Свет ПИК

Климатските промени ќе ја зголемат инфлацијата на храната

Инфлацијата предизвикана од климата влијае подеднакво и на богатите и на сиромашните земји.  Се очекува глобалното затоплување да влијае на инфлацијата на храната и на вкупната инфлација и во земјите со високи и со ниски приходи.

Климатските промени ќе ја зголемат инфлацијата на храната

Зголемувањето на температурите и екстремните временски настани се очекува да имаат глобално влијание на земјоделството. Според новата студија на Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам (ПИК), зголемените просечни температури би можеле да ја зголемат годишната инфлација на храната до 3,2 отсто годишно, а вкупната инфлација до 1,18 отсто годишно до 2035 година.

Во студијата, истражувачите наведуваат дека климатските фактори, како што се високите температури и екстремните врнежи, влијаеле на инфлацијата во историски контекст, но не направиле посебна анализа за тоа кои прехранбени производи најверојатно ќе бидат најмногу погодени.

„Откривме дека зголемувањето на температурите може да доведе до повисоки цени на храната, особено во топлите региони и годишните времиња“, рече д-р Макс Коц, еден од авторите на студијата.

„Во идните климатски услови, овие влијанија би можеле да станат големи – проценети на 1-3 процентни поени годишно врз инфлацијата на храната до 2035 година, загрозувајќи ги целите за стабилност на цените на централните банки, како што е ЕЦБ, која има за цел да ја задржи инфлацијата под 2 отсто“, додаде Коц.

Во исто време, вкупната инфлација може да расте во просек за 0,32-1,18 процентни поени секоја година на глобално ниво, се вели во студијата.

Зголемените или нестабилните цени ја загрозуваат економската и човечката благосостојба, како и политичката стабилност, се наведува во извештајот, цитирајќи податоци на ОН дека кризата на трошоците за живот во 2021-2022 година турна во  сиромаштија дополнително 71 милион луѓе ширум светот.

Инфлацијата предизвикана од климата влијае подеднакво и на богатите и на сиромашните земји.  Се очекува глобалното затоплување да влијае на инфлацијата на храната и на вкупната инфлација и во земјите со високи и со ниски приходи.

Инфлацијата расте како што растат температурите, а најсилно се јавува во лето и во топлите региони на пониски географски широчини, каде што ќе се задржи во текот на целата година. Поради оваа причина, според студијата, глобалниот југ, особено Африка и Јужна Америка, ќе бидат погодени во поголема мера.

Студијата внимателно го разгледува исклучително топлото европско лето во 2022 година, кога жештината и сушата имаа големо влијание врз земјоделството и економијата.

„Проценуваме дека исклучително топлото лето во 2022 година ја зголеми инфлацијата на храната во Европа за околу 0,6 отсто. Идното затоплување, прогнозирано за 2035 година, би го зголемило влијанието на ваквите екстремни настани до 50 отсто“, додаде Коц.  (МИА)

To top