Вести

Трамп денес го признава Ерусалим за престолнина на Израел: Палестинците се закануваат, дали е на повидок нова војна на Блискиот исток?

Американското признавање на Ерусалим како престолнина на Израел, би ги загрозило мировните напори на Белата куќа на Блискиот исток, предупредил вчера палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Американските власти најавиле дека претседателот на САД, Доналд Трамп, денес ќе го признае Ерусалим за претстолнина на Израел и Стејт Департментот ќе издаде налог да започне повеќегодишен процес за преселување на американската амбасада од Тел Авив во светиот град.

Неименувани службеници велат дека признавањето на Ерусалим како израелска престолнина ќе биде признавање на “историската и сегашната реалност”, а не политичко соопштение, пренесува Guardian.

Тие укажуваат дека речиси сите агенции на Израелската влада и парламентот на Израел се наоѓаат во Ерусалим, а не во Тел Авив, каде се наоѓа амбасадата на САД и амбасадите на другите земји.

Преселувањето на американската амбасада, кое Трамп го ветил во текот на предизборната кампања и на чие спроведување инсистира, нема да се реализира веднаш, нагласиле истите службеници, кои барале да останат неименувани, бидејќи не се овластени јавно да зборуваат на таа тема пред официјалното соопштение на Трамп.

Американското признавање на Ерусалим како престолнина на Израел, би ги загрозило мировните напори на Белата куќа на Блискиот исток, предупредил вчера палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Израел го смета Ерусалим за своја престолнина, на што голем дел од светот се противи, наведувајќи дека неговиот статус би требало да биде одреден во мировните преговори. Палестинците го гледаат источниот дел од градот како своја идна престолнина.

Можноста САД да го признаат Ерусалим како престолнина на Израел вчера ја прокоментирал и претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, кој предупредил дека, во тој случај, Турција ќе биде принудена да ги прекине сите односи со Израел.

Истовремено, францускиот претседател Емануел Макрон, му ја пренел загриженоста на американскиот претседател поради можноста САД еднострано да го признаат Ерусалим како престолнина на Израел, соопштиле од кабинетот на Макрон.