Колумни Ѓорѓија Сајкоски

Криминалот, корупцијата, државата и одговорноста

Една влада, која сега за среќа е во процес на промена, ветуваше драстично подобрување и битка со корупцијата, но наместо тоа индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2023 година Македонија се ноѓа на 76 место со 42 поени.

Криминалот, корупцијата, државата и одговорноста

Кога би се баралa една и единствена причина поради која и најмоќните империи пропаднале и пропаѓаат прво место би се отстапило на човековата алчност со сигурност.

Таа се јавува прва, а институционално се манифестира преку корупцијата и криминал. Кај нас во Македонија се повеќе е присутен институционалниот организиран криминал. Корупцијата и криминалот често се испреплетени и одат рака под рака, односот меѓу нив создава еден маѓепсан круг. Организираниот криминал го поткопува интегритетот на институциите, а корупцијата ја ослабува способноста на властите ефикасно да се борат против криминалните активности. Како такви појави, тие непрестано се шират од претпријатие до претпријатие, од институција на институција додека не дојде нова власт да го прекине ланецот на ширење и да ја стави ситуацијата под контрола.

Корупцијата претставува сериозна закана за благосостојбата на државите, предизвикувајќи широка штета во економската, социјалната и политичката сфера. Нејзините корозивни ефекти се очигледни во распределба на ресурсите, задушениот економски раст и ослабеното владеење на правото. Како што институциите еродираат и довербата на јавноста се намалува, нееднаквоста се зголемува, основните услуги страдаат и се наѕира политичка нестабилност. Корупцијата не само што го попречува развојот и правичноста во една нација, туку и го нарушува нејзиниот меѓународен углед. За да се поттикне праведно и просперитетно општество, борбата против корупцијата е императив, бидејќи таа ги поткопува самите основи врз кои се градат стабилни, правични и просперитетни држави.

А кој пак би требало да се погрижи за тоа корупцијата и организираниот криминал да бидат ставени под контрола?

Загрижувачки е за нас како држава што покрај силните критики кои ние како опозиција ги упатуваме константно кон владата за корупцијата и криминалот, истите не резултираат со реакција, ние кога укажувавме нема постапувања. Но овој период и нашите сојузници од ЕУ и САД зачестија со критиките и барањата владата предводена од СДСМ и ДУИ да стави крај на корупцијата и криминалот. Но наместо да се спречи понатамошна штета и поголем грабеж, власта се мотивира уште повеќе да оди во погрешна насока. Гледајќи ги извештаите од ДЗР ќе се потврди сомнежот дека премногу средства се украдени од граѓаните и се прелеани во неколку функционерски џебови на луѓето од власта. Нереализираните отпочнати проекти во инфраструктурата, патишта оставени да се распаѓаат, безброј анекси и залудно фрлени пари, ова е единствената влада која не може да се пофали со реализиран проект.

Лошото менаџирање во здравството доведе до опаѓање на кадровскиот потенцијал, но и дел од болниците одвај функционираат и се во фаза на распаѓање поради негрижа. Енергетиката е посебна приказна на оваа влада, тука преседан е кредитот кој го земаа минатата година во висина од 120 милиони евра. Кратко потоа истата година следеше префрлање на средства со приближна сума на кредитот на сметка на битолска фирма за ископ на јаглен. Образование во хаос без концепт, без размислување за развој и следење на европски и светски трендови. Дигитализација на институциите нема, нови инвестиции и работни места нема. Денес кога зборуваат за нови работни места слободно нека погледнат во Заводот за статистика и ќе видат дека имаме 50.000-60.000 илјади вработени помалку од пред шест години.

Една влада, која сега за среќа е во процес на промена, ветуваше драстично подобрување и битка со корупцијата, но наместо тоа индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2023 година Македонија се ноѓа на 76 место со 42 поени.

Тука и лежи одговорот на прашањето кој треба да се погрижи корупцијата и организираниот криминал да бидат ставени под контрола. Нам не ни се потребни нови институции, алатки, мерки и стратегии. Веќе имаме и повеќе од доволен број алатки кои само фигурираат на хартија и во теорија. Практично се потфрла да се спроведе тоа што не дели од колективен успех, не само институционално туку и генерално на целата држава. Нам ни е потребно ново раководство на државата, кое ќе плени со самосвест. Сигурно на сите ни е добро позната онаа старата “рибата смрди од главата” Потребна ни е нова глава која со својата самосвест ќе пристапи кон реални правни реформи, ќе ги зацврсти институциите по тие начела, ќе спроведува активна транспарентност и одговорност, не затоа што мора туку затоа што сака и затоа што тоа е исправно кон електоратот и е форма на оддолжување за пружената доверба.

Во спротива, последиците од повторно потфрлање на овој план, во борбата против криминал и корупција, можат да се кобни, повторно. Дали може да се добројат жртвите на корумпираната власт во Македонија?

Со голема сигурност жртви на корумпирана и криминална власт сме сите ние. Затоа и сите ние имаме одговорност во борбата. Би можело да се пишува во томови за цутот на криминалните дејности овие седум години. Но пишувањето не е доволно, потребно е секое прекршување на законот да биде адекватно санкционирано. Потребни се здрави институции кои ќе го увидат прекршувањто на законот и ќе го спроведат санкционирањето. А за сето тоа се потребни политичари кои не се корумпирани, укажувам на новата потстава политичари кои пред се се морални родољуби. Повторно укажувам одговорност мора да има и ќе има за секој кој се огрешил и направил криминал.

Имајќи го предвид сето горенаведено, на 24 април и 8 мај 2024 година држејќи го пенкалото, да се присетиме на миг на сите криминали на СДСМ-ДУИ пред да донесеме финална одлука. Бидејќи за Македонија се работи а за нашите деца се однесува.

To top