Култура Нема крај на драмата

ДПМ: Поради немање кворум не се одржа продолжението на Вонредното изборно собрание

Вонредното изборно собрание претходно требаше да се одржи на 25 ноември 2023 година, но исто така не се одржа поради немање кворум за работа.

ДПМ: Поради немање кворум не се одржа продолжението на Вонредното изборно собрание

Пропадна и вториот обид за продолжување на Вонредното изборно собрание на Друштвото на писателите на Македонија откако повторно денеска немаше кворум.

Од ДПМ информираа дека продолжението на седницата на Вонредното изборно собрание закажано за денеска во 11 часот не се одржа поради немање кворум.

Вонредното изборно собрание претходно требаше да се одржи на 25 ноември 2023 година, но исто така не се одржа поради немање кворум за работа.

За оваа седница останува важечка кандидатурата на писателот Мирче Нешовски за претседател на ДПМ.

Повикот за кандидатури за претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ беше објавен на 20 октомври минатата година, а рокот за доставување на кандидатурите беше до 4 ноември, при што со кандидатури се јавија шест кандидати.

Од четворицата кандидати за претседател на ДПМ, досега се откажаа тројца. Блаже Миневски, на 22 јануари, Живко Грозданоски ја повлече својата кандидатура на 20 ноември лани, поради друг личен ангажман, а Гоце Ристовски се откажа на 13 ноември, поради разединетост на членството.

Писателот Блаже Миневски преку соопштение образложи дека ја повлекува кандидатурата поради непроменетата состојба во врска со избирачкиот список, начинот на (не)информирање на членството и неисплатените патни трошоци на членовите од внатрешноста што присуствуваа на Вонредното собрание, како и поради информациите во врска со нелегитимноста на изборните процеси и раководењето на ДПМ што се појавија во јавноста.

Тој додаде дека Писателската асоцијација на Македонија за првпат во своите 77 години се наоѓа на чекор од самоукинување. ДПМ, како што вели, мора да фати приклучок со новото време, излегувајќи од бездната во кое е фрлено свесно или несвесно во изминатиот период.

За претседател на Собранието на ДПМ, кандидатурите ги повлекоа Стефан Марковски и Иван Антоновски.

Писателот Иван Антоновски образложувајќи ја својата одлука за повлекување на кандидатурата, соопшти дека се надева оти ќе успее да спречи заедничките заложби за консолидација на ДПМ да бидат вовлечени во евентуални натамошни случувања што би немале правен легитимитет и дополнително би му наштетиле на Друштвото.

И писателот Стефан Марковски изрази жалење што внатрешните поделби, ниските конфронтации за добивање позиции по секоја цена, а со тоа и влијание, дури и буквална злоупотреба на потписите на дел од членовите дополнително го деградираат реномето на ДПМ. (МИА)

Поврзани теми

To top