петок, 14. август 2020. Вести денес: 0
home Колумни

Болест на правосудниот систем

Болест на правосудниот систем

Поминаа два дена од дуелот на екс премиерот и лидерот на опозицијата. Работите легнаа малку, сега може да се анализира тоа што е „Закукулено, замумулено“. Со оглед дека темата беше реформи во правосудството.

Во своето излагање поранешниот премиер изјави дека „замислете“ реформите во правосудствотото биле завршени и тоа „ни повеќе ни помалку“ заедно со „Европската комисијa”, која нема право да се меша во реформите на држави кои не се членки на ЕУ. Но и со Венецијанската комисија и тука без размислување на пакетот закони за правосудството го додаде законот за јавното обвинителство, за кој опозицијата молеше со месеци да се прати во Венецијанската комисија, но власта не се согласи. Друго е прашањето што ниеден закон не е имплементиран и си функционира на принцип, „Луј Витон“ обвинителство и „трас трас” судство. Потоа изјави дека требало да се направи практична примена, со која сите судии кои застарувале предмети ќе биле разрешени. Ќе била направена комплетна проверка на имотната состојба на судиите, обвинителите и нивните семејства. Со прочиствување на „нечесните“ судии, ќе се добиело повеќе простор за „чесните“ судии.

Сите знаеме дека власта се дели на три дела законодавна, извршна и судска. Ако е така, на кој начин планира човекот кој сака да ја води извршната власт, да се меша во друга власт – судската. Тоа пред се навлегува во назависноста на судството, а без независно судство нема ништо да се постигне со реформите. Тоа е “conditio sine qua non” или неизбежен услов за резултати во судството и постои во секоја земја членка на ЕУ. Во спротивно ќе паднеме на листата и подолу од  етикетата „Хибриден режим”.

Во таа смисла не знам како од позиција на извршната власт ќе дојде до прочистување на судството, бидејќи тоа исто така треба да го врши судската власт, а не извршната, во спротивно тоа ќе претставува мешање на извршната во судската власт, што е апсолутно недозволиво. Не знам како може со таква леснотија да се говори за тоа, а да не се спомне ни начинот на кој ќе се врши тоа пречистување. Дали ќе се проверуваат судиите како лубеници на пазар, или спрема партиска припадност односно пристрасност. Бидејќи во секоја држава таквите работи ги врши независно судско тело, како на пример, Републички судски совет, врз основа на факти и докази со кои треба да утврди одговорност, па ако има нешто да донесе соодветна одлука.

Понатаму, за испитување на имотот на судиите и обвинителите, има независни институции во кои извршната власт никако не смее да се меша. Тоа се ДКСК и Државниот завод за ревизија. Вака како што го кажа екс премиерот, тоа е чиста закана кон правосудните органи, што е недозволиво за земја кој претендира за членство во ЕУ, но и притисок за неносење независни одлуки. Законодавно правната рамка сеуште не е завршена, а за Законот за јавно обвинителство, тврдам дека не е европски, дека е противуставен и дека навлегува во материја од друга област како што е Законот за кривична постапка, поради згрижување на корумпираните обвинители од СЈО. Затоа и не беше испратен до Венецијанската комисија, која ќе дадеше такво мислење. Тој веќе си ги отвори поглавјата, иако сеуште немаме датум за преговори, а спрема информациите од Германија во наредните шест месеци ЕУ нема да се занимава со прашања за пристапување, туку ќе работи на отстранувањето на последиците од Ковид- 19, иако усвоиле рамка за преговори, тоа е далеку од датумот за преговори, кој најверојатно нема да го добиеме во наредните шест месеци. Но и без тоа сме далеку од поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеење на правото и правната држава, поради тоа што имаме сериозна корупција, а таа не се решава без да профункционира правосудниот систем. Евидентно дека екс премиерот не ја разбира оваа проблематика и не може ништо повеќе да каже од обични флоскули, иако беше на чело на телото за реформи во правосудството, кое ништо не изработи и не поднесе никаков извештај до надлежните органи и до јавноста.

Од друга страна лидерот на опозицијата Проф. д-р Христијан Мицковски, веднаш искоментира дека анкетите покажувааат недоверба во правосудните органи кај јавноста, односно граѓаните и дека тоа е власт во која тие не веруваат. Всушност граѓаните имаат чувство дека политичарите ја имаат заробено таа власт. Тој се осврна и на фактот дека пред 4-5 години Зоран Заев истото го зборувал, а за целиот тој период не направил ништо, туку повторно ги повторува истите флоскули, односно истите работи. Поради тоа, би било подобро нивниот слоган да биде „можевме“, а не „можеме“, бидејќи во предходниот период можеле, но ништо не направиле.

Во продолжение тој наброја неколку примери кои се склучиле на дваесет дена пред изборите, а каде што се работи за исклучителен непотизам, за избор на судии и обвинители по предлог на Академијата за судии и јавни обвинители, каде што е раководител личност од познато семејство, блиско до владејачката партија, а сите знаеме дека тоа е поранешната судијка во Уставниот суд – Наташа Габер Дамјановска. Ваквиот непотизам сериозно го растура правосудниот систем, не се смета на штетата што може да му биде нанесена, а последиците се огромни. Овие луѓе после се вклопуваат внатре во системот и тешко се отстрануваат, како мртвите ткива кога некој има малигно заболување, па организмот умира, како што умира и правосудниот систем. Значи ние не сме ни почнале со реформите, па затоа треба конечно да го сториме тоа после 15 јули.

Тоа беа воведните излагања за правосудниот систем во дебатата. За анализа на целиот дуел би требало десетина страници, но за крај само ќе напоменам дека конечно треба да ставиме крај на тоа дека екс премиерот Зоран Заев не го пријавил случајот. Тоа веќе го кажа и обвинителката Русковска, а постои и доказ дека случајот го пријавил Орце Камчев. Со оглед дека се работи за рекет од највисок ранг, тој отишол кај Заев да му каже дека дека има несоборливи докази, при што Заев се јавил на обвинителката, а таа му рекла дека ако е така најдобро Орце Камчев сам да си го пријави случајот, што другиот ден се случило. Она што го слушнавме подоцна е дека Заев ги предупредил Боки 13 и Кичеец дека Орце Камчев ќе ги пријави. Инаку, не мора човек да е правник за да знае како се поднесува кривична пријава. Се носи во обвинителство со сите докази, а на едниот примерок, кој служи како доказ се удира печат за прием и број под кој ќе се води предметот во таа институција.

Проф. д-р Александар Даштевски

 

 

Коронавирус