сабота, 19. септември 2020. Вести денес: 28
home Колумни

ДЕЛА, А НЕ ЗБОРОВИ

ДЕЛА, А НЕ ЗБОРОВИ

Можеш да ми се обраќаш со: Величествена, Почитувана, Сакана… Можеш да зборуваш на својот мајчин јазик каде сакаш и колку сакаш, но едно е да зборуваш, а сосема друго е да почитуваш.

На дело да видам дека некој ја сака оваа држава, а не на зборови. Дали некој ќе ја сака повеќе Македонија ако не ги почитува нејзините Устав и закони? Дали некој ќе ја сака повеќе Македонија, ако не си ги плаќа сметките и даноците кон оваа држава? Дали некој ќе е поголем државник, ако се „бори“ за своите права, притоа не почитувајќи ги другите?

Македонија е земја на сите кои живеат во неа. Сите ги уживаат нејзините убавини, сите имаат свои домови, свои семејства, свое катче во неа. Никој не е обесправен, ниту е граѓанин од втор ред.

Да се биде држава, значи да се има име, јазик, народ, култура, историја, идентитет. Ова не е мало државиче. Ова е држава која некои силно ја поништуваат, погазуваат и не ја признаваат. Живеат и создаваат во неа, а не се горди на тоа.

Државата се сака и почитува со дела, а не со зборови. Имаме еден куп закони кои, напишани на хартија, делуваат совршено. Но, истите тие закони – каде и кој ги почитува и спроведува?

Да појдете во друга држава, веднаш се воодушевувате од нејзиното уредување, од луѓето кои таму се беспрекорни, кои не фрлаат отпадоци по улици, кои возат според сообраќајните прописи, кои чекаат на ред на шалтери и во болници, кои поздравуваат секој случаен минувач со насмевки на лицата. Зарем е тешко и во Македонија така да се однесуваат нејзините жители? Или е полесно своето да се критикува и да не се почитува, а на туѓото да му се восхитуваме? Кој ни брани да бидеме совесни и лојални граѓани на Македонија?

Трчаме и тежнееме кон Европа и европските вредности. Дали со ваков однос кон сопствената држава имаме шанси за Европа? Дали влезот во Европа ќе ни го промени менталниот склоп?

Минуваме улица кај ќе ни одговара, се паркираме веднаш пред саканата дестинација, во банка бараме врски за да не’ услужат преку ред, во училиште стануваме „први пријатели„ со класниот раководител на своето дете, за да тоа полесно минува и добива добри оценки, на работа му се додворуваме на раководителот, за да имаме привилегии при вршењето на работните задачи или за да останеме на пауза подолго од дозволеното.

И кој е тука виновен? Европа или Македонија или ние самите? Виновна е државата? А, неа кој ја сочинува? Ние. Сите заедно и секој поединечно. И се’ додека се угледуваме на оние кои „полесно“ проаѓаат, се’ додека таквите ни се репер за успех, се’ додека има некој кој прима мито и корупција, се’ додека има некој кој подмитува и потплатува, се’ дотогаш нас нема да не’ биде. Се’ дотогаш оваа држава ќе ја плукаат луѓето кои ја манипулираат и корумпираат.

И не се работи за тоа дали државата е добра кон нас, туку дали сме ние добри кон неа. Љубовта е вистинска, ако е обострана. Љубовта се заслужува и се чува. Љубовта кон сопствената татковина е најголемиот фактор за опстојување.

Затоа, на дело да се покажеме сите кои живееме во Македонија и кои сакаме и можеме да придонесеме. Македонија се сака со дела, а не со зборови. Македонија е држава која заслужува многу повеќе од сите нас.

Јазикот кој го зборуваме е само начин на меѓусебна комуникација и разбирање. Јазикот е средство за конверзација, а не за конфликти. Јазикот изразува она што човекот сака да го каже.

Ајде, кажете секој на својот мајчин јазик, дека ја сакате и почитувате Македонија!

Ајде, покажете и докажете со дела, дека ја сакате и почитувате Македонија!

Ајде, дела, а не зборови!

Дафина Стојаноска – пратеничка

Коронавирус