среда, 26. февруари 2020. Вести денес: 0
home Колумни

CON – SPIRARE

CON – SPIRARE

Тридеценискиот живот во Македонија е детерминиран од една девијантна општествена појава, безброј конференции, трибини, научни трудови кои само ја зацврстија Македонија во врвот на листата земји во кои на Власт е КОРУПЦИЈАТА. Секогаш кога размислувам на оваа тема на ум ми доаѓа анегдотата со францускиот Министер за финансии Колбер, во времето на Луј 14-ти, која и по три века делува свежо како вчера да се случила.

За што се работи? Организирал Колбер состанок со бизнисмените и ги прашал: „Што Владата може да стори за Вас, господо?“. На тоа прашање бизнисменот по име Лажандр му одговорил „laissez-nous faire“(пуштете не да работиме), со други зборови, аман само немојте да ни помагате, Ве молиме. Што би рекле кај нас онака тривијално: „Бате не ме брани повеќе“. Мислам дека оваа анегдота е добар вовед во детектирањето како и решение на проблемот – КОРУПЦИЈА.

Имено скоро секогаш расправите за корупцијата започнуваат со аксиолошко дерогирање и стигматизирање на „олигарсите“, што е прифатено како најпопуларна забава за политичката јавност и посебно на плебсот. Сите политички партии во време на избори, а ова е тоа време, на врвот на агендата ја ставаат борбата против корупцијата. Но, по завршување на изборите ние продолжуваме да се движиме кон врвот на најкорумпирани држави. Зошто? Убеден сум дека Заев го знае одговорот, но нема да го каже, бидејќи како што еднаш напишав, ќе мора самиот себеси да се „посипе со пепел“, а кои се покрај него и со кого се дише заедно е прашање за идна елаборација.

Во една прилика, еден пријател бизнисмен, водењето бизнис во Македонија метафорично го нарече „топол зајак“ ( по првото стапнување на „Голи оток“ сите новодојдени морале да поминат низ шпалир од затвореници и секој морал да го удри новодојдениот нај силно што можел), безброј законски заврзлами, барања за мито и „понуди кои не можат да се одбијат“ понекогаш според поедини сведоштва тие „понуди“ достигнуваат и 60% од вкупната вредност на бизнисот. Се прашувам дали се виновни бизнисмените кои „мораат“ да плаќаат непродуктивни трошоци (за мито, корупција) за да го поминат „Рубиконот“ од вештачки, насилни бариери на работењето, или е виновен оној кој ги поставил тие бариери и постојано ги одржува, смислувајќи нови и нови „предизвици“. На овој начин се наметна парадигмата за бизнисмените како снаодливи, „муватори“, шверцери, клиентелисти, што не е ништо друго освен дека власта оваа парадигма ја институционализираше како единствен профитабилен начин на заработка, лична секако. Наспроти регуларниот бизнис без туторства, во пракса е воведен политички рекет или „помош“ од било кој вид. Но, да ги појаснам поимите, особено што се подразбира под терминот „олигарси“?

Лица кои го стекнале своето богатство во нерегуларни или полурегуларни услови на транзицијата, без јасни и кредибилни правила на игра, судски систем и сопственички права. Тоа се луѓе кои користат политички врски за злоупотреба на јавните фондови, есклузивни дозволи, лиценци, кредити со повластени каматни стапки и т.н. како основа за надвор од економските правила да остварат огромен профит. Со оглед на огромниот број такви лица, нема да лицитирам со имиња. Предходното ја наметнува поентата, „олигарсите“ се производ на еден систем, не причина. Корумпираниот политички систем не беше создаден од нив, туку тој систем ги фаворизираше нив во однос на „нормалните“ бизнисмени. (се сеќавате на договорот за тринаесетте семејства кои требаше да го поделат целото државен имот) Да не беше така, можеби многу од тие „олигарси“ денес ќе беа создадени како „нормални“ бизнисмени. Да постоеа нормални правила на игра, ќе можеа своите бизнис способности да ги насочат кон иновации и работа наместо кон лобирање, подмитување и клиентелизам. Но, системот ги научи дека второво е поисплатливо. Наместо политичките партии да се расфрлаат со ветување дека економијата ќе ја оправат со закани дека ќе ги затворат сите оние кои се збогатиле со злоупотреба на државната моќ и политички привилегии (за волја на вистината и ова е потребно), неопходно е да се направи пристап соодветен на насушните потреби на Македонската економија. Единствена можност економијата да ја стават на „здрави нозе“ е со укинување на системот кој тоа го овозможува, односно ја овозможува коруптивноста и „маткањето“ со политичка поддршка. Воведување на јасни правила на „игра“, владеење на правото, искоренување на протекционизмот, намалување на арбитрерност на администрацијата, децидно подвојување на економијата од политиката, олеснување на бизнисот преку намалување на даноците и разно-разните регулаторни тела. На овој начин директно ќе се влијае врз сигурноста на граѓаните и безбедноста на државата без нивна дивергентност, а особено чувство на граѓаните за негрижа од страна на државата.

Тоа е единствениот начин да се раскинат коруптивните односи, кои за мене се класична олигархиско-политичка конспирација, нивното „заедничко дишење“, кое што теоретичарите одамна го нарекле con – spirare. Верувам дека многу бргу бизнисмените ќе го пронајдат својот Лажандр кој ќе ја замоли власта, да им помогне со тоа што ќе престане да им помага, да ги остави да работат во игра со јасно утврдени правила на пазарна економија, препознатливи во Европа, Америка, Азија.

Нема потреба да се измислува „топла вода“, доволна иновација Ви беше „топлиот зајак“ – дефиницијата од мојот пријател.

Вонреден професор д-р Оливер Андонов