Македонија АСОМ

Евроамбасадорот Гир ја потврди злоупотребата на европското знаменце со кој се турка и Законот за игри на среќа

Денешната изјава на евроамбасадорот Дејвид Гир кој на прес-конференција по вчерашното објавување на извештајот на Европската комисија за напредокот на македонските евроинтегративни процеси ја истакна несоодветната употреба на европското знаменце во земјава, уште еднаш ги потврди ставовите на АСОМ дека предлог Законот за игри на среќа во Собранието се турка насилно со злоупотреба на европското знаменце.

Евроамбасадорот Гир ја потврди злоупотребата на европското знаменце со кој се турка и Законот за игри на среќа

На денешната прес-конференција евроамбасадорот Гир потенцираше дека во контекст на Собранието извештајот забележува прекумерна и некогаш несоодветна употреба на забрзаните процедури, повикувајќи на основното начело дека ЕУ знаменцето треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е да се усогласат со ЕУ нормите и стандардите, а не да се скрати дебатата за важни прашања.

Длабоко сме загрижени што и покрај апелите од Европската Унија да не се врши злоупотреба на европско знаменце за скратување на дискусија при носење важни закони праксата во нашата држава продолжува и тоа за предлог Законот за игри на среќа кој ќе и нанесе непоправливи штети на нашата земја.

Слична беше препораката и во Извештајот на Европската Комисија за Македонија за 2022 година каде се истакнува дека „Потребно е правилно планирање и консултации за да се ограничи употребата на скратени постапки за да се овозможи ефективна контрола и разгледување на законодавството“, но властите во нашата земја за жал остануваат глуви на препораките кои не се во нивна корист.

Иако ЕУ во Извештајот за напредокот на Македонија објавен во 2021 година, забележа дека „Суштинските закони се носат по скратени процедури и со знамето на ЕУ што го скратува рокот за дебата“, државата упорно продолжува да го турка предлог Законот за игри на среќа кој ќе остави катастрофални последици за целото општество со тоа што повеќе од 10.000 директно вработени и 54.000 индиректно поврзани граѓани со индустријата ќе останат без приход и работа, а државниот буџет без повеќе од 280 милиони евра.

Посочуваме и дека евроамбасадорот Гир на почетокот на годината кога АСОМ се обрати за поддршка од ЕУ, јасно апелираше дека европското знаменце треба да се употребува само кога се во прашање закони што се поврзани со европските норми и стандарди, но не и да се користи за да се избегне јавната дебата при носењето на важни закони.

Нашата Асоцијација во повеќе наврати истакна дека Законот за игрите на среќа и забавните игри не подлежи на обврска за усогласување со донесена ЕУ Директива. Членките на Европската унија немаат усогласено и донесено Директива која е правно обврзувачка за членките на Унијата и која истовремено ќе преставува обврска за пристапните членки на ЕУ да ја транспонираат таа директива во сопственото законодавство.

Бараме Владата да ја послуша јасната порака која доаѓа од Европската Комисија и да престане со деструктивни чекори да ја уништува иднината на државата.

Како Асоцијација бараме и итно повлекување на предлог Законот за игри на среќа кој насилно се турка со европско знаменце.

Најнови вести од Македонија

To top