Култура во Театар Комедија

Премиера на „Демнејќи го Годо“ од Драго Јанчар

Со „Демнејќи го Годо“, Јанчар ќе се претстави третпат пред македонската театарска публика, откако претходно, во 1986 и во 1990 година, во Македонскиот народен театар во Скопје и Народниот театар во Прилеп беше поставен текстот „Големиот брилијантен валцер“.

Премиера на „Демнејќи го Годо“ од Драго Јанчар

На малата сцена на Театар Комедија вечер премиерно ќе биде прикажана пиесата „Демнејќи го Годо“ од словенечкиот писател и драматург Драго Јанчар. Станува збор за прва копродукциска соработка меѓу Турскиот театар од Скопје и Театар Комедија, на која се работеше три месеци.

Режисерка на „Демнејќи го Годо“ е Сибел Авдиу, а во претставата играат Жаклина Стевковска-Дрнасин, Едмонд Сотир, Сузан Акбелге, Селпин Ќерим и Џенап Самет. Сценографијата ја изработи Луиџи Бејта, костимите се дело на Ивана Каранфиловска, кореограф на претставата е Александра Кочовска-Начева, а автор на музика е Аљбин Сопа.

Режисерката Сибел Авдиу изјави дека делото „Демнејќи го Годо“ на Драго Јанчар, коешто може да се каже дека е еден вид парафраза на апсурдната класика „Чекајќи го Годо“, прикажано во едно поинакво време и во поинаква средина, се занимава со стравот, сомнежот и контролата на општеството со помош на тие механизми и го обликува постоењето на човекот.

-Но, без разлика на тоа што овој драмски текст е сериозен во однос на тематиката, сепак мајсторијата на Јанчар е во тоа што успеал сето тоа да го покаже низ една призма на апсурдни ситуации, кои сами по себе може да се толкуваат и како комични, а во суштината се трагични. Со оглед на тоа што ова е прва копродукција помеѓу НУ Театар Комедија и НУ Турски театар Скопје, кои долги години делат ист покрив, работев со Жаклина Стевковска и Едмонд Сотир од Театар Комедија, и Џенап Самет, Селпин Керим и Сузан Акбелге од Турски театар кои првпат се споија во овој проект, а самата соработка ни донесе многу креативен и забавен процес, изјави Авдиу за предизвикот да се работи на оваа пиеса на Јанчар.

Со „Демнејќи го Годо“, Јанчар ќе се претстави третпат пред македонската театарска публика, откако претходно, во 1986 и во 1990 година, во Македонскиот народен театар во Скопје и Народниот театар во Прилеп беше поставен текстот „Големиот брилијантен валцер“.

„Демнејќи го Годо“ е четврта премиера на Театар Комедија во 2023 година. Оваа година, Театар Комедија ќе ја затвори со уште една премиера, „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ. „Череп во Конемара“ ќе биде јубилејна, 40-та претстава на Театар Комедија од неговото основање во 2011 година.

To top