вторник, 14. јули 2020. Вести денес: 119
home Колумни

Агонална фаза во квази-држава (Или кога маските (не)паѓаат)  

На почетокот образот беше нечист, а денес, за жал и рацете се извалкани (крвави). Имавме велигденски карантин, па првомајско малтретирање и секако, рамазанско релаксирање, како вовед во укинување на вонредните мерки. Резултат: проширена зараза, зголемен број на починати. И агонија. Секој ден нова мерка, контрадикторна на претходната. Колапс на системот – алгоритамите рикнаа. И сите да знаат: Брзите избори во јуни, се евангелие според Заев, со крвав јакобински и нацистичко-сталинистички епилог – Гласај и(ли) умри! (браво за Тони Михајловски, со една реченица ги разобличи, ги соголи и ги “уби“ во поим)
Агонална фаза во квази-држава (Или кога маските (не)паѓаат)  

И да знаете, за се е крива неспособната, лицемерна власт. Бидете сигурни. Знам што зборувам. Не може веќе да трпиме да не повредува, навредува и понижува. За цело време на епидемијата, на дневна основа ја менуваа стратегијата, како за борбата со корона вирусот, така и за манипулацијата и измамата на јавноста. Вистината, полека, ама сигурно, почна да испливува на површината (или да се потсетиме: “Вистината е како шило, кое врти, врти, врти па ќе излезе“) и ете ти ја вистинската слика: нема доволен број на тестирања, состојбата по здравствените институции и понатаму е хаотична и несредена, заразата не стивнува, бројот на починати се зголемува (се помлади починуваат) а фамозната здравствена комисија носи несфатливи одлуки.

Сега кога сите алгоритами на Филипче, Кризниот штаб, техничката влада и СДСМ РИКНАА, сите наведени, оркестрирано, го обвинуваат македонскиот народ, граѓаните на Република Македонија. Тие биле криви за повторното зголемување на бројот на заразени и починати од корона вирусот – Ковид 19. И, секако, разбира се, министерот Наќе Чулев, со најголема вина. Тажно, валкано, евтино. Повеќе од срамно. Луѓе, ова не се пукнатини во стратегијата за сузбивање на корона пандемијата, ова е целосно, тотално распаѓање на стратегијата, ако воопшто и постои. Еднакво на отсуство на стратегија. А кога немаш стратегија, немаш и остварување на зацртана цел. Не знаеш како да стигнеш таму каде треба…. едноставно, не знаеш каде одиш. Во таков случај, никаде и нема да стигнеш. Добро, еве неколку примери за да го поткрепам моето тврдење.

Видовме дебакл на министрите Нина Ангеловска (замислете според министерката прашањата на новинарите имале доза на нетрпеливост) и Крешник Бектеши (а тој пак е зачуден што се поставуваат прашања што не му се допаѓаат нему) на прес конференција, на која објаснуваат трет пакет економски мерки. И види чудо! Мерки нема, нема динамика на користење и нема опфат на најзагрозени групи, нема уредба за тоа. Значи формално промовирање, чиста фингерајка и невкусен блеф. Ама затоа не чинат новинарите и нивните прашања. Бруки невидени.

А сега најинтересното. Заев предлага(сервира) брзи избори во јуни. Однапред знае се: гласање со маски, носење ракавици обавезно, изборна дистанца загарантирана – 1,5 до 2 метри, и што ли уште не. Тоа ти се чисти Зоро-избори. Филипче ја прифаќа сервата со медицинска ракавица(иновација во бејзболот на македонски начин), презентира Дијаболик-протокол за гласање, кој гарантира заштита од зараза и смртност 102,5%. А јас резигнирано прашувам: какви луѓе управуваат со Македонија? Здрави ли сте во тоа ак’лот? Додека се освестиме Заев не престанува да не забавува: “…Цар Самуил је пуно шетао, а исто су радили и Кирил и Медодиј…“. Е па друже Заев, во име на твоето “ново нормално“ (инаку украдено од интервју на Сорос)…  ставичемо плочке да је то  једна политичка луда (не го барајте падежот, само Заев го знае).

Спасовски сиромав, сакајќи да покаже кој е главен во Македонија, со интенција сите сериозно да го сфатиме, одважно изјавува: “… Никој не е посилен од државата…“. Експресно доби двоен одговор: Ристиќ му порачува  дека е препотентно, безобразно, дрско, надмено, арогантно, побожно сељачиште и му вели:  “…Ччччао!“; А  новопечениот младоженец Реџепи, го негира Спасовски и изјавува дека тој е појак од сé и секого, па и од државата, и затоа одважно прогласи дека корона вирусот е мртов (“… Ковид 19 слободно да го прогласам дека е умрен од денеска со оглед на тоа дека го победивме…“). Види чудо, само еден ден потоа, Филипче ги пушта кафеаните во промет и автобусите во оптек и ете ти беља: пораст на бројот на заразени, зголемен број на починати. А јас, за жалење, не знам, кој повеќе ме потсетува на Луј 14-ти и неговата изјава “Државата тоа сум јас’ (L’etat c’est moi)? Дали претенциозниот Спасовски, оли среќно заљубениот Реџепи? Реџепи замина во мировина, па јас некако гласам политичката “малина“ да ја добие Спасовски. Ама не се за потценување и шансите на уште двајца кандидати: Филипче (“…Во овој момент, епидемијата исто како и досега, е целосно под контрола…“)  и Караџовски (“Државата се надмина себе си, нашиот систем се покажа во справувањето со коронавирусот“) ја испоганија струката. Сами си пукаа во ногата. Тие нудат релаксација за избори, а стравот вели корона ante portas. Ова ми личи на нешто како издавање и продавање на  струката и пуста желба да им се угоди на Заев, Спасовски, Шекеринска и на другите гладни и жедни за власт во СДСМ. Кој ги шиша докторите од струката, како Вело Марковски (епидемиолог), Никола Пановски(професор по микробиологија), Ненад Лазаров(општа медицина) и многу други, кои предупредуваат, опоменуваат, ама во власта нема кој да слуша – сите се во агонална фаза во квази-државата што ја создадоа за цели три години.

На почетокот, образот беше нечист (не навремено информирање, цензура, неточни информации лажни вести) а денес за жал, рацете се извалкани(крвави), со лажна експертиза дека избори се возможни и кога луѓе умираат од коронавирус, само и само да му се угоди на Заев во неговата желба да се спаси и остане на власт. И треба ли на оваа власт психијатар?

И сите да знаат: Брзите избори во јуни, се евангелие според Заев, со крвав јакобински и нацистичко-сталинистички епилог – Гласај и(ли) умри!( браво за Тони Михајловски, со една реченица ги разобличи, ги соголи и ги “уби“ во поим)

Затоа: Енергично – стоп за црната пропаганда! Мотивирачки и одлучно –  Напред за разумот!

 

Сотир Костов

 

П.С.

Колумната е инспирација од изречената реченица “Агонална фаза во квази-држава“, од страна на доктор со многу години искуство и познавање на македонското здравство, инаку мој почитуван пријател