среда, 5. август 2020. Вести денес: 15
home Колумни

Да се биде или не, Македонија…

Да се биде или не, Македонија…

Лошата Влада ја избираат добрите луѓе кои не гласаат…

Оваа стара, прастара вистина ме преокупираше деновиве. Ве тера да се замислите, нели. Многу. Ќе ја пропуштиме ли единствената и последна шанса за да ги оправиме работите? Ќе ја поддржиме ли повторно и несвесно северизацијата на Македонија? Ќе им помогнеме ли на антинационалните дилајли да го продадат и она малку што остана од националните светии? Ќе им дадеме ли преќутен изим за дораспродажба на нацијата, јазикот, историјата?

Оти, да не се лажеме, овие избори се ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ ЗА МАКЕДОНИЈА. Нема, ниту ќе има поправен. Враќање назад не постои.

Со неизлегувањето на избори, само ќе им дадеме зелено светло на дилајлите да ја доразнебитат државата. Нека не не’ лажат дека се’ е бадијала, па дека најбитно било кој брои, а не кој гласа, тоа се дефетистички глупости протежирани од оние суруши од власта кои сакаат да го превенираат нашето појавување на гласачките места. Оние суруши кои се крстат во бојкот. Судбината или фатумот не постојат, самите ја создаваме. А минативе години, утнавме многу и не ја создававме многу-многу седејќи си по дома и џафкајќи по антисоцијалните мрежи. Да не се лажеме, нели. Е сега, да ти било време за акција.

Бојкотот е финта на СДССССС. Истите оние кои ќе не’ „мотивираат“ да си седиме дома и да штракаме по Фејсбук, Твитер и компанија, затоа што ако излеземе ќе сме гласале за се.ерна?! Абе ајде, вистината е сосема спротивна, ако не излеземе гласаме за сев.рна и го донираме гласот за натамошна девалвација на македонштината. Бланко гласче. Или БЕЗГЛАСЧЕ. Башка што ми омрзна страната не светот од идиотите…

Да, бојкотот за Референдумот беше нешто поинаку, макар и тоа блеферите наштелувани за смена на име не го почитуваа. Но, се надевам, многумина научија нешто од бојкотот на Силјановска за претседател, да ја имавме сега неа наместо сидрото Стево, ќе беше многу поинаку, сосема… Вака, дел од патриотите паднаа на прикаската дека не гласаат на ливче на кое стои северна. И бидна што бидна, ја усидрија Македонија со прамецот свртен контра јужната страна…

Знам дека не е лесно, дека за разлика од останатиот дел од светот, сега се бориме со два вируса во исто време. На страна што е крајно неблагодарно е да наканиш кого било да излезе и, не дај Боже, да се зарази со корона, макар од невнимание.

Сепак, јас ќе излезам и ќе гласам, затоа што со тоа свесно ќе учествувам во уништувањето на антинационалниот вирус СЕВИД-19 (СЕВерна ИДиотштина склепана 2019-та година). По уништувањето на овој вирус создаден во странските лаборатории, многу поорно и посаглам да се фатиме со уништувањето и на КОВИД-19, исто така склепан во нечии лаборатории, но со поинаква намена.

Победата врз ова наметнато и од страна поддржано зло е насушна неминовност за Македонија, Македонците и македонштината. Време е ПИРЕЈОТ да престане да се крсти во издржливоста на семето. Да, време е ПИРЕЈОТ нешто и да преземе за да си ги врати светиите. ПИРЕЈОТ е познат и по освојувањето на теренот, насаден со култивирани и ГМО садници, епа ајде да си го повратиме.

Време е антинационалните фолиранти зинати за пари да ги испратиме на мрачната страна на историјата. Ко и за се’ друго, лажеа дека смениле режим со пенкало. Не што не го сменија, туку го донесоа. Е сега со истото тоа пенкало, знаеме дека не можеме да ги „поправиме“ и оправиме кривинашките и лукративни дилајли, но можеме да ги надгласаме. Не мора да ги уриваме политичките им дивоградби, сами ќе си паднат, затоа што се насадени на крив и лош темел.

И ајде, по уништувањето на СЕВИД-19, да се посветиме на КОВИД-19, паралелно со оправање на уништените национални вредности и со конечно вадење на помалку прашинавата и мувлосана МАКЕДОНШТИНА од карантин. Ајде ние МОЗОЧНО НЕМИЕНИТЕ, да ја светнеме малу и извадиме на дневно светло.

Велат, најпотресени околу изборите во Македонија да ти биле соседите, оние лешинарите на кои од резултатите им зависи, конечно и по толку векови, дали ќе го „решат“ македонското прашање.
Ќе не „решат“ или не?

Време е, да се биде или не, Македонија…

Коронавирус