По две години, Мик Шумахер ќе го напушти Мерцедес, каде што беше резервен возач, а работеше на симулаторот и даваше повратни информации во текот на тестовите и на трките. Покрај обврските во Мерцедес, Шумахер се натпреваруваше и за Алпин во Светскиот шампионат во издржливост.
– Благодарен сум им на Тото Волф и на целиот тим на Мерцедес за увидот што го добив во изминативе две години. Тие, несомнено, ме направија поискусен возач, бидејќи подобро ја запознав инженерската страна. Но, да ги гледам овие болиди како се тркаат и да не седам во пилотската кабина, ми паѓа тешко. Сакам да се вратам со целосна концентрација на трките, сакам целосно да ѝ бидам посветен на спортската страна на мотоспортот – изјави 25-годишниот Шумахер.