среда, 5. август 2020. Вести денес: 134
home Колумни

Авторитарна политичка култура заснована врз надмоќ на малцинство над мнозинството

Авторитарна политичка култура заснована врз надмоќ на малцинство над мнозинството

Поминаа скоро две ипол години одкако почнаа ТВ дебатите за Законот за јазици. Уште тогаш во неколку наврати истакнав дека не треба да се носи таков закон. Таквиот закон покрај тоа што е спротивен на меѓународните стандарди, противуставен, спротивен на повеќе закони е неприменлив и непотребен. Во таа област како што беше речено тогаш веќе постои закон. Тоа е Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната смоуправа, донесен на 4 Август 2008 година, а изменет и дополнет во 2011 година.

Денес, во препораките на Венецијанската комисија се потврдува дека актуелниот закон е противуставен и тоа како во однос на членот 7 од Уставот, според кој во став 1 стои дека во Република Македонија, службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо. Тој е спротивен и со амдманот V кој произлегува од Охридскиот рамковен договор, а се однесува на употреба на јазиците на националностите. Имплементиран е во став 2 од членот 7 и во него стои дека во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон. Според тоа не може да се донесе друг закон кој е спротивен на оваа одредба од Уставот. Конечно, новиот акон е спротивен и на став 3 од истиот член бидејќи ги повредува правата на припадниците на националностите, кои исто така имаат право да го користат својот јазик според условите утврдени во ОРД и Уставот.

Поради тоа, со право Венецијанската комисија констатира дека законот не е во согласнаст со уставот и би било најадекватно Уставниот суд да го укине овој закон. Повеќе пати уставниот суд не одлучува за иницијативите кои се поведуваат пред него и на тој начин предизвикува политичка криза и тензии во државата, наместо да биде фактор кој ќе ги решава таквите состојби. Одлуката на Уставниот суд за укинување би спречила и партиски тензии кои би предизвикале и меѓуетнички тензии.

Да се подсетиме дека законот за јазици беше дел од условите во Тиранската платформа кои скоро целосно се исполнети, иако доаѓаат од друга држава, поставени од Премиерот на таа држава, а ние сакаме да градиме соживот и едно општество за сите, ама овде во нашата држава. Ова води во спротивна насока, веќе се создаваат проблеми, затоа што и СДСМ смета дека треба да се почитуваат препораките на Венецијанската комисија, иако тоа требале да го знаат уште кога го носеа насилно овој закон во Собранието, заедно со ДУИ, не сакајќи да дискутираат за амадманите на ВМРО ДПМНЕ кои се покажаа идентични како препораките на комисијата.

Ставот на ДУИ сега е дека треба да се оди со глава преку ѕид и да се спроведува законот таков како што е, иако е неспроведлив. Можеби ова се должи на тоа што тие не спроведоа ниедно изборно ветување кон својот електорат и националистичката реторика сеуште им е на прво место во политичката агенда. Но, нивниот рејтинг беше низок на предходните избори, а сега е уште понизок. Оваа реторика веќе не поминува кај обичните граѓани кои гледаат дека со неа се богати мала група на политичари, а канализацијата и инфракструктурата во нивните села не е ни почната. Затоа, доколку ДУИ е за развој на општеството, за соживот и влез во ЕУ и НАТО, мора да го смени курсот и да се занимава со овие прашања. Ако нема услови за спроведување на законот, ако тој е спротивен на меѓународните стандарди и домашните закони подобро е да се укине и да се доработува веќе постоечкиот закон со имплементирање на одредбите кои се применливи, што ќе биде од корист и за македонската и за албанската и за сите други заедници во државата.

Иако со овој закон се повредуваат правата на мнозинскиот народ и правата на сите други малцинства кои живеет во државата од страна на етничка заедница која е околу 20% од населението, не верувам дека ДУИ ќе го смени својот став пред изборите. Според рејтингот лесно можат да ги изгубат изборите, што го доведува во прашање и вадењето од фиока на нивните корупциски предмети, кои никогаш не беа процесуирани.

Како ќе реагира на ова владејачката партија СДСМ кое своето владение го заснова токму на Тиранската платформа. Министерката за правда рече дека ќе бидат испочитувани сите препораки кои се дадени од комисијата. Но други функционери и пратеници од владејачката партија изјавуваат дека, овој закон не треба да се разгледува затоа што тој ги сплотува, а не разединува граѓаните. Да не спомнуваме дека владејачката коалиција сериозно се доведува во прашање. Сето ова создава голема веројатност дека власта нема да постапи по препораките. Ако не постапи, значи дека таа не се залага за владеење на правото и правна држава, преку почитување на Уставот и законите, ниту пак за добивање на датум за преговори. Пример за тоа е носењето на овој закон на сила, со европско знаменце, иако тој не е дел од реформите за влез во ЕУ, што значи злоупотреба на таквото право. Непочитувањето на препораките на Венецијанска комисија, која е тело на Советот на Европа, а нејзината работа е целосно подржана од Европската унија и се занимава со човекови права, демократија и владеење на правото, би значело дека ние како држава не ги почитуваме темелните принципи на Европската унија, туку само декларативно се залагаме за нив. Иако овие препораки не обврзуваат Европската комисија секогаш го зема во предвид фактот, дали државата постапила или не постапила според нив. Ајде да ги видиме сега првите чекори кон решавање на ова прашање. Ако нема иницијатива, да не се чудиме и оптоваруваме 24-7 зошто нема датум за преговори.

Александар Даштевски

Коронавирус