недела, 9. мај 2021. Вести денес: 42
home Колумни

ДАМЈАН ПИТАГОРА ОД ШТИП

ДАМЈАН ПИТАГОРА ОД ШТИП

Кога моќта и незнаењето стануваат правило за лансирање на министерска функција, резултатот е водечко место во „одлив на мозоци“…

Деновиве бевме сведоци на еден маестрален натпросечен ум, дете на кое Бог му подарил талент за решавање математички задачи. Но, исто така бевме сведоци и на еден банален одговор на Министерството за образование и наука, каде истото тоа дете, се одбива од наградување за успехот, заради тоа што бил основец а е најдобар за задачи за средношколци!?

Без никаква логика едно дете нема да биде наградено барем еднократно? Чисто за сатисфакција, за да знае дека секој труд вложен во себе и за оваа држава се наградува.

Која друга држава во светот одбива да ги награди талентираните и натпросечните ученици? Одговорот е – никоја!

Но, заклучокот е дека се работи за приоритети. Денес, приоритет се проекти со невладини за непостоечки обуки, нови задолжувања на овој напатен народ, набавка на апетисани кои чинат небројни просечни македонски плати, и на крај, за лудилото да биде уште поголемо не убедуваат дека „се било до перцепцијата“.

Вистината наспроти перцепцијата која се обидуваат да ни ја претстават изгледа вака: во случајов, станува збор за убаво македонско дете кое не е дете како ќерката на еден владин функционер за да добие стипендија за студии во Холандија или пак 113.000 долари за студии во Англија.

И така, лондонски Економист не рангира на високото 8-мо место како земја со најголем број на “одлив на мозоци” во светот. Додека современите земји од петни жили се трудат да вложат во оние кои учат и секојневно напредуваат во своите области, ние ги избркавме. Патот прав, изгледа има многу лоша кривина!
Тргнав да истражувам што ветиле двете најголеми партии во програмите на последните избори. Да го видам делот токму за вакви случаи како Дамјан.

СДСМ ветиле живот за сите, а живееме живот за одредени. ВМРО-ДПМНЕ во својата „Обнова“, за деца како Дамјан ветиле стипендија до 300.000 денари за академска година, кога учениците ќе постигнат резултати на светска олимпијада, меѓународен, државен или општински натпревар во знаење. Исто така, годишни стипендии за првенци на генерација во државните училишта и еднократна помош за првенци на клас.

Голема штета што ние како народ, не читаме целосно што ни се нуди и за што го искористуваме своето право на глас. Штета што не ги читаме малите букви и скриените пораки. Се задоволуваме со празни флоскули, несогледувајки дека таму во тој т.н „живот“ и нема што да се прочита.

Цената ја плаќаме ние, и секоја наша идна генерација. Губејќи не само вакви „мозоци“ туку се покажа и дека го изгубивме и коренот.

Доста е политика, лажни ветувања, криминал, корупција и најважно од се- кратење на пари од Буџетот за наука и истражување заради задоволување на предизборни апетити! На Македонија и требаат сите со “мозок” а не едноклеточни амеби! Наука и само наука! Дамјан, големо ти е името. Сакај ја Македонија. Ќе дојдат подобри денови, кога таквите како тебе ќе бидат столбови на оваа држава. За многу брзо!

доц. д-р Викторија Трајков

Коронавирус