Колумни колумна

ЗДРАВСТВО во вигилна кома

ЗДРАВСТВО во вигилна кома

Вигилна кома или ,, будна кома,, ( coma vigile, permanent vegetative state) е состојба на трајна вегетативна состојба која настанува после опсежни тешки трауматски или нетрауматски состојби, тешки дегенеративни или метаболни пореметувања на мозокот.

Се манифестира со тоа што пациентот изгледа дека е свесен, има отворени очи, меѓутоа, во стварноста нема никакви сознанија за себе и околината.

Баш во таква состојба се наоѓа македонското здравство во последните неколку години.

Не знам од каде да почнам со презентирање на состојбите кои го ,, красат, македонското здравство, а се резултат на оваа состојба.

Да почнам од времето на пандемијата со корона вирусот кога се доведовме во состојба кога сите имаа набавено вакцини за имунизација и интензивно ги вакцинираа своите граѓани, a ние моравме да просиме и да се молиме за вакцини кај нашите соседи за да ги вакцинираме барем здравствените работници кои беа во првите редови во борбата против невидливиот непријател.

Слабата, некоординирана и несоодветна организиција не искачи на неславното ,, прво,, место по смртни случаи во регионот.

Во контекст на справување со пандемијата да споменам дека ни се запали модуларна болница во Тетово во која живи изгореа 14 наши сограѓани кои таму се лекуваа. Виновник за оваа трагедија се уште нема. Единствен посочен виновник е продолжниот кабел.

Ни починаа неколку пациенти по болниците, за ниту еден случај немаме објаснување од надлежните државни институции. Умираа пациенти од компликации, интрахоспитални инфекции, недостаток на едуцирани и соодветни кадри. Истрагата по повеќето случаи уште не е завршена, виновници нема.
Условите за работа во болниците се под секое ниво, пациентите се жалат на лошите услови за сместување, храната мизерна, персоналот и покрај желбата и знаењето не може да пружи соодветна услуга.

Во континуитет има недостаток на основни медикаменти, лекови за хронични болни, пациенти со ретки болести. Проблемот не се решава, туку само повремено се ублажува , што создава несигурност кај пациентите.

Современата софистицирана апаратура набавувана низ годините претходно, не се одржува , често е вон употреба, состојба која создава големи редици на чекање за преглед, нервоза кај пациентите, потреба осигурениците да патуваат од еден град во друг или да доаѓаат во Скопје за најосновни клинички иследување.

На крајот ни се случи и скандалот на Клиниката за Онкологија кој е ,, смртоносен удар,, врз македонското здравство, и кој ќе остави трајни, далекусежни и тешко решливи последици . Довербата кај пациентите е крајно нарушена, случајот предизвика тешки потреси во целиот здравствен систем, опоравувањето ќе биде долго и макотрпно.

Се навраќам повторно на состојбата на вигилна кома за која постојат соодветни процедури кои можат да ја подобрат ваквата тешка состојба Тие траат долго време, потребни се големо трпение, посветеност и соодветна грижа за состојбата минимално да се подобри.

Истото му е потребно и на македонското здравство. Долготрајна, сериозна, домаќинска, стручна и професионална нега и лекување за да видиме некакво подобрување на моменталната катастрофална состојба.

 

Проф. Андон Чибишев

Теми на денот

To top