среда, 19. септември 2018. Вести денес: 169
home Колумни

А РЕФЕРЕНДУМОТ?

А РЕФЕРЕНДУМОТ?

Секојдневието во Македонија, во последните неколку месеци посебно, ни се сведува на сериозни разочарувања, во секој сегмент од животот.  Зоран Заев и камарадите, во три потега и неколку „шибицерски“ финти,  ја „решија“ државата. Тиранската платформа, Договорот за добрососедство со Бугарија и Спогодбата за решавање на спорот со Хеленската Република (Јунинистан, што би рекле турците), вродуваат со плодови.

Така, по платформата си изгласаа Закон за употреба на јазиците и создаваат паралелни албански институции, ослободија осудени за свирепи убиства и други тешки криминалци, па дури најавуваат и војна ако не сме го сменеле името.

Според добрососедскиот договор, се откажуваат од македонската историја и газат на крвта и делата кои ги дале македонските историски личности за слобода на Македонија. Се извинува Заев зошто рекол дека Илинденското востание е Македонско! Еј, до кое дереџе сме дојдени. Во духот на истиот тој договор, бугарскиот Претседател и бугарскиот Премиер веќе најавија блокада за нашите ЕУ интеграции. (Добро, не знаете ли после толку бакнување што следува?)

За спогодбата ни се смеат сите. Служиме за потсмев како држава. Потпишавте спогодба со која важиме за единствена нација во светот која се самопоништува и се негира самата себе (ама, барем по нешто сме единствени).

Шибицерите си продолжуваат со разместување на „кибритчињата“. Филипче си дели набавки од по неколку десетици милиони евра на кого сака; Спасовски си набавува возила за министерството од партискиот пријател, за да можат децата на неговите подредени да шетаат по плажите; Рада ја „опремува“ Македонската армија со торти и слатки и си дели грантови на сопартијци и истомисленици; на Шилегов му била „влажна“ годината, па затоа не изедоа комарци и бездомни кучиња; Царовска како да експериментира во снимање на хорор филмови во домовите за згрижување на децата без родителска грижа;  десетици милиони евра народни пари се поделија помеѓу вицепремиери, пратеници и советници од власта и уште неколку мина „заслужни„ новинари и граѓански активисти; си ги вработуваат фризерките и „пријателките“ и по некој роднина; им цветаат плантажите засадени со канабис…

Се интензивираат сплеткарењата и корупцијата од најниско до највисоко ниво во власта. На правосудниот систем му е врзан ланец на вратот, за да можат да го потегнат по потреба. Се уништува економијата, се срозува земјоделието, здравството и образованието се колабирани. Надежта кај луѓето е згасната. И се ова за нешто повеќе од една година владеење. Да бевте чума, немаше до толку да ја опустошите Македонија.

Единствена и најголема ваша способност, за која мора да ви се оддаде признание, е дека најдобро знаете да уништувате. Да уништувате сѐ, од човечки животи – до држава! За тоа сте доктори по науки.

Како капак на сѐ претходно, сте запнале од петни жили да ги убедувате граѓаните да излезат да гласаат на референдумот за сопственото самоукинување. Без срамно ги лажете дека веднаш по референдумот, ако е успешен, од Табановце ќе почне да тече мед, а од Богородица ќе тече млеко. Но, по кој знае кој пат ја потценувате интелигенцијата на Македонскиот народ. Единствен начин за да не ви се случи бојкот на референдумот, нешто од кое толку многу се плашите, е да ја отповикате Одлуката за неговото распишување. Имате уште време за тоа, а си имате и мнозинство во Парламентот. Резервна варијанта која ви стои на располагање, е на 1-ви Октомври да се самораспушти Собранието и да се распишаат предвремени парламентари избори. И за тоа имате мнозинство. Па, понудете му го на народот сѐ ова што го правите во форма на изборна програма. Така е чесно. Гласањето на народот на тие предвремени парламентарни избори, нека биде референдум и ако добиете поддршка за таквата програма, спроведувајте ја.

И, на крај, да не заборавам повторно да Ви кажам. Ќе си одговорате! И за велепредавството и за криминалиите и за сите злодела. Ќе си одговарате сите до еден.

Колумна на Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ