вторник, 25. јуни 2019. Вести денес: 94
home Колумни

Деструктивни и темни луѓе во потрага по датум

Деструктивни и темни луѓе во потрага по датум

Западен Балкан само се преправа дека спроведува реформи, а ЕУ се преправа дека тие се спроведени- Брајан Хојт Ји.

Дојде времето. Време-невреме. Маските паднаа. Се покажа грдото лице на лагата и измамата. Опачини, колку сакаш. Има и лица, ама без образи. А ѓонови на нивно место, колку сакаш. Сите домашни политички спинери, медиумски штимунг-мајстори, “независни“ аналитичари, политички и правни експерти-експертутки, сите во еден глас и понатаму зборуваат за умните државнички чекори и маестралните политички решенија на политичкиот опскурант Зоран Заев и неговата влада. И понатаму го фалат Experimentum macedonikum. Се гордеат со најголемиот срам – промената на името Република Македонија, и го чекаат Годо. Во случајот датум од ЕУ за отпочнување на пристапни преговори. Тие го чекаат Годо, ама тој не ги рецка. Во многу добро познатиот негов стил не доаѓа, не доаѓа и не доаѓа. А Заев и неговите послушници го најавија уште од лани, И еве се уште го чекаме.

Мсје Макрон уште лани во септември ни наговести што ќе ни се случи, ама некои не сакаат да чујат, не сакаат тоа да го видат,и не сакаат да го разберат. Фрау Меркел, која полека, ама сигурно Германците ја праќаат во пензија, вели дека мора да се решаваат внатрешните проблеми на ЕУ, бидејќи тоа е одговорност пред германските избирачи, и само пред нив, ама овие нашиве и тоа не го гледаат, не слушаат и не разбираат. Нашиве упорни, едни одат во Берлин, други во Брисел, и молат ли молат за датум, кој нели уште од лани бил одреден. Молат бога барем да добијат реченица, две за утеха, од која ќе извадат некој еуфемизам, и ќе речат, еве го датумот, се крие по ходниците на Бундестагот, а ќе ни биде испорачан тогаш и тогаш. Во некој нареден јуни.

За странциве многу и не се секирам, одамна сум ги прочитал. Ама за овие нашиве демократи од 24 карати, како што самите се претставуваат, сум загрижен. Тие владеат со Македонија, од нив зависи иднината на нашите деца и внуци, секако и на нас – изгубената генерација Македонци. Е, овие архитекти на деструкцијата, кои веруваат само во една идеологија, во уништувањето, ме плашат. Многу ме плашат. Тие се ништоисти, Македонци од никаков ред и сој. Тие знаат само да менуваат име, да забрануваат граѓански протести, при спортски успеси, да се закануваат на спортските херои и на нивните фанови. Да им ветуваат прогони. А за забранетите книги, театарски претстави, цензурираните филмови и да не зборуваме. Овие златоврвни дострели на нивната политичка леснотија ме тера да ги дефинирам. Нивната структура е повеќеслојна.

Едни се средовековни инквизитори, други се ек-ка-ве-де цензори, трети агитпроп полит-комесари, четврти, монструозни спин доктори. Ваквите ликови во средниот век ги викале viri opskuri – темни луѓе. Денес, за нив има уште еден израз – Homo videns. Луѓе што гледаат, а не видат. Луѓе што слушаат, а не заушуват. Луѓе што восприемаат, ама не разбираат. Еве, малку да ги конкретизирам: Тоа се политичари без морал и дигнитет, академици, кои за статус и привилегии, аминуваат промена на име, лукративни историчари кои толкуваат и договараат историја, како што политиката ќе им нареди, стечајни управници кои наместо да штитат државен имот, дозволуваат тој да биде опљачкан.

Сите топтан, веќе трета година сеат магла врз Орвеловите фарми, што самите ги создадоа во Македонија. Борџии и Распучини, со продадени души на нечестивиот, кои заедно со антихристите ги уништуваат македонските доблести и вредности – државни, национални, културни и историски.