сабота, 10. април 2021. Вести денес: 87
home Колумни

БЕГАЈ, ЕВРОПО! БЕГАЈ, ШТО ПОБРЗО И ШТО ПОДАЛЕКУ ОД НАС!

БЕГАЈ, ЕВРОПО! БЕГАЈ, ШТО ПОБРЗО И ШТО ПОДАЛЕКУ ОД НАС!

Референдумското прашање на противуставниот Референдум од 30.09.2018 гласеше: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Знаеме како се организираше и како, конечно, „успеа„ овој Референдум. Но, исто така, знаеме и кој даде дополнителна вредност во неговата „успешност“. Изминативе неколку денови бевме, исто така, сведоци на еден невиден аматерски театар во режија на најголемиот криминалец во државава.

Театарот само дополнително им ги згорчи душите на сите чесни Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Црногорци, Власи, Евреи, Египќани и останатите жители на Република Македонија. Утре не’ очекува уште еден скандал кој, и без да се мачат „глумциве“, веќе добро знаеме како е изрежиран. Станавме држава на која веќе сите гледаат со потсмев и со чудење. Држава која во континуитет ги зазема последните места на листите за корупција и криминал.

Единствено сме лидери по бројот на починати и заразани од Ковид-19. Станавме држава во која чесните се кријат дома и се плашат јавно да зборуваат, а криминалците се на власт и бессрамно излегуваат на јавни настапи, цинично смеејќи им се во лице на сите останати. Едноставно, се прашувам, дали и воопшто сме веќе држава? Некои криминалецот го ословуваат со монарх, султан, крал. Јас попрво би рекла дека е еден обичен селски кмет. Кмет кој од Македонија направи едно големо Муртино. Кмет кој ги распродаде нашите национални интереси, исто како и неговите корнишони од муртинските ниви. Или, можеби не како корнишоните, туку како марихуаната од неговите ниви.

Нема ден, а да не помине без некој скандал, без некоја афера, без некое ново задолжување, без некој нов закон, поднесен со европско знаменце или по скратена постапка. Арно ама, нешто со закониве им се запре работава. Нешто Собраниево како да е стиснато на пауза?!? Го имаме најголемиот Буџет досега, во историјата на независна Македонија, Буџет од 4,25 милијарди евра.

Во меѓувреме, имаме рекордни задолжувања: 90 милиони евра за здравство, 25 милиони евра за енергетска ефикасност, 46 милиони евра за модернизација на земјоделието, 70 милиони евра за брз автобуски превоз во Скопје (не за трамвај, како што ветуваше Шилегов), 21.5 милони евра за реформи во основното образование и, конечно, почетни 500 милиони евра за нов Клинички центар, сума која може да стаса и до 1 милијарда евра. Филипче нема пари за заштита на здравствените работници и за вакцини, ама затоа ќе земе близу милијарда евра за нов Клинички кој нема шанси да биде ниту започнат со изградба во негово време.

Оваа лакрдија од власт не се чувствува за одговорна за преку 3.000-те починати наши граѓани. Не сакаат ни да им ги споменуваме, бидејќи било морбидно. Замислете, оние кои заради една несреќна човечка трагедија и загубен еден детски живот, кој никако не е за занемарување, направија невидени протести и реакции, сега велат дека не требало да им се споменуваат 3.000-те починати од Ковид-19 или поточно од нивната негрижа за справување со Ковидкризата. Нема крај на ова нивно неработење и чаламење. Три месеци и повеќе го најавуваат 5-тиот пакет антикризнимерки. Се испофалија дека имал 29 точки, а не кажуваат дека од ветените 1,2 милијарди евра за економијата со претходните 4 антикризни-пакети, само 350 милиони евра завршија за економијата. Пребројте колку недостасуваат и прашајте каде се? Лесен е одговорот.

Парите и криминалите се кај власта. За останатите останува само онаа народната: „Голо здравје – чиста болест“. За жал, дури ни голо здравје не им оставија на останатите. Ете до толку се ненаситни и нечовечни. И оваа банда криминалци не се чувствува за нималку одговорна. Продолжува со пљачкање и криминал. И продолжува, исто така, да го грди и унедостојува името „Европа“. Вели дека се’ е во името на Европа, дека се’ што прават е заради европската иднина и европските вредности. Далеку сме ние од Европа со ваква власт. Далеку сме светлосни години. Особено, заради срамот кој ни го приредија викендов, препорачувам Европа да почне да бега од нас, што побрзо и што подалеку.

Дафина Стојаноска – пратеничка

Коронавирус