понеделник, 6. јули 2020. Вести денес: 281
МЕГА БОМБА

Нова аудио бомба: Се гледам со Вице, дадоа зелено светло да му се зaпaли колата, Трајче Заев даде црвен картон да не работи ништо

home Колумни

Дали ќе се навикнеме на “новата реалност”

Дали ќе се навикнеме на “новата реалност”

Кога целата македонска јавност очекуваше продолжување на мерките за превенција против корона вирусот, се размислуваше дури Комисијата за заразни болести да предложи продолжување на вонредната состојба, поради сеуште големиот број на позитивни случаи и се поголемиот број на починати, се случи нешто неверојатно. Имено, излезе претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски и во стилот на реисот Сулејмани го прогласи вирусот за мртов. За тоа веднаш ги обвини граѓаните, кои, како што рече и така не ги почитуваат мерките за превенција. Нормално, најлесно е кога друг е виновен.

Како што знам почитувањето на овие мерките е во надлежност на МВР и комисијата не треба тоа да ја интересира. До душа одредени аналитичари сите ингеренции и ги дадоа на таа комисија. Спрема нив, таа треба да одлучи дали да се продолжи вонредната состојба, дали да се продолжи полициски час, дури и кога треба да има избори. Претпоставувам дека тие аналитичари не биле свесни дека таа комисија е целосно политизирана, или ако биле, тогаш и тие се целосно пристрасни, во интерес на спасување на владејачката партија со брзи избори, без кампања, без набљудувачи, а според она што го гледаме, со противправното постапување во предвремената кампања, зошто да не и фалсификувани.

Претседателот на комисијата за заразни болести, со неговата изјава слободно може да се прости со професијата и Хипократовата заклетва, кои ги стави во целосен интерес на полтронски однос кон политиката. На тој начин ја разочара целокупната јавност, која во еден момент поверува дека можеби таа комисија навистина се бори со вирусот, иако ние сме држава која има најмногу заболени и најмногу смртни случаи во регионот. Но најважно е тоа што сме единствена земја која од кризата “излезе” со драстично влошување на здравствената состојба, отколку во зенитот на кризата, кога поради 20 заразени дневно се размислуваше за карантин на цело Куманово. Денес со 38 заразени и 4 починати ние треба “да се навикнуваме на новата реалност” и да одиме на брзи избори, без оглед на бројот на заразени и починати граѓани. Повторно истата комисија, ќе изработи протоколи, според кои ќе се гласа, иако нејзиниот претседател, гласачите веќе ги обвини дека не се придржуваат на тие мерки.

На тој начин дознавме дека здравствениот систем во државава не бил пред колабирање, туку веќе бил колабиран, уште пред да се појави вирусот. Дека сите мерки се сведоа на препишување од соседите, кои за наша несреќа имаа многу подобри резултати. Сето тоа, беше еден огромен маркетинг, во кој на главниот лик Филипче му порасна рејтингот, што значи дека односите со јавноста биле на високо ниво. Респираторите од Бразил сеуште патуваат кон Македонија, а зад инфективната клиника се намонтираа десеттина бараки, кои не примија ниеден пациент. 

Затоа сега, ”популарниот” министер, по катастрофалните резултати за корона вирусот, после само неколку дена од целосно укинување на мерките, за кои сите очекуваа да бидат ублажени, веќе прашан за тоа дали после ова размислува за оставка, рече дека и тоа е можно. Од овој аспект, а состојбата се влошува секој ден, тоа би му било најдобро решение. Неговиот шеф Зоран Заев, со политичките притисоци што ги врши овие денови, не само врз него, успеа да му го сруши тој рејтинг за само неколку дена. Сеќавањата за сомнителните тендери во здравството, со веледрогеријата Пановски сеуште се свежи.

Веројатно поради тоа, тој подоцна се споменуваше во сите коруптивни афери, како што се познатите “Рекет 1” и “Рекет 2”, каде што е посочуван од главните сведоци како учесник. Затоа, најдобро да го оствари тоа ветување и да си се повлечи, бидејќи јавноста ни во најлош сон не сонуваше дека ќе дојдеме до вака лоша пост-пандемска состојба, за која сеуште не се знае како ќе заврши. Не знам дали во таборот на Заев треба да бидат толку сигурни за брзите корона избори, со здравствени протоколи по нарачка кои сеуште не се направени.

Не само што СДСМ оцениле дека овој период најмногу одговара, туку има и други работи кои ги гледавме на странска телевизија овие денови што нивниот лидер ги ветил а кои не се завршени. Повторно наивно како во Преспанскиот договор, мислејќи дека тоа ќе го реши датумот за преговорите, слушаме дека тој дава интервју, дека нашата историја е заедничка, со Европа, со регионот, а потоа поединечна на секој народ. Таквите наивни ставови не доведуваат во се полоша состојба. Пред се, сервилноста и попуштање кон било кого, прави сите други да бараат се поголеми отстапки од нас. Гледаме овие денови во НАТО на работните состаноци сите се државјани на својата држава само ние не сме. На пример, на екранот пишува: Унгарец, Словенец, Хрват, а во нашата графа “граѓанин на Република Македонија.

Тоа значи дека нашата националност не е утврдена. Доколку било кој народ во Европа се откажува така лесно од атрибутите на државата, може многу лесно да остане без неа. Како што рекоа многу историчари, секој народ ја пишува својата историја и никој не смее да му се меша во тоа. Затоа, не е многу важно дали “Цар Самуил је много шетао, и што Кирил и Методиј су радили исто такве ствари”, важно е дека тие се Македонци од околината на Солун, а со ваквите изјави ние ги изгубивме како дел од нашата историја и Папата Фрнциск веќе ги запиша во католичката црква како Бугари, а не како заеднички просветители. На тој начин ние губиме се, името, националноста, идентитетот, културата, историјата, јазикот и друго. Губејќи ги тие работи ние ја губиме државноста, односно државата.

Еве и судот за човековите права во Стразбур, донесе две одлуки во полза на Македонците во Бугарија, а ние веќе се откажавме од малцинството во Грција. На таков начин ги доведуваме сите во заблуда. Како да не го бараат Бугарите тоа од нас, кога веќе сме им го дале тоа на Грците. Што би рекол претседателот Пендаровски “што ќе ни е ЕУ ако го изгубиме јазикот и идентитетот”. После се чудиме зошто соседите ни ги прават овие лоши работи. Не ни ги прави никој, сами си ги правиме. Заев беше официјален премиер на државата и од таа позиција, без оглед на тоа што мислеше народот, тој го почна процесот, што кон целиот свет е легитимен. Сега, бидејќи повторно брза со датумот, а не влезот во ЕУ, ветил да ја смени и историјата, што можеме јасно да го слушнеме на истатата таа емисија.

Дали ќе добиеме датум, тоа е сосема друга работа, затоа што евидентно доцниме со реформите. Затоа, сега народот е на потег. Не верувам дека било кои материјални добра, преточени во економски мерки можат да ги заменат овие вредности, особено што тие мали средства, од максимум 150 евра, се обезбедуваат со заеми од странство, кои веќе сериозно ги загрозуваат дури и нашите внуци, ако успееме да ја спасиме државата. Јас верувам дека граѓаните на Македонија знаат да казнат, дури и да има обид за фалсификат на изборите!

 

Проф.д-р Александар Даштевски

Парламентарни избори 2020