четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 65
home Колумни

Бај д веј!

Бај д веј!

Го прославивме и 5ти Мај – Денот на македонскиот јазик. Откако актуелната власт го закопа, го релативизира, го сроза неговото значење и важност, минатата година и официјално го прогласи за празник. За прв пат по минатогодишното донесување на таа одлука , истиот ден го чествуваме.

Да биде трагедијата поголема, истиот е девалвиран и релативизиран уште од 1991 година. Многу малку се правеше и прави за неговото користење. И на јазикот и на неговото кирилско писмо. Се намалуваа и укинуваа бројот на лекторати, државата финансира изданија на еден куп јазици, но многу малку на официјалниот државен јазик, македонскиот.

Едициите кои претходната Влада ги правеше беа одлични. Стотици дела, автори, научни величини и битни книги се преведоа на македонски, иако факт е дека дел од нив беа со лош превод и лектура. Како и да е чекор напред, некаков.

Битката за името на матичната држава на македонскиот народ, со скоро Република Македонија, со години меѓународно наречена Поранешна Југословенска Република Македонија или скратено ФИРОМ, сега за цел свет и за нас самите Република Северна Македонија, во голема мерка е изгубенаДа не се разбереме погрешно, за мене тоа е јасно силување и насилство, земајќи во предвид како дојде до сето тоа, постапката, притисоците, лажното мнозинство, изборниот инженеринг, купените пратеници, уценетите пратеници, непочитувањето на волјата на народот, но факт е дека некој успеа сето тоа да го спроведе и цврсто „забетонира“.

Поголемиот проблем е што тоа е само почеток, на се’ она кое што очигледно следи. Имиња на институции се променија за кои немаше потреба од тоа, затоа што придавката македонски, нели немаше врска со името на државата, а идентитетот ќе беше недопрен?! Се форсира целосна употреба на територијата на цела држава на вториот уставен јазик, и се наметнува со репресивни мерки, дури и во средини во кои ниту се користи, ниту има кој да го користи. Од друга страна, се формираат моно етнички институции (театарски, фолклорни, научно истражувачки) кои се државни, а во кои воопшто не се користи државниот службен јазик, македонскиот.

Од друга страна, никој никого не казнува за не употребата на македонскиот јазик. За игнорирањето, за предимството при користење и евидентна мајоризација…  Се менуваат во официјална комуникација топоними и лични имиња, при превод на градови, села, реки, населби и имиња на лица и институции, и тоа се дозволува, и станува со време официјално.

Научната фела ми е интересна. Лингвистите, лекторите, македонистите, библиотекарите, етнолозите, историчарите… буквално се’ премолчија како фела, со чест на исклучоци, на кои им симнувам капа и поклонувам. Дел се продадоа за тезгички и по некој ангажман, останатите останаа стуткани, уплашени за своите мали платички. Се што ни се случува, сме го заслужиле!

Битката на терен е постојана. Поради што се води, ќе покаже иднината и годините кои што следат, но Македонецот и целиот македонски народ, мора да покаже став и решителност. Државата да воведе ред, и законите да се почитуваат доследно и до збор. За сите оние кои работат и делуваат спротивно од нив, веднаш да се санкционираат.

Во текот на вчерашниот ден Американската амбасада излезе со симпатично видео. Тројца ликови говореа за нивното искуство при учењето и практикувањето на македонскиот јазик. Одличен изговор и дикција, за секоја пофалба. Доказ дека функционираат професионално, темелно и покажуваат почит и уважување. Истовремено, Руската амбасада излезе со податок за тоа од кога го верификувала македонскиот јазик, каде се’ се користи истиот, кога издале руско-македонски речник и слична фактографија. Од друга страна, нашите долго декларирани „браќа“ на истокот, наместо да, ако ништо друго, барем замолчат на кратко и пуштат, да по огромните отстапки кон јужниот сосед и внатрешно кон втората најголема заедница, се продолжи по глатко кон тој евро интеграциски процес, тие не дотепуваат и газат. Не е баш братски, нели?! Такви браќа никој не сака. Македонецот ќе се издигне после сите овие глупости. Ќе ги смени и исчисти сите тумори од своето ткиво, но доколку некој му вели дека му е брат, нека не го кочи напредокот негов, ваков сардисан, понижен, клапнат, осакатен. Само толку ќе речам. Браќата и пријателите во мака се познаваат.

За крај за насловот. За мистер „Бај д веј“. Знаете, кој ве води како народ и држава е своевидно олицетворение на тоа кои сте вие како народ и нација, земено како просек. Човекот, владетелот на киксовите, лапсузите, генијалните излети си продолжува. „Чекичот“, „хоризонтално вертикалниот“, „жицата“, „загубен во времето барајќи го семето“ си покажа дека е цар. Ви се смешка в лице и око не му трепнува. А да, и за се крива опозицијата. Е па, наскоро ќе имате можност да одлучите дали со него ќе продолжите. Ти, народе мој, најдобро знаеш што треба да сториш!

Доста е! Три четвртини од животот го поминав во транзиција. Кон каде транзитираме, веќе и мене не ми е јасно, но смачено ми е. Порано на крадеа, сега и не крадат и не продаваат. Некој се колнеше, се што се заколна излажа.

А јазикот? Јазикот наш насушен, македонски!? Јазикот сме ние, драги мои. Користете го, збогатувајте го, пишувајте на него, творете, компонирајте, направете го бесмртен. Не може никој да ни го одземе, а кој преговара и се ценка со него, ќе го стигне судот еден ден. И земскиот, и севишниот.

Александар Ристевски

Коронавирус