четврток, 19. септември 2019. Вести денес: 21
home Колумни

Давител vs Давител

Давител vs Давител

 

Секоја сличност со Заев vs Заев е предмет на посеопфатна анализа на мотивите и крајните лукративно-политички цели на Зоран Заев.

На почетокот на овој текст кој најмалку сакам да го посветам на глупостите кои Заев ги прави во дневно-политичката прагма сакам да поставам едно прашање на кое нема да добијам одговор, но сепак нека биде дека јас кажав: „Кој е генијалецот кој по теркот на политичките дејствувања во Србија му даде совет на Заев да биде две во едно“?

Оваа неталентирана политичка ефтина драма ќе мора да ја изгледаме до крај и уште згора на тоа ќе мораме да го платиме целиот буџетски износ за нејзиниот гламур и глупост.

За да не звучам како некој некогаш во стилот „реков и пак ќе речам“, едноставно нели, само ќе напоменам дека токму предвидов каква ќе биде метлата на Заев. Наместо самиот себеси да се измете (што е невозможно), тој реши да го дисциплинира??? ДУИ, односно да заигра на картата на засилување или приморување на зголемување на неговиот коалиционен капацитет со ДУИ.

Така на крајот, од сите нагаѓања во изминативе приближно два месеци, може да видиме дека само колегата Тевдовски го изметоа. Не дека Тевдовски беше сјаен па ќе имаме штета од таа работа, туку едноставно затоа што човекот од Данска не дотера во дупка, а овој „два во едно или три во едно“ сега ќе не дозакопа.

Сепак, целта на овој текст не е да зборуваме за тоа колку Заев е лош па сега уште ќе ни ги води и државните финансии или за тоа како сега кај него како премиер ќе биде и државното чекмеџе, а што претставува концентрација на енормна моќ во рацете на еден човек. Да не заборавиме дека од среда натаму Заев ќе биде премиер, министер за финансии и ќе раководи со координацијата на безбедносните служби. Па тоа е всушност „три во едно“, како бргу напредува човекот нели, а сите го подзабораваме овој клучен момент наречен „координација на работата на безбедносните служби“. Целта на овој текст е едноставно анализа на она што не очекува со Заев –три во едно во следниот период и зошто тоа го прави.

Никогаш на Заев не му беше ниту ќе му биде до реформи, основната премиса на неговата политичка игра е едноставно „како да ја концентрира моќта во свои раце“, а тука не се работи за формална моќ, туку за конкретна моќ. Сега тоа е повеќе од јасно, само незнам на кого сега не му е јасно за што тоа и против кој режим се бореше Заев додека да дојде на власт. Откако „конструктивната“ опозиција на што се фати ВМРО-ДПМНЕ му ги изгласа сите закони од областа на безбедноста (а цело време инсистирав на стриктна поделба на одговорностите во однос на безбедносните служби и вклученост на Собранието), па потоа Заев си го именува Виктор Димовски (да се потсетиме на ТАТ) за директор на АНБ, сега го презема и Министерството за финансии. Токму онака пополека ќе не дави во дупката или како што вели познатата народна песма „в 1767 лето“, „ќе не м’лзе ќе не стриже до крв“.

Токму тука е спојот на моќта во еден лик под маска, а вистинското лице на „наивниот“ ни и „демократски“ премиер допрва ќе можеме да го видиме. Располагајќи со премиерската функција, моќта на директен допир и одлучување за трошење на буџетските средства (не случајно најави ребаланс до крајот на годината), контрола над безбедносните служби под прикритието за координација на безбедносниот сектор и директното именување на директорот на АНБ е концентрација на моќ која во Македонија ја немал никој досега. Последиците ќе ги видиме многу бргу, но најпрво ќе треба да се позанимаваме со тоа која е целта за овие потези на Заев (патем сите сметавме дека е „црпнат“, но ќе биде дека има диктаторски претензии и е многу блиску до нивно остварување).

Последиците од оваа три во едно операција на Заев, или подобро дефинирано целта која треба да резултира со конкретен политичко-лукративен резултат на Заев се нарекува „предвремени избори во Февруари-Март и безусловна победа на СДС и Заев“. Секако ова ќе биде покриено со напредокот на Македонија за добивање на датум за преговори за членство во ЕУ, експедитивноста во работата, загарантираниот економски напредок, повисоки плати и пензии и сите други убави приказни, но главната цел за лично богатење и неограничена моќ нема да го каже, барем на јавно.

Всушност, Заев наголемо се подготвува за предвремени избори на кои ќе стартува со огромна предност. Таа предност сега се обидува да ја достигне со политички интриги и игри на локално ниво и додворување надвор. Анализата на остварувањето на планот на Заев ќе се обидам да ви ја претставам во неколку точки (чекори) без при тоа подетално да ги елаборирам:

1.Од 26-ти Јуни па се до почетокот на Октомври Заев ќе бара мораториум на критиките за работата на владата, бидејќи ќе има нова влада и ќе користи 100 дена грејс период. За ова време беспредметно ќе биде да се дискутира за „резултатите и ефектите“ од работата на „новата влада“.

2.Во овој период новиот генерален секретар на СДС-то интензивно ќе работи на терен во основните организации за средување на состојбите и санирање на последиците од катастрофалното владеење и тоа првенствено помеѓу сопственото членство, а со единствена цел како да ги мобилизира сите сили за претстојните избори. Затоа и изјави Заев дека летово нема да има ништо драматично, паузата на новата влада ќе ја искористи за средување и себе засилување во СДС-то.

3.Во Октомври веќе е позиционирано (иако не и загарантирано) добивањето на датум за почеток на преговори за членство во ЕУ (иако напоменувам дека тоа е оквирен датум и не мора да значи дека тогаш ќе започнат преговорите, а кога ќе завршат е сосема друга приказна). Добивањето на дури и формален датум за преговори е политичкиот бенефит кој Заев со душа го чека заради оправдување на сите глупости кои и ги направи на Македонија.

4.Во средината на Декември ќе биде завршена ратификацијата за прием на Македонија во НАТО со што Заев ќе го заокружи и вториот политички бенефит, а сето ова ќе го прикаже како успех на владата и СДС-то и ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ нема ниту да го спомене во оваа фалба или само формално што би се рекло колку „да исплакне уста“.

5.Најавата за зголемување на платите кај јавната администрација и зголемување на пензиите (реално е возможно за 5-10%) ќе биде популистичката економска мерка која ќе ја реализира сукцесивно во Септември, Ноември и во Декември со одлука на влада и очекувана важност од Јануари 2020 година. Впрочем затоа и најавува ребаланс, а тоа значи нови задолжувања. Како додаток на ова е и популистичката лага за враќање на ДДВ, па така некаде во Декември ќе пристигнат и првите пари од враќање на ДДВ-то.

6.Во целиот овој период контролата на буџетот во рацете на Заев ќе значи целосна контрола на државните пари и нивно „безболно“ или без видлива трага подобро кажано (под заштита на АНБ и безбедносните служби) прелевање на приватни сметки како резултат на реализираните тендери, кои пак ќе прикажуваат напредок на државата и раст на економијата и вложување во инфраструктурата која тешко ќе ја гледаме. Очекувајте повторен ребаланс на чинењето на автопатаот Кичево-Охрид и слични големи зафати, особено во енергетиката.

Така „набилдан“ и политичко-економско-социјално подготвен, за очекување е Заев да распише избори на крајот на Декември со датум на одржување кон крајот на Февруари или самиот почеток на Март. Техничка влада (од некои 60-тина дена ќе има), но со немање моќ за смена на директорот на БЈБ, координирањето на сите безбедносни служби од страна на премиерот (технички кои нема да може да ги смени клучните безбедносни актери), завршената „социјална програма“ за популистички настап, поради што може да очекуваме диктаторски избори во кои опозицијата ќе треба да се бори за воздух во пракса, а формално ќе има министри во техничката влада.

Тука доаѓаме и до завршната поента на овој текст за да давителот не не удави. Тоа е улогата на ВМРО-ДПМНЕ. Многу е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ итно мора да направи стратегија за настап. Стратегија во коалиција со народот со сите граѓани доколку сака да обезбеди услови да победи на следните предвремени избори. Играњето улога на „конструктивна“ опозиција која во пракса ќе биде злоупотребена за дневно-политички и лукративни цели од страна на диктаторот во зачеток Заев, е штетна политика не само за ВМРО-ДПМНЕ, туку и за Македонија. Насушно е потребно на нашите партнери од надвор да им се објасни дека ВМРО-ДПМНЕ е конструктивна опозиција во контекст на поддршка за добивање на датум за преговори со ЕУ, но не и да замолчува пред еклатантните тенденции на Заев (видливи конкретно во неговите чекори на политичката сцена) за воспоставување на диктаторски политички модел со моќ концентрирана само во него. Ова е алатката со која ВМРО-ДПМНЕ аргументирано ќе може да се бори против режимот на Заев и тоа да им го објасни на нашите надворешни партнери од ЕУ и НАТО. Од тука натаму останува на ВМРО-ДПМНЕ како ќе ја осмисли, организира и реализира стратегијата за демистификација на Заев како „наивен и демократ“, внатре и надвор од Македонија и истакнување на основната поента на Заев, а тоа е: оставрувањето на неговите најниски лукративни цели преку диктаторско владеење со Македонија.

Воведот во диктатура започнува на 26-ти Јуни 2019 година, доколку совреме започнеме со борба против режимот кој крајно смислено и перфидно сака Заев да ни го инсталира, дотолку ќе обезбедиме услови да на демократски начин го победиме на следните избори. Секое доцнење ќе биде погубно за сите граѓани на Македонија, бидејќи ова не е прашање само на Македонците туку прашање на секој од нас поединечно како граѓани без разлика на етничка припадност, вера, пол и убедување. Ова е прашање на демократијата и демократските вредности и нивна заштита од обид за тоталитарно владеење преку лаги во политиката.

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов