Свет Киев

САД ја предупредуваат Украина да престане со нападите врз руската енергетска инфраструктура

Повторените предупредувања од Вашингтон беа упатени до високи функционери во украинската безбедносна служба СБУ и Дирекцијата за воено разузнавање, позната како ГУР, велат изворите. 

САД ја предупредуваат Украина да престане со нападите врз руската енергетска инфраструктура

САД ја повикаа Украина да ги запре нападите врз руската енергетска инфраструктура, предупредувајќи го Киев дека нападите со беспилотни летала ризикуваат да ги зголемат глобалните цени на нафтата и да предизвикаат одмазда, објави британскиот „Фајненшл тајмс“, цитирајќи три извори „запознаени со дискусиите“, пренесе БТА.

Повторените предупредувања од Вашингтон беа упатени до високи функционери во украинската безбедносна служба СБУ и Дирекцијата за воено разузнавање, позната како ГУР, велат изворите.

Русија останува еден од најважните светски извозници на енергија и покрај санкциите на Западот против нејзиниот сектор за нафта и гас. Цените на нафтата се зголемија за околу 15 отсто оваа година на 85 долари за барел, што ги зголеми трошоците за гориво додека американскиот претседател Џо Бајден ја започнува својата кампања за реизбор. Вашингтон, исто така, стравува дека ако Украина продолжи да ги напаѓа руските објекти, вклучително и многу лоцирани на стотици километри од границата, Русија би можела да возврати со напад на енергетската инфраструктура на која се потпира Западот.

-Ние не поттикнуваме и не овозможуваме напади на територијата на Русија, нагласи портпаролот на Советот за национална безбедност на САД.

-Ништо не го плаши актуелниот американски претседател како скокот на цените на горивото во изборна година, рече Боб Мекнали, претседател на консултантската компанија „Рапидан Енерџи“ и поранешен советник за енергија во Белата куќа.

Според еден од украинските функционери вклучени во планирањето и извршувањето на нападите, целта на „специјалните операции“ била да се прекине снабдувањето со гориво за руските војници и да се намали финансирањето за воените напори на Кремљ. Киев, исто така, сака да нанесе симболичен удар со приближување на војната до Москва и покажување дека нејзината воздушна одбрана – вклучително и оние околу Кремљ – може да биде пробиена.  (МИА)

To top