Вести

ВИДЕО: Уапсен маж откако бутнал жена пред автобус

Еден 50-годишен маж е уапсен во Лондон, затоа што додека џогирал, турнал жена-пешак која му се „испречила“ на патот, право пред градски автобус што се движел во спротивната насока.

Само големата присебност на возачот, помогнала жената да не биде прегазена, па таа од падот поминала само со полесни повреди.

Инцидентот се случил уште пред три месеци, на фреквентниот мост „Патни“, пред голем број сведоци- патници во автобусот и многу пешаци, но апсењето било одложувано затоа што полицијата досега не можела да го утврди идентитетот на нервозниот и арогантен џогер.

Неговиот идентитет, кој полицијата засега не го открива, бил утврден со помош на сведоци и откако биле детално прегледани снимките од внатрешните камери во автобусот и од оние поставени на мостот.

Снимките ја покажуваат грубоста на човекот кој ладнокрвно ја отурнува 33-годишната жена од тротоарот по кој се движела, на коловозот.

Полицијата емитуваше на интеренет делови од снимките, барајќи помош за да се открие џогерот, предизвикувајќи бурна реакција на социјалните мрежи.

Уапсен е во неговата куќа, во отмениот кварт „Челси“, но по сослушувањето е ослободен со кауција и тој ќе мора да се јави одново во полицијата.

Сведоците изјавиле за лондонските медиуми дека по 15 минути од инцидентот во кој учествувал, човекот се вратил трчајќи на истиот мост и на истото место, каде се уште била жената што ја отурнал.

Таа побарала да разговара со него, но тој само рекол дека не ја познава и продолжил да трча.