Вести

Вонредната состојба во Турција продолжена за уште три месеци

Парламентот на Турција денеска соопшти дека ја продолжува вонредната состојба во земјата за уште три месеци.

Продолжувањето на вонредната состојба беше поддржано од страна на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и опозициската Партија на националистичкото движење (МХП).

По минатогодишниот обид за државен удар, во Турција беше воведена вонредна состојба, која досега беше продолжувана во неколку наврати, а чии рок истекува на 19 октомври.

За неуспешниот обид за преврат, што се случи во текот на ноќта на 15 јули, турски власти го обвинуваат исламистичкиот проповедник Фетухах Ѓулен, кој живее во доброволен егзил во САД.

Досега турските власти отпуштија од работа над 150.000 лица кои беа вработени во државниот сектор и војската, а беа уапсени над 50.000 лица, кои се осомничени за поврзаност со огранизацијата на Ѓулен.

Главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) и курдската Народна демократска партија (ХДП) се противат на вонредната состојба.