среда, 29. јануари 2020. Вести денес: 148
home Колумни

Апотеоза на апсурдот

Апотеоза на апсурдот

„Тие што сакаат да ја придобијат милоста на некој владетел,
многу често имаат обичај пред него да излегуваат со она што
на владетелот му е најмило или
со тоа што забележале дека му преставува уживање“.
Николо Макијавели

Местото на еден народ, во светската цивилизација, е во правопропорционален однос со неговото учество во светското културно наследство. Токму поради ова, маѓепсан од Вашите, драг мој ВЛАДЕТЕЛУ, цивилизациски дострели, злите јазици ќе речат дека Ве глорифицирам, но напротив само се обидувам да Ве ставам на пиедесталот, Вас и Вашиот придонес, во светската историја каде и припаѓате. Можеби не умеам тоа да го сторам како Прокопиј Кесариски, биографот на Јустинијан, но сигурно нема, како него, да бидам лицемерен и напишам „Тајна Историја“, за Вас и Вашата Теодора, а далеку сум и од Данте Алигиери за да напишам „Божествена комедија“. Сепак, ќе се обидам, по урнек на Макијавели, да ги забележам и сочувам од заборав, поради големиот опус секако, дел од Вашите дела како придонес кон светската цивилизација.

Од каде да се започне?

Во знак на почит кон Вашето дело, длабоко погодени што не ја добивте „Нобеловата награда“, шведскиот парламент донел одлука, секако со референдумско изјаснување од цели 33%, во иднина државата да се нарекува Јужна Норвешка, народот – граѓани јужнонорвешки швеѓани а јазикот со фуснота „група на јазици кои го зборуваат нордиските народи“.
Според последните информации од Апенинскиот полуостров, следејќи го Вашиот пример, донеле одлука прославата на навивачите на Интер да се одржи во „Миланската Скала“, со звуците на „Тоска“ од Пучини.
Вашиот драг пријател Макрон, морал да го помине Рубикон и да прифати дека Вашата овоплотена идеја за СЈО е од неизмерна потреба за да се справи со корумпираните остатоците на Првата, Втората и Третата република, па наложил, по Ваш урнек да се формира СЈО и во Франција. Тоа што оние Ваши „недоветни“ парламентарци се обидуваа да го свртат вниманието на Макроновиот амбасадор со негативистички однос, покажува колку се длабоки вашите размисли и племенити цели кои се заедно една шака „недоветни“ не се во состојба да ги разбере, а не пак да согледа колкав е нивниот придонес кон светската цивилизација.
Воодушевен од Вашата неверојатна умешност, поточно иновација, историските настани од пред години да ги ставате во Прокрустовата постела, без и капка крв, на сегашноста, стигматизирани со моментално трендовската одредница на најголемиот (за по голем не сме слушнале) Ваш изум наречен во кратенка РСМ, Едвард Кар подготвуваново издание би го нарекол целосен ретуш на „Што е историјата?“.
Од „Божествената академија“ пристигаат гласини дека Кафка бил многу задоволен, конечно некој да го разбере, алудира на Вас секако драг мој Владетелу, и ги стави во функција, за развој на современото Македонско судство, „постулатите“ од неговиот „Процес“. За волја на вистината, а на Ваше конто, многумина ја спорат автентичноста на Кафка и мислат дека впрочем Вие сте изумителот, а Кафка само го запишал она што го видел во расцветаното – втора фаза по пупка, судство. Како потврда на ова е изјавата на Кафка дека „и нему не му било баш јасно што напишал, но било 103,2% верно на оригиналот“.
Патем Расмусен, а посебно Генералите во НАТО со видлива доза на љубомора гледаат на Вашето уникатно решение за заштита на тајната. Па така веќе се дискутира и се очекува да се донесе одлука за укинување на „Безбедносен сертификат“, и наместо тоа да се воведе „надомест за доверливост“. Замислете колку ќе бидат задоволни, посебно благодарни Вам, генералите (наш Стојанче-не знам) со дополнителни 10-тина илјади евра.
Злобниците велат, во однос на Вашата жртва (жицата од гитарата) за приемот во ЕУ, дека сте наликувале на оној несреќен Естрагон од „Чекајќи го Годо“. Но, забораваат дека таму тие двајцата, Естрагон и Владимир, утврдуваат дека можеби и тоа не е тоа место каде ќе дојде Годо. Вие.. Вие, драг мој Владетелу со сигурност „чекате седмица на погрешно место“, но верувам дека на право место го чекате ЕУ. Или беше обратно!? Глаголат, злобниците, и дека вашиот коалиционен брак ги потсетувал на оној брачен пар од „Ќелавата пеачка“ на Јонеско, по долги години се изненадуваат кога дознаваат дека тие живеат заедно и се во брак, имаат заеднички деца ……
Простете Ваше величество, што јас недостоен да Ве погледнам, не пак да Ви се обратам, Ви Давам предлог. Кога веќе, на Ваша жалост, не заживеа акронимот РСМ, впрочем како што и не заживеа, генијалниот изум за акроним на Вашиот идеолог како ПЈРМ. Време е со Вашите 81 „донкихоти“ да донесете одлука и го воведете, секако со уставни измени, во употреба името – конечното име на државата со која патократски владеете, името со кое не ословува целиот цивилизиран свет – А П С У Р Д И С Т А Н.

Во слава и чест на Великиот Везир ИЗ-НО-ГУД!!!!!!

Вонреден професор д-р Оливер Андонов