Рене Реџепи го напушти престижниот ресторан Нома, по лавината обвинувања од поранешни вработени дека ги малтретирал, физички ги напаѓал и создавал токсична работна средина во кујната. Oва е официјалната верзија, неофицијално пак, по скандалот Реџепи бил принуден од сопствениците да замине, со изговор дека самиот си оди.
„Извинувањето не е доволно. Ја преземам одговорноста за моите постапки… По повеќе од две децении градење и водење на овој ресторан, решив да се повлечам и да им дозволам на нашите извонредни лидери сега да го водат во неговото следно поглавје, порача готвачот со македонско потекло.
Токму вчера Нома требаше да отвори 16-неделен поп-ап ресторан во Лос Анџелес, со мени од 1.500 долари по гостин. Резервациите биле распродадени за само три минути. Но, по низата обвинувања до Реџепи за злоупотреба, повеќето корпоративни спонзори ја откажаа поддршката.
Реџепи го основаше ресторанот Нома во Копенхаген во 2003 година и беше главен готвач. Ресторанот има три Мишелин ѕвездички и пет титули најдобар ресторан во светот.