Свет Светска централна кујна

Велика Британија бара објаснување по смртта на британските хуманитарни работници во Газа

– Бараме од Израел итно да истражи што се случило, бидејќи јасно е дека има прашања на кои треба да се одговори, изјави Сунак.

Велика Британија бара објаснување по смртта на британските хуманитарни работници во Газа

Велика Британија го повика Израел „веднаш да ја истражи“ смртта на британски државјани во воздушен напад во Газа.

Британскиот премиер Риши Сунак изјави дека е „шокиран и тажен“ од извештаите дека седуммина хуманитарни работници од Светската централна кујна (WCK) биле убиени синоќа во Газа.

Се претпоставува дека меѓу убиените има тројца британски државјани, заедно со еден Австралиец, еден полски државјанин, еден американско-канадски двоен државјанин и еден Палестинец.

– Бараме од Израел итно да истражи што се случило, бидејќи јасно е дека има прашања на кои треба да се одговори, изјави Сунак за време на посетата на североисточниот дел на Англија.

– Моите мисли се со нивните пријатели и семејствата … Тие прават фантастична работа што им ги олеснува страдањата на многумина во Газа … Треба да бидат пофалени и поздравени за она што го прават … Треба да им се дозволи да ја вршат таа работа непречено и обврска на Израел е да се увери дека можат да го направат тоа, рече Сунак.

Министерот за надворешни работи Дејвид Камерон, рече дека Министерството за надворешни работи „работи на проверка“ на извештаите дека меѓу убиените хуманитарни работници има и британски државјани, додавајќи дека Владата сака „целосно, транспарентно објаснување за тоа што се случило“.

Конвојот беше погоден додека го напушташе складиштето во Деир ал Балах, каде што тимот истовари повеќе од 100 тони хуманитарна прехранбена помош однесена во Газа по море, соопшти WCK.

To top