понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 165
home Колумни

Ден потоа . . .

Ден потоа . . .

Прашањето е всушност: „Што ќе правиме утре“? Што ќе прави власта ден по завршување на вонредната состојба? Што ќе правиме сите ние откако оваа самозадоволување на власта и нејзините играчки-плачки ќе завршат? А, мора да заврши и како што можеме да забележиме власта е во недоумица кога да прогласи „победа“ над вирусот и тоа да го одбележи со една сенародна прослава, секако во своја чест, па нели се „попедници“. Потоа …?

Потоа, ќе одиме на избори и тоа е планот на власта кој тука некаде завршува. Завршува, бидејќи не се во состојба да ги согледаат глобалните промени кои настанаа како последица на повеќегодишните динамични процеси на меѓународната сцена, но и како последица на пандемијата која всушност беше тригер кој ги откочи процесите и воедно акцелератор за нивно забрзување. Последиците од овој процес, а кои ги забележуваме се исклучително драматични и ќе бидат преточени во иднината на меѓународните односи. Оваа иднина несомнено ќе биде еден динамичен процес на борба помеѓу суверенистите и либералите, а истиот влегува во завршната фаза која ќе го детерминира светот за еден подолг период во иднина.

Тоа е токму она што нашите властодржци полни два месеца на најсуптилен и противуставен начин се обидуваа да го поништат. Да ја поништат волјата на суверенот изразена преку изборот на нивните претставници во Собранието на Македонија. За жал и сега се обидуваат истото да го направат, односно да го злоупотребат Собранието за свои политички калкулации и потреби. Затоа ние ќе треба да се занимаваме со дреболии од типот кој каде бил и дали бил, но не се занимаваме ниту дебатираме (а нели Заев вети дека за се ќе дебатираме, бидејќи самиот тој е „вљубеник“ во јавни дебати) за тоа како го прекршија Уставот и прогласија вонредна состојба, како и која ќе биде задачата на Собранието кое треба да се свика на седница. Дали тоа ќе биде „прекутрупа“ верификација на одлуката за прогласување на вонредна состојба? Можеби, нејзино укинување (секако откако на 16-ти мај ќе заврши)? Дури најверојатно, дали тоа ќе биде преточување на уредбите на владата и вонредниот и ополномоштен премиер во закони (дури и оние Уредби за извоз на дијаманти)? Што и да е, нема да е од полза на суверенот, туку само од полза на власта онаква „либерална“ која со недемократски методи на нео-либерализам се обидува да остане власт. За таа цел вреди да се „жртвуваат“ и така веќе потрошените пратеници од СДС и нивната коалиција. Впрочем, тие и така немаат сила (за човечки и политички капацитет и да не зборуваме) да направат нешто во полза на државата. Да донесат одлука со сопствено расудување. Тоа одамна им е непознато. Што е тоа здраворазумско, законско, уставно, аналитичко, политичко, етичко расудување во полза на суверенот (оној што ги избрал)?

Токму ментално – политичката матрица на Заев ни ги разоткрива „непознаниците“ како Заев, со неговите бајгањовски итроштини, ќе делува во периодот што следи. Во минатата колумна ги допрев неговите византиски игри, во дворот на СДС, кои очекувам најдоцна следниот месец да завршат. Не толку поради мудрата стратегијата на Заев, да ги елиминира своите внатрепартиски опоненти, колку поради нивното повлекување (оваа „војна“ е многу интересна со многу подметнувања, и интересни позадински играчи, но за тоа во некоја следна колумна), оставајќи го сам да догори. Ним им е јасно дека за „Титаникот“ Заев прашање на месеци е кога ќе ја погоди сантата мраз и ќе потоне. Ветриштата на геополитичката сцена се безмилосни, а цехот вообичаено го плаќаат дворските луди (не е познато дали оние на дворот на СДС се свесни за нивната улога).

Завршувајќи со СДС, Заев ќе се обиде да ги потурне „под тепих“ неговите злодела, а за тоа секако, што е вообичаено за СДС виновен ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, поточно претходната власт. Па така со завршувањето на Короната за очекување е дека ќе се расфрла со „бомби“ од нелегално снимени разговори, секако за Заев потврдената стратегија како добитна комбинација. Презентирајќи наводни „црнинла“ за да се види неговата „белина“ иако истата ниту со боринче неможеш да ја најдеш не пак да ја видиш. Секако, и овој пат грижливо ќе бидат таргетирани личностите кон кои ќе биде насочено, во овој кош нема да бидат вклучени македонските транзициски богаташи, од типот на фамилија Заев, тие му се потребни за завршниот трети чин.

Во третиот чин кој јавно нема да биде проектиран, Заев ќе се обиде да го закова последниот клинец на ковчегот на Македонија. Пред јавноста ќе биде обзнанена „помош“ од ЕУ поради санирање на последиците од епидемијата, всушност станува збор за средства дадени со обврска да бидат вратени, секако со одреден интерес-камата, а наречени „заем“. Со овие средства Заев ќе ја корумпира групацијата „македонски транзициски богаташи“, давајки им средства за добивање на целосна нивна подршка, што значи уцена на вработените за кого да се гласа. Така уште пред и да започнат изборите тие ќе бидат корумпирани, со однапред познат „победник“. Поради оваа стратегија е и видливиот комодитет на Заев да ја раскине коалицијата со ДУИ и да соработува со маргинална партија како што е БЕСА. Прашањето е: Кој носи заштитна маска на очите

Во збиднувањата на меѓународната сцена, видливо е дека ЕУ не успеа да го активира системот (кој впрочем и го нема развиено) за кризни ситуации, така што нејзината улога е сведена исклучиво на финансиска помош од европските фондови. Се друго во однос на практичното справување со кризи и кризни состојби од различни хазарди кои не вклучуваат вооружени дејствија, ќе го преземе НАТО. Секако дека НАТО располага со доволно цивилно-воени капацитети, но тоа не значи дека НАТО ќе ја промени својата улога и ќе ја супституира улогата на ЕУ. Напротив, НАТО ќе остане воено-политички сојуз. Напоменувам сојуз, не систем за колективна одбрана или супер држава.

Токму тука е дилемата на концептот. Дали ЕУ ќе се врати чекор наназад и ќе ги преработи одредбите од Лисабонскиот договор кој никогаш не заживеа? При тоа, неминовно е ЕУ да се сврти кон суверенизмот во целост.

Тука повторно доаѓаме до нашите властодршци. Нивната цел е видлива и тривијална. Тие сакаат да се „доберат“ до „заемот“ од ЕУ, да глумат подготвена и посветена членка на НАТО и се да си тече во рамките на нивниот квази либералистички светоглед и дух. Тоа е СДС, неработници и готовани кој во пракса живеат паразитски на туѓ грб. Но, тука се прелажале. Британскиот Foreign office им кажа многу во анализата од мината седмица, а која се однесуваше на состојбите во НАТО. Значи (што би рекла Катето, која патем ја заборавивме затоа што тоа и одговара на власта), значи Марија Антоанета, не е доволно да глумиш дека се е во ред со АРМ, да набавиш 71 (седумдесет и една) гума, неколку илјади чизми и да шиеш униформи во Јумко Врање, како и да донесеш СОП (стратешки одбранбен преглед) и истиот да го претставуваш (манипулираш) пред јавноста дека се работи за стратегиски документ (а всушност се работи за документ од оперативно значење на второ ниво). Не е доволно ниту да ја инсталираш РОУД-2 болницата (за да ти се зголеми ПР-от во рамките на дворските игри во СДС) која патем е хируршка болница, а не инфективна, како и да купиш два грејдера и се фалиш пред граѓаните како сме партнер во НАТО кој претставува фактор, бидејќи седиме на иста маса со земјите членки. Во НАТО нивото се оценува според опременоста, обученоста, пополнетоста и подготвеноста на единиците за извршување на наменските задачи и оние декларирани во НАТО, а за тоа пред се е потребно креирање на одбранбена политика. Да, наменските задачи на армијата, не изигрување на редарска служба пред банки и маркети како што тоа го направивте во Прилеп или префрлање на средства од буџетот на АРМ за потребите да се корумпираат граѓаните за изборни цели во време на епидемија и вонредна состојба, а како да е предизборие.

Не е во прашање само способноста за човечно и домаќинско владеење, туку и онаа за согледување на процесите кои доаѓаат, а кои се неминовни, што значи дека се работи за потполно политичко слепило и недостиг на знаење и анализа. Токму во тие процеси се наоѓа клучот за опстанок и развој на Македонија како дел од суверенистичката групација држави. Држави кои располагаат со силни и соодветни капацитети за зачувување на интересите на суверенот.

Сепак, се зависи од нас. Од нашата одлука како суверен. Треба да имаме на ум дека од нашата одлука ќе зависи и вклучувањето или не вклучувањето на Македонија во идните процеси и нејзин опстанок како суверена држава со полна власт на суверенот или како територија со квази либерализам односно со нео-либерализам во пракса.

Дека власта не размислува за денот потоа, ќе можеме да се увериме многу бргу преку директните последици кои ќе ги почувствуваме.

 

Хртистос Воскресе!

Навистина Воскресе!

 

На денот на Св.Свештеномаченик Кипријан Слепчански

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Коронавирус