недела, 21. јули 2019. Вести денес: 0
home Колумни

Битката за МКЦ

Битката за МКЦ

На моменти се прашувам дали јас сум не доволно кадарен да ги сфатам сите игри, сплетки и борби на разни интерес-групи, или едноставно, не сум се потрудил доволно за да ги согледам сите чекори, случувања, факти. Можеби е до мене, и не сум во тек.

Градот Скопје има вкупно 8 културни установи од своја надлежност. Универзална е институција без објект која менаџира настани и тера пристојно со ново раководство, Домот Кочо Рацин да нема дискотека во него, луѓето нема да знаат дека постои, додека на Музејот на Град Скопје од срце му посакувам да стане тоа што во основа треба да е, МУЗЕЈ, а не е. Зоолошката го продолжи континуитетот на претходните 3-4 директори кои со подеми и падови, ја кренаа истата од едно мачилиште за животни од пред нешто повеќе од 10 години, во еден пристоен Зоо парк. Сега треба да олабават со маркетинг, а да удрат на квалитет и ниво. КИЦ си тера стандардно и повеќе од пристојно, од Библиотеката и бившиот Пионерски дом Карпош, реално и не очекувам некоја помпа во јавноста, само да покажат континуитет на веќе створеното и осмислено од претходниците.

Една од последните Институции која имаше инклузивна моќ, пред се на младата и алтернативна публика беше Младинскиот културен центар. Што и како кој мисли за поранешниот директор Стефовски, нема да анализирам, но ако погледнеме кои се резултатите, секој може само да плука и шири „хејт“, ама ќе мора да симне капа за сработеното.

Се назначи В.Д. и се чекаше конкурс последниве година дена. Изминатиов период на големо се удри кампања за тоа кој е компетентен, кој не е.

Драги мои, ние сме држава во која одамна компетентни не раководат, туку подобни. Не раководат менаџери, туку екипи и лоби групи, кланови, кои тезгарат.

Самата битка помеѓу собирачите на потписи, а поддржувачи во најголем број на актуелната власт, кои стојат зад актуелниот в.д. директор, и помеѓу рок музичарот со партиски бекграунд од истата политичка опција, е во најмала рака смешна.

Праќање јавно писмо до Претседател на Влада, за локална институција која е под ингеренциите на Град Скопје, за избор кој секогаш е во основа политички, покажува само клиентелизам, клановство и делби внатрешно политички, идеолошки, етнички и не можам веќе да претпоставам какви.

Исто така, покажува непочитување кон градскиот татко, во чија надлежност е Институцијата, и обид истиот да биде мајоризиран од претседателот на политичкиот субјект кој ја води државата. Некоретно нели, и потценувачки.

Јас до сега не сум бил сведок на вакви јавни битки, и токму затоа сево ова ми е неразбирливо. Ако веќе групата на уметници се бореа за професионалец и оперативец, зошто дозволија да се смени претходниот директор? Имено, како менаџер, тој во изминатите десетина години ги крена и КИЦ и МКЦ.

Се додека не почнеме да гледаме подалеку од личните интереси, а не оние на целата јавност и држава, нема да не биде драги мои.

Ниту една позиција не е вечна, ниту пак ни е од Бога дадена, а оној кој го бива каде и да е, ќе блесне и ќе се врати уште посилен.

Живо ме интересира што е концептуалната разлика во програмите помеѓу двата кандидати, што толку ја наелектризира едната страна, да така грчевито го брани МКЦ од рок музичарот?

Ако се во право и имаат аргументи, ќе им се придружам!

П.С. Уште не го сфатив моментот со она #НеГоЧепкајтеМКЦ …чиј е сега, кој го чепка, и од што е стравот? Дали против кандидатот има некаков деструктивен план?

 

Александар Ристевски