вторник, 25. септември 2018. Вести денес: 150
home Колумни

Чекајќи го 30-ти

Чекајќи го 30-ти

Македонското секојдневие е испреплетено со катадневни афери, корупција и скандали на раководните луѓе во државата. Да не може човек ни да ги наброи сите.

Додека народот се занимава со политички монтираните судски процеси, под покровителство на специјалното ни или приватното обвинителство и ситно профитерските и популистички трикови со некакви бројчаници и божемски покачувања на платите, хунтата на власт продолжува со забрзано темпо да ја краде и уништува Македонија.

Градоначалници тепаат наставнички или им се закануваат дека ги прислушкуваат нивните телефони, се забрануваат домашни филмови и слободата на говорот, се прават списоци со административни службеници и вработени во јавните претпријатија кои ќе мора да гласаат на 30-ти Септември, ако сакаат да останат на работа… Министри склучуваат договори во четири очи за милионски суми евра, си делат десетици илјади евра стипендии на своите деца, си делат пари од буџетот на своите фирми. Крадат кој каде ќе стигне и кој што ќе дофати. Како последно да им е.

И целиот овој грабеж е припокриен со плаштот на “новата историја” која ја испишуваат Премиерот Заев и камарадите му Шеќеринска, Спасовски, Димитров и некои аморфни квази експерти, одејќи од град во град, убедувајќи ја на сила донесената публика дека со промената на името и откажувањето од македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, ќе седнеме на столчето до Норвешка во НАТО (која патем и не е ниту членка) и дека Европа ќе ни даде многу пари и бесплатно здравство. Лажат – сушат. Исто како што и крадат. Во нивни стил. Само тоа и знаат да го прават.

Пристапувањето кон нашите пријатели НАТО и ЕУ, зависи од тоа колку и како ќе работиме, за да дојдеме до тие вредности, а не од одрекувањето од самите себе.

Ја почнаа и кампањата за нај болното прашање, кое денека сите не мачи – референдумот. Факт е дека ја почнаа со рекламен материјал со печатна грашка (на маиците, пенкалата и запалките испечатиле натпис “За европска Македонија”, наместо “ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА”) и со ветувања до небото и назад. И во таа кампања, зборуваат за сé, освен за предавството и капитулантскиот договор кој го потпишаа и го тераат народот да гласа за него. Тие ни го врзаа јажето околу врат, и сега не тераат сами да си го турнеме столчето. Е па, не бива!

Почнаа да трубат трубите и да дуваат саксофоните по интернет порталите и социјалните мрежи, кој за пеефче за чорба, кој за нешто повеќе (барем оние кои се по “иновативни”), кој за финансиска државна помош, а други пак за да добијат поголеми права и педофилите. Запиштеа и шупелките и дудуците, со нивна песна, кој за нешто што му чуваат во некоја полициска или обвинителска фиока, кој за дневно профитерство, кој за некоја амбасада на соседна држава, други пак мераклии по вотката. Секој од својот интерес. Важно, дуваат и пиштат, како расштелуван оркестар, но во ист правец. И си го отсвируваат секој од нив, она што му е напишано во неговата нотна тетратка, која им ја дал заедничкиот струмички диригент.

Откако ќе се уморите од свирењето, пиштењето, заканите и тегнењето за уши, завртете се и видете кого лажете. Го лажете Македонскиот народ. А тој народ е единствениот кој на 30-ти Септември ќе донесе одлука дали ќе излезе да гласа за ова капитулантско дело и дали ќе дозволи сопствено национално самоукинување.

Македонскиот народ е мудар народ. Чесен, вреден и трпелив. Издржал многу премрежја и ќе го издржи и ова. Секој од нас во срцето ја чува Македонија. Република Македонија, а не Северна Македонија. И секој од нас, слушајќи си ги срцето и разумот, ќе ви покаже на 30-ти Септември дека не можете со лагите и притисоците да не натерате да излеземе и да се откажаме од нашето битисување. На 30-ти Септември, народот ќе ги слави поразот над предавничката хунта и победата на зачувувањето на Република Македонија.

А од 1-ви Октомври, после неуспешниот референдум, народот ќе си дојде по неговото. И нема да ве поштеди. Ниту еден. Ќе одговарате за сé што уништувате, крадете и предавате.

Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ