петок, 6. декември 2019. Вести денес: 94
home Колумни

Ave Cesare, morituri te salutant

Ave Cesare, morituri te salutant

Царот е гол, а како што веќе кажав и побргу отколку што очекував, дојде времето да му го дадеме последниот поздрав на Цезарот. Поздрав од оние кои тој ги умре и кои секојдневно умираат поради политиките на Цезарот.

„Неговата Екселенција“ Заев ќе оди на одбележувањето на денот на Републиката на Мечкин камен. Ова го најави уште поодамна, но не кажа со која цел ќе оди таму. Дали целта ќе биде историски потсмев на делото на славните Илинденци од 1903 година за независна Македонија? Дали ќе се потсмева на историјата на Македонскиот народ¬? Дали ќе се потсмева на оние кои ќе дојдат на чествување на Илинден на Мечкин камен и сите оние кои овој настан ќе го следат преку електронските медиуми? Уште многу прашања има во контроверзната, или можеби не, одлука на Заев да оди на Мечкин камен токму на 2-ри Август и да ги дочека коњаниците од Илинденскиот марш за да го поздрават. И не само коњаниците, туку и секој оној кој ќе биде на Мечкин камен и низ цела Македонија, следејќи го „чествувањето“ на 2-ри Август, сите ние Македонците ќе треба да го поздравиме Цезарот.

Токму како во насловот на оваа колумна, Заев – Цезарот ќе биде поздравен од оние кои ќе умрат. Всушност, Цезарот на Мечкин камен ќе биде поздравен од оние кои тој веќе ги умре и на чии предци и нивното големо дело јавно се потсмева. Ќе биде поздравен од Македонската нација (без разлика на етничката припадност на секого индивидуално), а воедно ќе биде поздравен од сите оние кои секојдневно умираат и ќе продолжат да умираат под власта на Цезарот.

Поздравот кон Заев-Цезарот, е поздрав од едно општество кое тој го девастираше. Уништувајќи го системот на функционирање на уредена држава и носечки народ во фаза на формирање, обединување во нација-држава на сите граѓани на Македонија. Го стори тоа со измама „живот за сите“-„едно општество за сите“. Во изминативе две и повеќе години само видовме како нема живот (се повеќе луѓе се иселуваат од Македонија) и дека општеството не е за сите еднакво (за оние околу Заев е поеднакво). Едноставно, се повеќе граѓани на Македонија се на работ на егзистенција, економијата е во надолна линија и тешко се преживува, веќе не е прашање на тешко живеење, туку на тешко преживување. Нема инвестиции од капитално значение, Корупцијата и организираниот криминал од највисоките нивоа на власта е во полн „сјај“, а недовербата на граѓаните кон институциите на системот и чувството за слобода, праведност и еднакви можности е еднаква на нула. Но, тоа е само она што се случува на внатрешен план и што има и ќе има последици врз односот на граѓаните кон државата. Пострашно е она што ни се случува на надворешен план.

Чувството кое се има кај граѓаните може да се опише како паралела со случувањата во и околу Македонија од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Директно и отворено мешање на сите соседи во внатрешните работи на Македонија, негирање на Македонскиот народ и нација како засебна нација со историски континуитет, разузнавачки влијанија заради диктирање на сопствената политика врз Македонија, отварање на црковни прашања и покрај воспоставената и етаблирана кај народот Македонска Православна Црква, замирање на промоцијата на Македонскиот литературен јазик и неговите катедри во странство, понижување на Армијата на Република Македонија со отстранување на натписот „Македонија“ од униформите (како да нашите војници, подофицери и офицери во Македонија, на меѓународните вежби во НАТО или мисии се војници од никаде дојдени-од безимена држава), воведот во ограничување на слободата на говор под изговор за борба против „лажни вести“ и многу други директни и индиректни удари врз државата Македонија и достоинството на нејзините граѓани.

Од овие причини, дочекавме дури и еден Борисав Јовиќ неславен и пропаднат комунистички политичар, приврзок на Милошевиќ, да реши во знакот на „традиционалното Македонско-Српско пријателство“ да ни соопшти дека сме Срби, односно измислена нација (Срби претворени во Македонци). Ова нешто слично како и Бугарите, така што не треба да се чудиме што се некој полага право на нашето име, на нашата црква на нашата историја и територија. Самите, односно со наше премолчено одобрување, дозволивме Заев да ја отвори Пандорината кутијата и сега треба јунак што ќе ја затвори.
Затворањето на кутијата нема да се случи на 2-ри Август на Мечкин камен. На тој ден, оние кои Заев ги умре или умираат за Македонија и како Македонци, ќе дојдат да го поздрават Цезарот, а што ќе му порачаат со поздравот ќе имаме можност да видиме.

Тоа дека Заев го спроведува државниот тероризам врз Македонските граѓани е се по видливо и појасно. Тоа дека се однесува како Цезар и полн со себе како „господар на животот“ е многу видливо, видливо е дури и за оние околу него колку и да немаат капацитет за водење на држава, сите заедно.
Прашањето е: „Како народот кој на 2-ри Август ќе биде на Мечкин камен и сите граѓани на Македонија го доживуваат Цезарот и неговата власт“?
Одговорот ќе можеме сите јасно гласно и јавно да го слушнеме преку поздравот кој ќе му биде упатен на Цезарот-Заев од оние што тој ги умртви и продолжува да ги умртвува. Каков ќе биде тој ќе почекаме да видиме без претходни шпекулации, но од тој одговор ќе зависат многу идни чекори на Цезарот, на опозицијата, на соседите, на меѓународната, но пред се на самите тие кои Заев ги предодреди да умрат.

P.S. Сепак, зборот ми беше за нашиот Цезар кој можеби ќе го избегне Брут, но со сигурност ќе ја доживее Херостратовата слава, односно ќе биде проколнат од својот народ на заборав (damnatoiomemoriae).

Нека ни е честит и вековит денот на Републиката
2-ри Август.
Борбата за Македонија никогаш нема да престане,
тоа е генерациска борба која им ја должиме
на нашите предци, но и на нашите
идни поколенија.

Вонреден професор д-р Оливер Андонов