вторник, 22. октомври 2019. Вести денес: 110
home Колумни

Дескоска со новиот закон раскажува- како Боки 13 одработи за Заев и Рускоска!

Дескоска со новиот закон раскажува- како Боки 13 одработи за Заев и Рускоска!

Полека се исцртуваат рамките на целата операција со Орце Камчев, рекетот од Боки и улогата на Заев. Ако се сеќавате, по првичниот хаос, самата Рускоска рече дека Камчев пријавил кај Заев, а Заев кај неа. Што е фина тројка. Новите Чарлиеви ангели, наместо Катица, Фатиме и Ленче. И така тргна приказната која од Заев создава борец против корупцијата, а од Рускоска непристрасен, објективен и професионален јавен обвинител, наспроти правосудниот срам со „тероризмот“ за 27 април“.

Што имаме како финале? Вчера Министерството за правда го подели Предлог законот за Јавно обвинителство, кој, наводно е услов за да добиеме датум за преговори со ЕУ (по усвојувањето, треба да почне да важи од 15 септември оваа година), иако, на секогашниот Закон за ЈО не му фали ама баш ништо. И со зборови – ама баш ништо.

Во што е играта?

Законот за специјално обвинителство има рок на траење од пет години. Како војничка паштета и месен нарезок. Рокот истекува следната година во септември. Септември 2015-септември 2020 година. И само во шарлатанска држава како Македонија тоа е факт кој не се прима „на знаење“. Во тој Закон, на повеќемина веројатно им е познато, има одредба за неможност да се поднесуваат обвиненија по истекот на 18-те месеци од декември 2015 година кога Катица Јанева, без записник, ги прими снимките од Заев (без записник за да не се знае што е предадено, па да не се знае ни што евентуално ќе биде уништено, ако дојде тоа некогаш на дневен ред, иако во меѓувреме има направено десетици и десетици копии).

Како и да е, со постојниот Закон, СЈО би престанало да постои од септември наредната година. Тоа требаше да биде крај на приказната со рекет, уцени на луѓе, фабрикувани обвиненија, смешни докази, крај на приказната за метеорската партиско-обвинителска кариера на неписмениот состав на СЈО и на исто таквата кариера на Кацарска. Навистина, во Законот стои дека неговата важност може да се продолжува за „еднаш годишно“ (глупава формулација, која очигледно преведувачот од странски јазик, на кој беше напишан законот и поделен на нашите партии, не знаел правно да ја стокми), и за тоа се потребни 80 пратеници, кои Заев ги има благодарение на оние осум предавници од ВМРО.

Значи, Заев следната година можеше да го продолжи траењето на СЈО. Но, што би рекле Србите, секогаш има едно „али“ што на девојката среќата и ја „квари“.

Имено, тука се јавува приказната со распашаниот башибозук на Катица и СЈО што почнува да му пречи на главата на рекетот. Катица е искомпромитирана, всушност не само Катица, туку целиот состав на СЈО чии уцени од секаков вид веќе јавно се раскажуваат низ судските кулоари и потребен е нов обвинител. Плус, целата приказна со СЈО веќе станува опасна и за нејзините креатори, бидејќи неуставноста на овој орган едноставно го урна целиот систем. Надвор од контрола, Катица и нејзините правеа се што сакаа, по теркот на пијандури во некоја селска биртија кои се тепаат на првото „што ме гледаш бе, знаеш ли кој сум јас“ (па, ако можат тие, зошто да не можат и другите, од третата власт, но и од останатите две, кои и без тоа не беа под узда, па добивате општа оргија). Згора на тоа, таа и овој состав, покажаа апсолутна правна неписменост, и порано или подоцна, многу од пресудите кои се донесени и оние кои допрва ќе бидат донесени, ќе паднат. Постојат правни начини за тоа, да не ве гњавам сега. Со што се добива тотална компромитација на еден странски проект чија цел беше со помош на празноглавци да се постигне потпис со Грција. Сетете се само дека на првите прес конференции на СЈО беше присутен целиот западен дипломатски кор во земјата. Ене ви ги Бејли, Гарет и да не ги бројам, сите од ред со кренати мобилни за снимање во првиот ред пред Катица, и ене го рекетот за кој сите знаевме и без Орце. Е сега, не е баш пријатно кога утре во вашата земја некој, кој ве пратил овде како амбасадор, би ве прашал: „А зар ние, целата земја, застанавме зад овој бандитизам? Не можевте да им го смените името на друг начин?“

И така се доѓа до потребата Заев да се ослободи од Катица, да го исчисти патот за новата Катица, а тоа треба некој да го одработи. Нормално, во исто време, фино, без последици по неа. Сепак, она премногу знае.

Значи, на начин кој нема да ја загрози нејзината слобода, нити ќе и го наруши комодитетот што во овие години си го стекнала. Затоа и постапката на следење на рекетарите е пресечена на половина и не е изведена до крај, ниту пак тоа со рекетарите е направено како што треба (на пример, не е извршен претрес во станот во Орман во кој што живее Боки, фингиран е претрес кај Катица итн), за што веќе пишував.

Значи, имаме ситуација во која СЈО важи уште една година, може за уште една, но и ситуација во која е потребна нова Катица. И, ако Заев може да го продолжи животот на СЈО без ВМРО-ДПМНЕ, тој не може да најде нова Катица без партијата на Мицкоски. Имено, Законот е прецизен – за нов специјален обвинител потребна е согласност на четирите најголеми партии во Собранието. Така што 80-те гласа на Заев, заедно со оние на предавниците, не му вредат ништо, бидејќи не може да добие нова Катица (а старата му пречи) и СЈО би било блокирано. Посебно што тоа веќе е блокирано по мислењето на Врховниот суд дека обвиненијата по 18-те месеци не вредат повеќе од хартијата на која се пишувани.

Згора на тоа, дури и да се редовни изборите, тие кај и да е ќе дојдат (иако Заев има намера да ги пролонгира до јуни 2021), а како се ближи времето, така обвинителско-судските сончогледи ќе почнат да седат на две столици. До вчера му клечеа на Сашо, сега на Заев, а како минува времето, им се јавува саклма на душата. Можеби нема, но можеби „ќе го јадат“. За сите пари. Затоа почнуваат да пелтечат.

И тоа е проблем што Заев, кој наспроти сите еуфории кај неговите противници дека е готов, мора да го реши, бидејќи човекот нема намера така лесно да се предаде. Напротив, има намера да победи. Впрочем, тој се уште има по некој ментор и надвор од границите кој го бутка и, иако е во жива кал, му вели – мрдај уште.

Така доаѓаме до притисокот дека мора да се донесе нов Закон за ЈО, а во негови рамки да се вклопи и СЈО. Истото СЈО кое беше наменски формирано и кое требаше да има рок на траење. Всушност, еднократна употреба. Е, тоа што Заев сега сака, а тука се и рековме и неговите ментори од странство, е СЈО да се вклопи во Уставот и да трае бесконечно. Затоа се создава таа некаква фама околу новиот закон за ЈО, демек е услов за ЕУ, тука кученцата добиваат налог да ја обработат јавноста, и ете, по неуспешните преговори со ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа предлог законот на Дескоска кој можеби наредната недела ќе биде пуштен во Собранието.

А со тој закон, новото СЈО на чие чело, Заев веќе ја постави Рускоска, спротивно и на сегашниот и на идниот закон за обвинителството (независен избор, нели?), предвидено е дека СЈО кое ќе се вика „ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција“, ќе има финансиска самостојност (остануваат четирите милиони евра годишно, ако не е и повеќе), остануваат односно продолжуваат предметите покренати во рамки на 18-те месеци (кои требаше да бидат завршени во разумниот рок од пет години, ако не никому ништо, и онака сме веќе Северна), но остануваат и продолжуваат и предметите односно истрагите и обвиненијата покренати по рокот од 18 месеци (член 106 став 2). Дескоска, односно предлог законот, имено вели, дека новото обвинителство ќе ги „преземе предметите од СЈО во фазата во која се наоѓаат“. Страотно срамно и страотно продолжување на корупцијта на правниот систем на Република Македонија.

Зашто, ако заради Грците ни се случи девастација во траење од неколку години, сега требаше да следи период на поправање на таа девастација, а не нејзино бесконечно траење по што ќе нема потреба некој да ја дели Македонија – таа едноставно сама ќе исчезне, ќе ја снема како гнила јаболка.

Сега со Рускоска добиваме нова порака – гукнете ли нешто (избор на Талат, уцени за измена на Уставот… било што) нема да ве гонат шарлатаните на Катица, туку Рускоска викана „тероризам. Јасно нели?

Ете, отприлика во кратки црти, тоа е една од клучните смисли на оваа афера, иако далеку од тоа дека аферата е измислена. Само, добро насочена. И уште поклучното, до неа немаше да дојде, ако не беа овие потреби на Заев. Едноставно, се ќе се забошотеше, или можеби шутраците рекетари ќе ги наместеа за нешто помалку битно. Колку да ги смират.

Како ова да се избегне? Па мислам дека за тоа не треба многу ум. Јасно е! Не треба белким да се црта, а за тоа и онака не ме бива. Но, катастрофата на Зев со тоа што се пофали дека веќе ја избрал Рускоска, иако ќе треба да ја избира Советот на обвинители, ја олеснува работата. Доклку се сака, се разбира!

Е, да, и за крајта, уште еднаш, демек Орце се јавил кај Заев и пријавил (телефоните можеби си ги размениле додека Орце во Шутка примал емисари, ама тоа можеби се само злобни гласини), а Заев кај Рускоска, ама снимките се од странска, а не од домашната служба. Милина од приказна. Нели?

Се разбира, за другите глупости на законот, во наредната прилика!

Дарко ЈАНЕВСКИ за Денешен