Вести Свет

Судија од Џорџија отфрли неколку тужби против Трамп и негови соработници

Окружен судија денеска отфрли неколку тужби против поранешниот претседател Доналд Трамп и пет други лица поврзани со наводен обид да се поништат претседателските избори во Џорџија во 2020 година.

Судија од Џорџија отфрли неколку тужби против Трамп и негови соработници

Се работи за шест точки во комплексното обвинение од 41 точка. Од тие шест Трамп е обвинет според три. Лицата кои заедно со Трамп се обвинети се поранешниот шеф на неговиот кабинет Марк Медоус и адвокатите Руди Џулијани, Џон Истман, Реј Сталингс и Дејвод Чели. Сите се изјаснија за невини.

Во судската одлука се наведува дека државниот обвинител не успеал да прецизира какви неправилности имало и дека обвиненијата биле општи, поради што се отфрлени од страна на Судот.

Кривичниот прогон на Трамп во округот Фултон е еден од четирите што тој се соочува во федерални и државни судови.

Едно од судењата е закажано овој месец во Њујорк по обвиненијата дека тој фалсификувал документи поврзано со исплата на пари за да не се објави компромитирачка информација за него пред изборите во 2016 година.

Трамп е обвинет во уште во два федерални случаја поднесени од специјалниот обвинител Џек Смит во Вашингтон и во Флорида. Првиот е за наводните напори да се поткопа трансферот на власта по претседателските избори во 2020 година, другиот е за наводна злоупотреба на строго доверливи владини документи.

Трамп по сите случаи се изјасни за невин.

To top