четврток, 13. август 2020. Вести денес: 159
home Колумни

Трулеж на системот

Трулеж на системот

Пред десетина дена малку подзаборавениот инспектор Ѓорѓи Илиевски, кој се обиде да му се спротистави на хибридниот режим, сам без никаква помош, направи промоција на неговата книга „Терулеж на системот“, во кој ја опишува својата борба против актуелниот режим, во која и покрај надчовечките напори кои ги прави не може да победи. На промоцијата Ѓорѓи ги викнал сите медиуми и 30 гости според правилата на комисијата за борба против Корона вирусот. Се разбира, во ова „волнено време„ му дојдоа 7-8 гости и ниеден медиум. Затоа решив да напишам неколку збора за книгата, која ја отсликува суровата реалност во Македонија.

Всушност, неговиот случај е изнуден од хибридниот режим. Тој е пратен службено во Струга да изврши инспекција на Меѓународниот Универзитетот во доминантна сопственост на актуелниот градоначалник од редовите на ДУИ- Рамиз Мерко. Откако неправилностите биле утврдени, тој и неговиот колега биле нападнати од обезбедувањето на универзитетот. Револтирани од таквата постапка тие повикале медиуми и ги кажале работите кои им се случиле. Тука почнува неговата голгота. Институциите наместо да ги заштитат, инспекторот добил отказно решение затоа што се дрзнал да излезе на пред конференција, на која кажал дека еден од универзитетите работи противзаконски, а тој универзитет бил близок до еден од коалиционите партнери во власта. Тој презема повеќе правни дејствија и ја докажува својата невиност, а во почетокот е подржан од своите колеги во МОН, но подоцна и тие му свртеле грб, поради опасноста дека може и на нив нешто несакано да им се случи. Потоа доаѓа втората провокација со случајот на  Министерот за образование и наука, каде што тој е замолен изборот во звање на министерот, кој не бил во согласност со новиот закон за образование да го реши без оглед на тоа. Но инспекторот од искуството во првиот случај си помислил дека можеби му се подготвува местенка и педантно подготвените документи ги предал во ДКСК, каде што е утврден судир на интереси. Тука повторно почнуваат неговите проблеми. Институциите почнуваат да се повлекуваат, а тој е деградиран во понизок ранг и работата му е одземена, иако добил усмена поддршка и од домашни политичари и од странските амбасадори, пред се од Амбасадорот Кристијан Тимоние. Се разбира, претрпел и сериозни здравствени последици.

Овој дел и е релативно добро познат на јавноста, но тој истражувајќи како е возможно системот толку да не функционира за него дошол до одредени заклучоци дека истото апсолутно им се случува на сите. Ако некој се доведе во тешка состојба од страна на институциите на системот нема начин да си ги оствари своите права, што значи дека правната држава целосно не функционира.

Тој во својата книга се занимава покрај со своите проблеми и со тие на општеството. За да дојде до вистината тој се прашува дали во државата има демократија, па во еден дел пишува дека во македонското општество има многу незнаење, неискуство, произволности, импровизации, дека ние сме општество во кое зборот демократија толку многу се повторува што губи од своето значење. Поради тоа, во нашата држава не можеме да зборуваме за демократија, слобода или еднаквост, на поединецот му е одземена можноста  да се однесува во согласност со својата волја, да размислува самостојно, гласно и различно. Тоа особено се случува во последните неколку години, кога постојат вистински примери на луѓе, кои се осмелиле да се конфронтираат со власта или различно, “гласно”  размислуваат. Тие луѓе се омаловажуваат, шиканираат им се врши психолошка тортура, дури и се затвораат. Во ова едноумие, кое се случува кај нас, демократијата не може да функционира нормално, бидејќи критичките гласови се замолкнуваат.

Понатаму, тој пишува дека потребата од заштита и унапредувањето на основните човекови права и слободи е иста со владеење на правото, што води кон потребата од организирана власт, поделена на законодавна, судска и извршна, заради невозможност да ни се случува оно што сега го имаме, односно концентрирање на власта во рацете на еден државен орган и неговото самоволие. Кај нас не постои никаква контрола, односно “checks and balance”, па на моменти се добива впечаток дека власта е сконцентрирана во рацете на само еден човек.

Во Македонија постојат монтирани судски случаи, нарачани судски пресуди, нееднаков судски третман, нееднаквост на пред законите и Уставот, едноставно- неправичност. Затоа, на ваков начин не може да се обезбеди правна сигурност на граѓаните. Од тие причини наместо правна држава се воспоставува  полициската држава, тоа е држава на самоволие, во кој поединецот живее постојано контролиран од “горе”. Правото би требало да му служи на поединецот за понатамошно развивање на неговите способности и остварување на неговите интереси. Напротив, правниот поредок, честопати делува репресивно и деградирачки врз граѓаните.

Неговата порака е дека треба и понатаму да се бориме против неправдата, бидејќи работите сами од себе не се менуваат. Време е да научиме дека демократските навики не се наследни, туку треба да се практикуваат од секоја генерација. Само на таков начин можеме да ја оствариме нашата цел за влез во ЕУ.

Конечно тој порачува дека ако сакаме иднина на нашата држава, треба да ги применуваме овие принципи и никогаш, ама баш никогаш да не замолчуваме пред неправдата, бидејќи почетокот на смртта доаѓа кога ќе го сториме.

Јас би додал дека на 15-ти Јули ќе имаме шанса да го сториме тоа со масовна излезност на изборите, која ќе го запре самоволието, понижувањето, уништувањето на достоинството на поединецот, но и националната гордост, со енормното задолжување, односно економско ропство на граѓаните поради тоа, но и прашањето за опстанок на државата. За сите овие работи вреди да се излезе и да се порази оваа ненародна, насилно избрана власт, поради нашата иднина, поради младите генерации, кои сега се иселуваат.

Книгата е мала во неа хронолошки се дадени настаните кои му се случувале на инспекторот и може да послужи како водич за секој кој сака да се бори за остварување на своите права.

Проф. д-р Александар Даштевски

Коронавирус