… Иако, и самите си имаме голема заслуга за нивната промоција и практикување на дилајлизмот.

Отиии, велат, дека ако добиеш шанса да го плеснеш меѓу нозе оној кој е највиновен за твоите маки, сигурно цел месец не ќе можеш да седнеш…

Коронавирус