понеделник, 30. март 2020. Вести денес: 0
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Колумни

,,Case“ или кризен менаџмент во резиденцијалните установи за социјална заштита!?

,,Case“ или кризен менаџмент во резиденцијалните установи за социјална заштита!?

И така, несакајќи се соочија со предизвикот директорите на кои претходната министерка од ресорот за труд и социјална политика им вдахна ветер во грбот, за да ја менаџираат пловидбата на бродот именуван ‘деинституционализација’ на институциите за резиденцијална социјална заштита. Арно ама, амбициите големи, потенцијалите никакви, одделни персон(и)-ални решенија се занишаа штом ветрот задува посилно, па во напорот да ,,нè биде”, мора молњевито да се размислува како да не се падне. Барем за ова малку време што остана, оти веќе сега во воздухот се чувствува мирисот на друг покритички ветер, што ќе ги раскрилува едрата на бродот! И при ваква несигурна пловидба, во која капетанот не знае ниту стручно да го држи кормилото, ниту стратешки да го планира избегнувањето потенцијални препреки, се разбира виновна е посадата!

А во создадената хаотична ситуација, незнаењето наоѓа плодна почва за да создаде уште поголем хаос, во кој не се знае ни кој ,,пие ни кој плаќа“! Па оттука се прибегнува кон ,,кризен менаџмент”.

Деинституционализацијата како процес во сферата на социјалната заштита отпочна пред дваесеттина години, а во процесот активно учество зедоа повеќе релевантни фактори, и тоа: матичните центри за социјална работа на корисниците сместени во установа, установите за социјална заштита, биолошките семејства, згрижувачките семејства, дневните центри и поддршката од страна на локалната заедница.

Сепак, првпат суштински, документирано овој процес беше зацртан со Националната стратегија за деинституционализација во системот на социјалната заштита во РМ 2008-2018 година, а потоа и со новата Национална стратегија за деинституционализација 2018-2027 година, насловена ,,Тимјаник“. Да напоменам притоа, за куриозитетот во предговорот на документот на втората стратегија, дека истата е именувана во чест на жителите на с. Тимјаник, кои безрезервно го поддржале отворањето на малиот групен дом за деца со интелектуална попреченост.

Алтруистички настап на Тимјанци, достоен за респект!

И понатаму во текстот на стратегијата, теориски сè на место, впрочем како и во таа претходно (2008-2018), иако актуелнава стратегија се обидува да ја критикува претходната, за немање доволно енергичност ,,да ги оствари сите зададени цели“ (Национална стратегија: 3). Немање енергичност, или проценка на реални ризици, со потешко отклонливи последици, е дилема, која сигурно во догледна перспектива ќе рефлектира појасна слика. Она што ми остава впечаток моментно е дека актуелнава стратегија, во оваа почетна фаза, посматрано во рамките на ,,основните столбови на трансформација на институциите“ (Национална стратегија: 12), а во име на ,,пилотирање нови иницијативи и методологии“(:12) како мерки од политиките за што поефикасна заштита на најранливите групи на лица, своевидно со ,,херкулски залет“, ги прескокна трите столба и иако математички недоволно пресметано, но типувајќи на силата и кондицијата, се заземји на столбот наречен ,,преселба на корисниците во заедницата“.

Значи, започна да се случува и тоа, за кое сегашните ги критикуваат претходните субјекти во власта, во име на отсуство на политичка волја за промени, –   започна преселбата на корисниците (децата, од сите групи корисници и лицата со попреченост), од резиденцијалните установи во заедницата.

Се сложувам со тоа дека квалитетот на грижата за корисниците што се сместени во јавните резиденцијални установи, може да се зголеми само преку процес на трансформација, кој во фокус на интерес ја има вонинституционалната заштита, проверено искуство што земјата ќе ја приближи до европските стандарди. Меѓутоа, на ова ниво од Стратегијата, спроведувана од актуелната власт, не се препознава унапредување на вонинституционалната заштита, затоа што со новововедените облици на заштита, видливо нема некое засилено ниво на социјална сигурност на корисниците опфатени со конкретниот вид на услуги.

Пред сè, што значи нивното физичко дислоцирање од постојните установи?

Дали е направена реална анализа во поглед на прилагоденоста на просторот за различните категории на корисници, имајќи предвид дека семејните заедници се лоцирани во изнајмени станови и простор од куќи?! Дали квалитетот на живот на корисниците на услуги во новоорганизираните просторни и други услови за живот, по преселувањето во заедницата, е зголемен (набљудувано како инидкатор на успех!), во споредба со квалитетот на живот што го имаа претходно, во некои институции кои се трансформираа и се модернизираа континуирано, согласно барањата на новото време (тука, за да не бидам погрешно разбрана дека го бранам институционалниот модел, потенцирам дека само размислувам на ниво на првиот столб од стратегијата)!

Од друга страна пак, збунува моментот на воведување облици на работа кои природно не соодветствуваат на тековната фаза во деинституционализацијата на услугите, на сметка на основните облици на заштита, чијшто квалитет пак видно се намалува.

Најпосле, променет ли е односот помеѓу професионалецот и корисникот, во смисла на веќе подигнат капацитет на професионалецот за подготовка на корисникот за негово активно вклучување во заедницата!

Во поглед на важноста на перспективата на корисниците, вреди да се оствари процесот на деинституционализација, а нашата земја како потписник на европски и меѓународни конвенции и документи, кои ја тангираат проблематиката на човековите права, е обрзана да го спроведе тоа.

Во меѓувреме, ризиците, впрочем како и во секое друго делување, постојат. Меѓу нив, ,,репродукцијата на инстиуционалната култура при испорака на услуги во заедницата“, потенцијално е секогаш најблиску да затропа по површината на востановените промени, со реална закана да се одомаќини во секоја нејзина пора.

 

Наташа Младеновска-Лазаревска, професор