четврток, 28. јули 2022. Вести денес: 181
home Колумни

Дезинтегративни интегративци и СДСССС „стокхолмци“

Дезинтегративни интегративци и СДСССС „стокхолмци“

Во овие години на опасно собраниско живеење, се шушка дека пратеничката група на СДСССССС спрема инстант промена на Собранискиот деловник. Се разбира, со европско знаменце. Со нив, Таљо, Арбрррр и сите други народни дезинтегративни избраници ќе можат да тепаат, да пцујат и да се закануваат до „миле волје“ во законодавниот дом. Се разбира, кого сакаат и каде сакаат. По итна постапка и за мир во коалициска куќа. Планирана е и парламентарна верзија на името во галовно ДУИТПС (демократска унија за интеграција на тепање и пцуење во собрание).

Измените во Деловникот (за кои Кацарска експресно со уставен декрет кажала дека заради итноста  се доволни само 12 пратеници за да ги изгласаат) претполагаат дека деструктивците кои најмногу ќе тепаат и пцујат  ќе добијат и плус на плата за своите садистички, тепачки, пцујачки и омаловажувачки навики и афинитети, а најважно е што по нивното усвојување, истите ќе можат лагодно да се интегрираат во дезинтегрираното општество и парламент без никаква одговорност за стореното физичко и психичко насилство.

Проценката на СДСССССССС, чија врхушка и пратеници јавно се фалеле со Стокхолмскиот синдром кој станал услов за членска книшка, била дека со ваков коалициско-увиѓаен потег и измени на Деловникот, се дава силен придонес и на патот кон ЕУ, која токму со Францускиот антимакедонски предлог јасно и гласно ја прокламираше својата слабост кон безобразлук, насилие и поддршка на страната на посилниот и малтретирачот. Вака, одобрувајќи го садизмот на пулените на Алија и на неговиот гаваз и престолонаследник Артан Нежни, кој случајно направи кариера тепајќи малолетни деца на Калето, СДСССС со нов Деловник само уште еднаш ќе покажеле дека предлогот на Сол Макарон Сол Феро е воодушевувачки и дека не смејат да го прифатат само и само затоа што после јако ќе треснат од власт, а власта од тендерски причини не смеела никако да се изгуби. Тепање изведено од претседател на Комисија за ЕВРОПСКИ прашања било оценето како полн погодок, солидарност и силна јавна поддршка на Бриселското нецивилизациско насилие  кон Македонците. Велат, Вархеји се подготвувал преку видео-врска да го поздрави потегот на Адеми…

Во план е и собраниска Анкетна комисија за провокаторот Милошоски, кој, само замислете, со сиот ум му рекол на Арбрррр дека Али не е најубав и најумен, а на Ваљмир дека Бујар е бааги подобар во правење орлиња со рачињата и нивно летање. Кацарска пукнала од мака што не е во Кривичен и не може да го осуди Антонио на барем 20 години затвор, но Алексовска-Стојановска трлала раце. Русковска чекала во позиција на низок старт.

Истовремено, се подготвува и СДССССС собраниско тело кое редовно ќе заседава и во иднина со акламација и гласна овација ќе ги одобрува тепањата, пцуењата, заканите и омаловажувањата од врхушката на Алија. Ќе го раководи Мисовски, нормално. Кампањата, пак, дека да се биде тепан од ДУИ и не е ништо страшно, а пцуен уште помалку, ќе ја финансирале Анѓушев, Пуцко и Вице, а силна поддршка е најавена и од НВО секторот.

Велат дека Кацарска им подготвувала и алиби-одобрување од Уставен суд, тапија со која секој вистински терорист (не оние лажните и наместените од 27-ми април) ќе може да тепа и пцуе и надвор од Собранието и да помине неказнето. Иако ДУИ ја зезнале и тоа веќе го правеле. Ако не верувате, прашајте го Нефи…

Во план е и на местото на објектите планирани за градинки, да се отворат вежбални за дезинтегративни тепачо-пцујачи. Вербалното загревање ќе го почнувал Таљо, кој ќе ги учи на уметноста на пцуењето, редовни професори ќе биле Арбррррр, Ваљон и Нежни, а за вонредни професори биле планирани Фрчко и Дудуш. Почесни членови на „Боречкиот клуб“ ќе биле Али и Црпко, а Таче ќе му ја наследел почесната титула тогаш кога Зоче ќе решел да се пензионира…

 

П.С.

Секоја сличност на ликовите од собраниската траги-пародија кои кореспондират со ликови од иреалниот по име протекторат кој не толку одамна беше и држава е тотално и апсолутно неслучајна….

Коронавирус