Вести

Уапсени 40 трговци со луѓе, 500 лица се спасени во Западна Африка

Четириесет лица се уапсени, а 500 се спасени по разбивање синџир за трговијата со луѓе ширум Западна Африка, објави денеска меѓународната полициска организација Интерпол.

Акцијата предводена од Интерпол доаѓа во услови кога меѓународната заедница инсистира на истрага по објавените снимки од Африканци кои се продаваат како робови во Либија.

Интерпол соопшти дека околу 500 лица, вклучувајќи и 236 малолетници, биле спасени во истовремени операции во Чад, Мали, Мавританија, Нигер и Сенегал. Уапсени се 40 осомничени шверцери.

– Резултатите од оваа операција го потенцираат предизвикот со кој се соочуваат полициските служби и сите засегнати страни во решавањето на трговијата со луѓе во регионот Сахел, изјави координаторот на операцијата Иносентиа Апово.

Четириесетмината уапсени се соочуваат со гонење за кривични дела, меѓу кои трговија со луѓе, принудна работа и експлоатација на деца.

– Тие се обвинети за присилување на жртвите на принудна работа, и тоа од питачење до проституција, воедно воопшто не водејќи сметка за условите за работа или човечките животи, се наведува во соопштението на Интерпол.